Свет
„Фејсбук“ размислува за забрана за политичко рекламирање пред изборите во САД

„Фејсбук“ размислува за забрана за политичко рекламирање на својата социјална мрежа пред претседателските избори во САД во ноември. Ова го тврдат луѓето запознаени со можностите во таа компанија, пренесува „Ројтерс“.
Како што е наведено, за усвојувањето на одлуката за забрана на политичко рекламирање сè уште се разговара.
„Забраната за политичко рекламирање би можела да помогне да се запре ширењето лажни вести поврзани со изборите, од една страна, додека постои загриженост дека забраната за политичко рекламирање на ‘Фејсбук’ би наштетила на компанијата и во исто време би ја ограничила можноста на кандидатите да одговорат на раширените вести и новите информации“, пренесува агенцијата.
Ова би било голема промена за „Фејсбук“, кој досега се придржуваше до политика на непроверување на фактите презентирани од политичарите или за време на нивната кампања.
„Фејсбук“ е важна платформа за политичарите, особено во време кога многу луѓе остануваат дома, а класичните кампањи и собири претставуваат потенцијален ризик по здравјето поради пандемијата на Ковид-19.
Еден од поранешните директори на „Фејсбук“, Алекс Стамос, процени дека забраната за политичко рекламирање на таа социјална мрежа пред изборите во САД може да биде корисна за досегашниот претседател Доналд Трамп.
„Елиминирањето на политичкото рекламирање на мрежите ќе им користи само на оние кои имаат пари и можност за рекламирање во медиуми“, рече Стамос на својот профил на Твитер.
Политичкото рекламирање е многу мал дел од бизнисот на „Фејсбук“. Во претходните 90 дена Трамп и Бајден потрошија вкупно 29,2 милиони долари на рекламирање на социјалните мрежи, додека „Фејсбук“ во последниот квартал имаше заработка од над 17 милијарди долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Аеродромот во Загреб затворен за сообраќај – мал авион слета надвор од пистата

Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион од типот Cessna 525.
Леталото проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.
Свет
Масовни протести во Шпанија против корупција

Повеќе од десетици илјади луѓе се собраа денес во Мадрид на демонстрации организирани од главната конзервативна опозициска партија, против владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, обвинувајќи ја за корупција.
Демонстрантите се собраа на Шпанскиот плоштад во центарот на главниот град, велејќи му на Санчез да „поднесе оставка“.
Народната партија го свика собирот откако протечените аудио снимки наводно покажуваат дека член на Социјалистичката партија води кампања за клевета против полициска единица што истражува обвинувања за корупција, во која наводно се вклучени сопругата, братот и поранешната десна рака на Педро Санчез.
Социјалистичката членка ги негираше обвинувањата, кажувајќи им на новинарите дека спроведувала истражување за книгата и дека не работи во име на партијата или на Педро Санчез, а потоа ја напуштила Социјалистичката партија.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за „мафијашки практики“ во аферата, тврдејќи дека Санчез е во центарот на повеќе корупциски скандали.
Народната партија процени дека повеќе од 100.000 луѓе присуствувале на денешниот митинг под слоганот „Мафија или демократија“.
Владин претставник во Мадрид процени дека на демонстрациите имало помеѓу 45.000 и 50.000 луѓе.
Свет
Тропската бура Барбара се формираше покрај брегот на Мексико

Тропската бура Барбара се формираше покрај југозападниот брег на Мексико, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами рано утрово. Не се издадени предупредувања за крајбрежна опасност.
Брзината на ветерот беше околу 75 километри на час со повремени силни налети. Се очекува бурата да прерасне во ураган во понеделник.
Во делови од мексиканските држави Гереро, Мичоакан, Колима и Халиско можни се обилни врнежи од дожд од 5 до 10 сантиметри, а на некои места и до 15 сантиметри. Врнежите од дожд можат да доведат до поплави и лизгање на земјиштето.