Свет
Случаен минувач спречил испламистички напад во Париз прегазувајќи го напаѓачот
Француската полиција уапсила 32-годишен маж во проблематичното париско предградие Сен-Сан Дени по неуспешниот обид за напад на присутни на забава со нож и со полуавтоматска пушка, пренесува „Ле Паризиен“.
Обидот за напад се случил околу 7 часот наутро во неделата во општината Блан-Меснил додека неколку лица си заминувале од една забава.
Сведоците велат дека човекот викал „Алаху акбар!“ и тргнал кон нив со нож и пушка, но бргу бил удрен од човек во автомобил за кој се вели дека дејствувал инстинктивно за да го запре вооружениот напаѓач.
„Мислевме дека ќе умреме. Ако не интервениравме самите, не знаеме што можеше да се случи“, изјави еден од сведоците за весникот.
Напаѓачот во маскирна облека веќе бил виден во околината двапати претходно. Тој исто така му се заканил на еден гостин на забавата со сабја околу 6 часот утрото.
„Тој сигурно извикал ‘Алаху акбар’, но нема вознемирувачко полициско досие и сè уште не е пронајдено нешто што може да укаже на радикализација. Но, ситуацијата не беше помалку опасна бидејќи тој имал полн шаржер во полуавтоматската пушка“, рече обвинителот на Бобињи.
Истражителите исто така посочуваат дека напаѓачот имал високо ниво на алкохол во крвта. Тие велат дека работат и со разузнавачките служби и со психијатрите за да ја проценат можната мотивација за обидот за напад.
Инцидентот се случува нешто повеќе од една недела откако друг маж во општината Ле Кросик ограбил 85-годишен маж, го нападнал и уринирал врз него. Подоцна кога бил уапсен од полицијата, тој се заканил дека ќе убие полицајци и викнал „Алаху акбар“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

