Свет
Русија за годинава планира масовно производство на вакцина против коронавирус
Русија планира годинава да произведе 30 милиони дози експериментална вакцина против Ковид-19, со можност за производство на уште 170 милиони во странство, изјави за „Ројтерс“ Кирил Дмитриев, директор на рускиот Фонд за директни инвестиции.
Првото испитување на вакцината кај луѓето, кое траеше еден месец и во кое учествуваа 38 лица, заврши неделава. Научниците заклучиле дека е безбедно да се користи и дека предизвикува имунолошки одговор, иако силата на тој одговор е сè уште нејасна.
Поголема, трета фаза од испитувањето, во која ќе учествуваат неколку илјади лица, треба да почне во август, рече Дмитриев.
„Веруваме дека врз основа на сегашните резултати, вакцината ќе биде одобрена во Русија во август, а во некои други земји во септември… што значи дека може да стане прва одобрена вакцина во светот“, рече тој.
Повеќе од 100 можни вакцини се развиваат во обид да се запре пандемијата. Најмалку две се во последната трета фаза на човечки испитувања, според Светската здравствена организација (СЗО). Едната ја развива кинескиот „Синофарм“, а другата „АстраЗенека“ и Универзитетот Оксфорд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавени имињата на сопружниците кои загинаа враќајќи се од Германија, братот на починатиот е во кома
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово на автопатот Белград- Ниш, во близина на клучката Умчари, две лица го загубија животот, додека друг патник е итно однесен во болница со тешки повреди.
Познато е дека во возилото на несреќата биле двајцата браќа Назим и Шкелзен Авдиу, како и сопругата на Шкелзен.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.

