Култура
„Македоника литера“ ќе учествува на првиот меѓународен виртуелен саем на книгата во Кина
Од утре (24 јули) до 31 јули, во Кина ќе се одржи Првиот меѓународен виртуелен саем на книгата, на кој ќе учествува и „Македоника литера“. Во услови на актуелната пандемија ова е прв ваков меѓународен настан во светот, а го организира глобалната кинеска медиумска корпорација Кинеска интернационална издавачка група (ЦИПГ).
Саемот на книгата ќе биде претставен во 3Д-технологија за виртуелна реалност, високо прикажувајќи ги физичките книги како присутни и создавајќи платформа за прикажување што опфаќа време и простор во глобалната издавачка индустрија за светот. Се очекува на овој начин да се воспостават нови канали на соработка во издаваштвото и да се поттикне читањето книги.
„Македоника литера“ учествува со свои видео и визуелни материјали, кои се однесуваат на кинеските книги за деца објавени на македонски јазик во рамките на едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, како и на севкупната дејност на „Македоника литера“.
Во рамките на глобалната медиумска корпорација Кинеска интернационална издавачка група (ЦИПГ), меѓу другото, работат и седум издавачи, чија дејност е насочена на меѓународна размена во издаваштвото. Еден од седумте издавачи е „Делфин букс“, со кого соработува „Македоника литера“ и со кого копродукциски веќе издадоа 13 тома од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ како дел од Одделот за кинески книги на македонски јазик, што го формираа двата издавача.
Во рамките на соработка со „Делфин букс“ и ЦИПГ, „Македоника литера“ неодамна учествуваше и во меѓународната кампања „Читајте книги на интернет“ и на Меѓународниот е-симпозиум за издавачки теми актуелни со новата ситуација на пандемијата, што го организираше ЦИПГ, а на кој учествуваше Нове Цветаноски, управителот на „Македоника литера“.
Инаку, редовниот 27. меѓународен саем на книгата во Пекинг ќе се одржи од 26 до 30 август, на кој исто така на штандовите на партнерите издавачи ќе бидат изложени и кинеските изданија на „Македоника литера“. Изданија на „Македоника литера“ на овој саем беа изложувани и во изминатите три години. Годинашниот меѓународен саем на книгата во Пекинг ќе се одржи со мотото „Живеј читајќи“, а една од поголемите манифестации на саемот ќе биде изложбата на книги за деца, на која ќе бидат изложени десет илјади наслови на 14 јазици, меѓу кои и на македонски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.