Свет
Мајк Помпео упати сериозни обвиненија против шефот на СЗО

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, им рече на британските законодавци дека претседателот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејзус, е купен од кинеската влада, се наведува во соопштениео.
Помпео на состанокот зад затворени врати пред поканетите пратеници изјави дека своите обвиненија ги темели врз цврсти разузнавачки основи, но не даде детали, јавуваат „Тајмс“ и другите медиуми.
Весникот цитира повеќе извори кои присуствуваа на настан одржан во Лондон, организиран од десничарскиот истражувачки центар за надворешна политика на здружението „Хенри Џексон“.
„Кога водата дојде до грло, кога навистина беше важно, кога се случи пандемијата во Кина, д-р Тедрос…, кој го купи кинеската влада (…)“, ги наведува „Телеграф“ зборовите на Помпео.
„Не можам да кажам повеќе, но можам да кажам дека ова што ви го кажувам е засновано на цврсти разузнавачки основи, имаше договор за изборот на Тедрос, и кога водата дојде до грло, добивте мртви Британци“, рече тој.
Помпео и државниот секретар на САД, Доналд Трамп, остро го критикуваа одговорот на СЗО на пандемијата на коронавирусот и ја обвинија дека ѝ помага на Кина да ја прикрие почетната сериозност на состојбата и изворот на вирусот.
Но, тие претходно не тврдеа дека Теодрос го купила Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Сè уште размислувам дали ќе присуствувам на преговорите за Украина во Турција

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денес дека сè уште размислува дали ќе присуствува на разговорите за прекин на огнот во Украина, планирани за утре во Турција, но дека не знае дали во нив ќе учествува и рускиот претседател, Владимир Путин.
„Тој би сакал да бидам таму и тоа е можност. Не знам дали би бил таму ако јас не сум таму. Ќе дознаеме“, им рече Трамп на новинарите во претседателскиот авион на пат кон Катар, објави „Ројтерс“.
Трамп рече дека би можел да ја посети Турција на разговори како дел од престојот на Блискиот Исток оваа недела, иако неговиот распоред на посети и разговори е преполн и тој треба да биде во Обединетите Арапски Емирати утре.
„Тоа не значи дека не би го направил тоа за да спасам многу животи и да се вратам“, рече Трамп, според извештајот на „Вашингтон пост“.
Трамп потврди дека американскиот државен секретар Марко Рубио ќе биде присутен на разговорите меѓу претставниците на Русија и Украина во Истанбул. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека ќе присуствува на преговорите во Истанбул, само доколку биде присутен и Путин, објави „Танјуг“.
Кремљ денес објави дека ќе испрати делегација во Истанбул, без да прецизира кој ќе ја претставува Москва.
Свет
Папата Лав понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот

Папата Лав XIV денес понуди Ватикан да посредува во решавањето на конфликтите во светот. Ватикан е достапен да им овозможи на непријателите да се сретнат и да се погледнат в очи за народите да ги вратат надежта и достоинството што им припаѓаат, рече папата додека примаше претставници на 23 католички цркви од источен обред.
Папата исто така ги повика источните христијани да не ги напуштаат своите земји барајќи ги за себе „сите права потребни за безбеден опстанок“.
Во својот прв неделен благослов како римокатолички лидер папата Лав XIV повика на праведен мир во Украина и итен прекин на огнот во Газа заедно со ослободување на заложниците и испорака на хуманитарна помош.
Свет
Европската комисија: Транспарентноста ни е најважна, ќе ја проучиме одлуката за пораките на Фон дер Лајен

Европската комисија денес реагира на пресудата на Судот на правдата на ЕУ велејќи дека ја зема предвид, дека внимателно ќе ја проучи и ќе одлучи за следните чекори. „Комисијата сега внимателно ќе ја проучи одлуката на Општиот суд и ќе одлучи за следните чекори. За таа цел, Комисијата ќе донесе нова одлука со подетаљно образложение“, се вели во соопштението на Комисијата.
Општиот суд на Европската Унија пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување за тоа што не ги поседувала бараните документи, СМС-пораките меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“, во кои разговарале за набавка на вакцина против коронавирус.
Во соопштението на Комисијата се наведува дека Општиот суд смета дека Комисијата требало да даде подетаљно објаснување во својата одлука дека не поседува документи од бараниот тип.
„Општиот суд не ја доведува во прашање политиката на Комисијата за регистрација во врска со пристапот до документи. Целта на овие правила е да се обезбеди интегритетот на евиденцијата на Комисијата и целосна транспарентност преку обезбедување на важните документи составени или примени од Комисијата да бидат лесно достапни за заинтересираните граѓани на ЕУ“, истакнува Комисијата.
„Транспарентноста отсекогаш била од најголема важност за Комисијата и за претседателката Урсула фон дер Лајен. Ќе продолжиме строго да се придржуваме до воспоставената робусна законска рамка за спроведување на нашите обврски“, додаде Комисијата.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, размениле пораки, чија содржина останува непозната за јавноста, во време кога Комисијата преговараше за договори вредни повеќе милијарди евра за набавка на вакцини против коронавирусот.