Македонија
ОБСЕ/ОДИХР: Предвремените парламентарни избори беа добро организирани и покрај пандемијата
Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија, генерално, беа добро спроведени и кандидатите можеа слободно да водат изборна кампања, но правната сигурност беше поткопана поради значајни промени на законската рамка и последователните владини уредби со законска сила, велат набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР во денешната изјава.
„Ова се многу предизвикувачки времиња за одржување избори и ги препознаваме напорите на властите да се приспособат на новите околности“, рече Лаима Андрикиене, шефицата на СМПИ на ОДИХР. „Сепак, постојат неразјаснети прашања за Изборниот законик и процеси што често доведуваа до политички договори во последен миг. Властите треба да посветат сериозно внимание на овие прашања подолго време пред одржувањето на следните избори“.
Ресиси 1,8 милион лица имаа право на глас на вчерашните предвремени парламентарни избори, кои беа одложени поради пандемијата предизвикана од Ковид-19. Изборната администрација ја заврши својата работа во рамките на законските рокови и покрај компликациите предизвикани од суспендирањето на изборниот процес. Денот на гласање помина мирно и покрај одредени технички предизвици поврзани со известувањето за резултатите. Сепак, долгогодишните структурни прашања поврзани со составувањето на Избирачкиот список останаа неадресирани.
Законската рамка беше суштински изменета непосредно пред распишувањето на изборите, што е спротивно на меѓународните добри практики. Континуираните неконзистентности и двосмислени формулации ја поткопуваат правната сигурност и сè уште им е потребна суштинска ревизија.
Кандидатите имаа можност вистински да се натпреваруваат и да ги пренесат пораките, иако кампањата се карактеризира со негативна реторика на сметка на суштински дискусии за политики. На медиумското известување за изборите, генерално, му недостигаше критичка анализа на платформите, а правилата за политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми политички партии. Специјалната мисија за процена на изборите (СМПИ) на ОДИХР во Северна Македонија почна со работа на 19 јуни и ќе заврши на 23 јули. СМПИ се фокусира на прашања идентификувани од страна на Мисијата за процена на потребите на ОДИХР со цел да процени во која мерка изборите беа спроведени во согласност со заложбите на ОБСЕ и други меѓународни стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

