Свет
Помпео: САД нудат формирање нов сојуз на демократии против Кина
САД нудат создавање нов сојуз на истомисленици за борба против злонамерноста на Кина кон меѓународната заедница, изјави американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во говорот во претседателската библиотека „Ричард Никсон“ во Калифорнија, пренесува „Анадолија“.
Помпео посочи дека без итно дејство, Кинеската комунистичка партија (ККП) ќе ја уништи слободата и ќе го поткопа меѓународниот поредок заснован на правила.
„Ако сега го свиткаме коленото, децата на нашите деца може да бидат препуштени на милост и немилост на ККП, чии активности се основниот предизвик денес во слободниот свет. Тука не станува збор за ограничување. Станува збор за нов комплексен предизвик со кој досега не сме се соочиле“, рече тој зборувајќи за активноста на Кина.
„Не можеме сами да се соочиме со овој предизвик. ОН, НАТО, Г7, Г20, нашата комбинирана економска, дипломатска и воена моќ се сигурно доволно за да се соочат со овој предизвик ако се насочат правилно. Можеби е време за ново групирање истомисленици, нов сојуз на демократии“, продолжи Помпео.
„Имаме алатки. Сега ни е потребна волја. Ако слободниот свет не ја смени комунистичка Кина, комунистичка Кина ќе нè смени нас. Нема враќање кон минатите практики само затоа што тие се пријатни или удобни“, рече американскиот дипломат.
Помпео во вторникот ја обвини Кина дека се обидува да украде интелектуална сопственост на САД со помош на кинески државни компании. На заедничката прес-конференција со секретарот за надворешни работи на Велика Британија, Доминик Рааб, во Лондон, Помпео изјави дека САД сакаат да формираат меѓународна коалиција за да им се спротивстават на заканите што доаѓаат од Кина.
Коментарите на Помпео дополнително ги истакнуваат можеби најострите ескалации во веќе зголемените тензии меѓу Вашингтон и Пекинг, кои драматично ескалираа од почетокот на пандемијата на коронавирусот.
„Обезбедувањето на нашите слободи од ККП е мисија на нашето време и Америка е совршено позиционирана да го води тоа бидејќи нашите основни принципи ни ја даваат таа можност“, истакна Помпео.
Според кинеското Министерство за надворешни работи, Вашингтон во вторникот побарал од Пекинг да ја прекине својата дипломатска мисија во Хјустон. Портпаролот на кинеското МНР, Ванг Венбин, го оцени ваквиот потег на САД како провокација што ги крши нормите на меѓународното право и принципите на билатералните односи, како и конзуларниот договор меѓу двете држави.
Портпаролот додаде дека Кина ќе преземе остри контрамерки ако САД не се откажат од ова барање.
Најавите се остварија денеска кога Кина нареди затворање на американскиот конзулат во југозападниот град Ченгду. Американскиот конзулат во Ченгду, кој е основан во 1985 година и во моментот има повеќе од 200 вработени, е стратешки важен поради неговата близина до автономниот регион Тибет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.
Свет
Макрон: Отворени сме за учество во дополнителни мисии на НАТО
Пред медиумите се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, кој и натаму носеше очила за сонце за да прикрие инфекција на окото.
Тој изјави дека денешниот самит покажува единство во поддршката за Данска, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
„Кога Европа е обединета, силна и реагира брзо, работите се враќаат во нормала и се смируваат“, наведе Макрон.
Додаде дека Европа мора да остане „на штрек“ и да продолжи да дејствува „обединето“, покажувајќи дека има „инструменти на располагање“ за, во случај на закани, да „наметне почит“.
Макрон исто така нагласи дека Франција е отворена за учество во дополнителни мисии на НАТО, најверојатно во арктичкиот регион.
Фото: ЕПА
Свет
„Нашите црвени линии не се тема за расправа“ – порака на данската премиерка од Брисел
Данската премиерка Мете Фредериксен пристигна на вонредниот самит на Европска унија.
На почетокот им се заблагодари на другите земји членки за поддршката.
„Кога Европа не е поделена, кога стоиме заедно, јасно и силно, вклучително и со подготвеност да застанеме во одбрана на самите себе, резултатите се видливи“, изјави таа.
Истакна дека Данска сака да најде решение и дека побарала посилна вклученост на НАТО во арктичкиот регион, додавајќи дека сите во НАТО се согласуваат со тоa.
„Потоа, на потрадиционален политички и дипломатски начин ќе разговараме со Соединети Американски Држави за билатералниот однос меѓу Кралството Данска и САД“, рече таа.
Притоа повтори дека Данска има свои црвени линии.
„Ние сме суверена држава и за тоа не можеме да преговараме“, порача таа, додавајќи дека Данска е отворена за разговори за зајакнување на соработката во арктичкиот регион.
„Секако дека сме подготвени да соработуваме со САД, како што отсекогаш сме правеле кога станува збор за безбедноста, но нашите црвени линии, кои воедно се и нашите демократски правила, не можат да бидат предмет на расправа“, нагласи Фредериксен.
На прашањето дали и понатаму ѝ верува на американската администрација, таа накратко застaна и дипломатски одговори: „Соединетите Американски Држави се наш близок партнер веќе многу години, но мора да соработуваме врз основа на меѓусебно почитување, без закани. Затоа, секако, се надевам дека ќе најдеме политичко решение во рамките на демократијата.“
Во речиси секој одговор таа повторно ги нагласи данските црвени линии поврзани со суверенитетот.

