Македонија
Левица и ДПА уверенијата за новите пратеници ќе може да ги земат в понеделник

Државната изборна комисија информира дека денеска беше одржана свечена седница на која беа поделени уверенијата за избраните пратеници, согласно резултатите од предвремените парламентарни избори.
„На свечената седница, беа подигнати уверенијата на избраните пратеници од Коалицијата Можеме, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Обнова на Македонија, како и Демократската Унија за Интеграција“, соопштија од ДИК.
Од таму додаваат дека по завршување на свечената седница, во просториите на Комисијата, уверенијата за избраните пратеници на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, биле подигнати од страна на нивниот овластен претставник.
Уверенијата за избраните пратеници на политичката партија Левица и уверението за избран пратеник на Демократската партија на Албанците – ДПА, сè уште не се врачени. Истите ќе се врачат во понеделник кога или избраните пратеници или овластени лица од страна на наведените политички партии ќе ги подигнат од Државната изборна комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Македонски контингент од околу 280 војници со формациска опрема, вооружување и возила испратен на воената вежба „Saber Junction 25“ во Германија

Македонски контингент од околу 280 војници со формациска опрема, вооружување и возила, меѓу кои и новите лесни оклопни возила JLTV денеска во штипската касарна „Јане Сандански“ беше свечено испратен на воената вежба „Saber Junction 25“ која се реализира во Хохенфелс, Германија.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој присуствуваше на настанот, на војниците им порача да бидат горди што ја носат армиската униформа и што ја преставуваат државата пред сојузниците. “Ви посакувам многу здравје, покажете дека се носиме со сите земји и дека можеме да покажеме квалитет”, рече министерот. Додаде дека за секој предизвик Министерството и Армијата се подготвени да ја дадат сета потребна поддршка.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски порача дека за прв пат од постоењето на Армијата формација од ваков состав, зајакната чета со сите елементи на маневар, на борбена поддршка и на самоодржливост ќе биде распоредена на вежба.
Целокупните финансиски средства за учество во планирачкиот процес, подготовките, транспортот на персоналот и опремата, како и учеството на вежбата се обезбедени од буџетот на одбраната, што е доказ за посветеноста на Министерството на континуираното усовршување и увежбување на армиските припадници.
Македонскиот контингент, кој е најголем досега кој учествувал на оваа серија вежби, е дел од Лесната пешадиска баталјонска група, што претставува можност за дополнителна подготовка пред претстојното оценување на борбената готовност следната, 2026 година. Освен развојот на интероперабилноста со сојузниците, едни од главните цели на вежбата се и извежбувањето на начинот на распоредување на поголема единица надвор од територијата на државата преку реализација на стратегиски транспорт до местото каде што ќе се одржи вежбата како и самоодржливост и логистичка поддршка за време на реализацијата на вежбата.
На вежбата „Saber Junction 25“ која е во организација на Командата на американската армија за Европа и Африка, учество ќе земат голем број на сојузници од НАТО и партнери.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Македонска Каменица – Делчево

Од 14:25 часот сообраќајот на патниот правец Македонска Каменица – Делчево е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот на тој патен правец, од 11:25 часот, беше во целосен прекин поради сообраќајна несреќа.
Македонија
Општина Карпош до премиерот: Мицкоски да го едуцира својот кандидат за градоначалник за начините на водење кампања

„Општина Карпош го замолува претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, да го посоветува неговиот личен кандидат за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски, кој има упатено писмо до секоја фирма поединечно за средби на кои ќе се разговара за бизнис-климата кај бизнис-заедницата“, велат од Општина Карпош.
„Убаво би било господинот Мицкоски да му објасни на својот кандидат неколку работи.
Дека детските градинки и основните училишта во општината се правни лица, а НЕ се фирми. Тие се јавни установи за воспитување, згрижување и образование на децата. Оттука, би било убаво заеднички да ни објаснат како децата од градинките и од основните училишта ќе влијаат на „подобрување на бизнис-климата преку работни средби и преку формирање заеднички платформи?“
Господинот Мицкоски треба да му објасни на личниот кандидат дека ги повикува на средба истите оние градинки и основни училишта на кои неговата партија ВМРО-ДПМНЕ гласаше во Советот на Карпош против одлуките за вработените од воспитно-образовните установи да не земаат плати, против осовременување на наставата преку набавка на паметни панели, против заштеда на енергија и поставување фотоволтаични панели, против реновирање на училиштата и градинките;
Би било чесно од претседателот на Владата да го подискара својот кандидат за градоначалник дека на ваков начин со директно упатување покана на адреса на фирмите и установите за наводни средби врши притисок врз директорите на јавните установи, училиштата и фирмите. И оти ВМРО-ДПМНЕ не треба да се служи со таков вид притисоци;
Земањето податоци од правни лица и праќање имејлови за бизнис-средби како претставник на политички субјект е флагрантно кршење на законите и форма на досега невиден притисок врз обични стопанственици. Во случајот Лукровски не знае, ама премиерот знае, дека кандидат за градоначалник се станува тогаш кога Државната изборна комисија ќе ја признае кандидатурата и дека кампања се води во точно утврден временски рок. Затоа, го повикуваме премиерот Мицкоски да го едуцира својот избраник за начините на водење кампања, притоа да избегнува притисоци и доколку тој тоа не го стори, ќе мора да биде корегиран од Основното јавно обвинителство затоа што прави груби повреди не само на Изборниот законик туку и на низа други закони“, се наведува во соопштението од Општина Карпош.