Свет
Командант на Хамас пребегал во Израел со доверливи документи
Висок воен командант на Хамас пребегал во Израел откако беше откриено дека соработува со еврејската држава како шпион, објави саудискиот канал „Ал Арабија“.
Според извештајот, во кој се наведуваат палестински извори, пребегантиот бил поморски командант задолжен за нуркачката единица на бригадите „Изз ад-Дин ал-Касам“ – воено крило на Хамас.
Според палестинскиот весник „Амад медиа“, командантот избегал од Појасот Газа управуван од Хамас на израелски поморски брод и со себе понел пари, опрема за набудување и лаптоп со класифицирани, опасни документи.
Повеќе од 16 апсења беа извршени од лидерите на Хамас, кои се во „состојба на хистерија“, се вели во извештајот. Министерството за внатрешни работи на Хамас во неделата остро ги негираше извештаите.
„Ги отфрламе фабрикуваните шпекулации објавени од ‘Ал Арабија’, кои му припишуваа изјави на Министерството за внатрешни работи за апсење на неколку членови на Хамас под обвинение за соработка со Израел. ‘Ал Арабија’ практикува измама и работи на ширење шпекулации и лаги “, се вели во изјавата на терористичката група со седиште во Газа.
Во април, Хамас соопшти дека уапсил голем број Палестинци кои шпионирале за Израел. Еден од нив беше активист за мир, кој воспоставил повик на платформата „Зум“ со Израелците, а беше уапсен под обвинение за предавство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хезболах истрела 150 ракети кон Израел
Низ Израел се огласија сирените, по што следеа неколку ракетни напади од правец на Либан, во кои беа ранети неколку лица, соопшти израелската армија.
Проиранската милиција Хезболах истрела приближно 150 ракети, принудувајќи ги цивилите во засолништата во централниот и северниот дел на Израел, вклучувајќи го и Тел Авив.
Војската објави дека за само неколку минути биле истрелани околу 30 проектили кон крајбрежниот град Хаифа и западната Галилеја, но некои од нив биле пресретнати. Во нападите наводно биле ранети неколку лица.
Нападите се случија еден ден по израелскиот воздушен напад врз Бејрут, според либанските власти, во кој загинаа најмалку 20 лица.
Регион
Трагедија на забава, еден загинат откако рачна бомба експлодирала во раката на 25-годишно момче во Хрватска
Забава во подрум во Книн во Хрватска завршила со експлозија на рачна граната. Загина 25-годишен маж, а тешко се повредени двајца млади на возраст од 25 и 23 години, една девојка на 21 година и еден малолетник.
Полицијата во саботата во 23 часот добила дојава дека ескплодирала непозната експлозивна направа. По увидот било утврдено дека се работи за рачна граната М-75.
„Од спроведените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба од станот што го користел за време на забавата донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Поради нестручно ракување дошло до несакано активирање на рачна бомба во раката на починатиот 25-годишник“, се вели во полициското соопштение.
Полициски службеници ја продолжуваат кривичната истрага за утврдување на околностите за набавката и поседувањето на споменатата минска експлозивна направа.
Европа
Снежната бура остави без струја околу 33.000 домаќинства во Франција
Околу 33.000 домаќинства останаа без струја вчера во Франција, главно во Нормандија и долж реката Лоара на запад, поради бурата Каетано што го зафати регионот, соопшти компанијата „Енедис“, која управува со електричната мрежа.
„Во 13 часот 33.000 домаќинства останаа без струја“, соопшти мрежата, додавајќи дека најпогодени домаќинства се во Нормандија (15.000 домаќинства) и околу реката Лоара (12.000 домаќинства).
Невремето предизвика прекини на многу сообраќајни правци, а влијаеше и на железничкиот сообраќај.
Мобилизирани се 2.200 техничари за да ги отстранат нарушувањата и да обезбедат електрична енергија, по налетот на бурата што предизвика врнежи од снег и брзина на ветер до 130 километри на час.