Македонија
Коалицијата на Бачев и Кекеновски поднесе кривични пријави против членовите на ДИК

Коалицијата „Никогаш северна, само Македонија“, преку Јове Кекеновски како нејзин претставник, поднесе кривични пријави против претседателот на Државната изборна комисија, Oливер Дерковски, и другите членови на Комисијата, поради тоа што на гласачкото ливче, наместо официјалното поднесено и прифатено име на коалицијата, стоело името на политичката партија Единствена Македонија.
Од коалицијата сметаат дека со ова се направени кривични дела повреда и злоупотреба на избирачкото право, повреда на слободата на определувањето на избирачите и измама.
„Со наведувањето на името на само една политичка партија наместо на целата коалиција, избирачите свесно се доведени во заблуда да не гласаат за оваа коалиција, која ја сочинуваат неколку субјекти (партијата Единствена Македонија и здруженијата на граѓани ФРОДЕМ, ‘Тврдокорнте’ и ‘Ветерните на ВМРО 1990’), со што е извршена повреда и злоупотреба на избирачкото право на избирачите; повреда на слободата на определувањето на избирачите, како и измама на избирачите, сè со цел да не гласат за реален учесник на изборите“, објаснуваат од „Никогаш северна, само Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката е потврда дека режимот се врати

Бруталниот упад на полицијата во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, е уште една потврда дека режимот се врати, велат од СДСМ.
Според нив, ова е сликата на секој режим, полиција ставена во функција на политички притисок и незаконско разрешување на директорка во средно училиште, со единствена цел пред избори да постават партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега на граѓаните им е кристално јасно зошто беа измените на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи кои ги спроведе Панче Тошковски, за целосна партизација на полицијата, политички прогон и злоупотреба во партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата станува продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, а жртви се граѓаните . Денеска е директорка на средно училиште утре некој друг“, велат од партијата.
СДСМ бара веднаш да престане, како што велат, бруталниот притисок и незаконското разрешување на директорката Маја Лозановска.
„Законите мора да се почитуваат без разлика за кого станува збор. Бараме одговорност од сите кои ја извршуваат оваа незаконска постапка и кои дозволија ставање на полицијата во служба на политички прогон“, велат од СДСМ.
Ваквата реакција доаѓа откако на социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште во Демир Хисар и вербална расправија меѓу него и синот на жената.
Македонија
(Видео) Началник бара Итната помош на носилка да однесе директорка на информативен разговор во станица

На социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште во Демир Хисар и вербална расправија меѓу него и синот на жената.
Началникот се слуша прво како вели дека е дојден да изврши претрес во домот на директорката, а после кажува дека таа треба да се јави на информативен разговор во полициска станица.
Во дворот на куќата е и екипа на Брзата помош, која му кажува на началникот дека жената има висок крвен притисок, а тој предлага на носилка да ја однесат во станица на информативен разговор по извршениот претрес.
На видеото се слуша како синот вика „Една мајка имам“, а на местото на настанот е и адвокатот на жената. Синот му објаснува на началникот дека кога ќе и заврши боледувањето на мајка му ќе дојде во полициска станица, но началникот инсиситира дека тоа мора да биде во моментот.
Во врска со видеото, од Обвинителството соопштија дека Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај.
„Поради сомненија за кривично дело – Фалсификување и уништување деловни книги, Министерството за внатрешни работи – ОВР Демир Хисар од Основното јавно обвинителство Битола побара издавање Наредба за претреси на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавено лице. Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети се уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, се наведува во соопштението.
Македонија
Се очекува Гаши денеска да ги распише изборите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска се очекува да ги распише локалните избори, иако се уште нема официјална потврда.
Ова ќе бидат осми локални избори по ред од независноста на државата.
Утрешниот ден всушност е и последниот рок за распишување на изборите кои, според најавите треба да се одржат на 19 октомври, а доколку има втор круг за градоначалници гласањето ќе биде на 2 ноември.
На локалните избори, граѓаните ќе бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.
Вкупниот буџет за одржување на локалните избори 2025 изнесува 9 милиони и 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и платеното политичко рекламирање.