Свет
Три милијарди животни загинале или биле раселени во пожарите во Австралија

Речиси три милијарди животни загинале или биле раселени за време на разорните пожари во Австралија изминатата година, тврдат научници, објави Би-би-си.
„Ова е една од најлошите катастрофи на дивиот свет во модерната историја“, соопшти Светскиот фонд за природа (WWF), кој го нарача извештајот.
Минатото лето цела Австралија беше зафатена од големи пожари во кои загинаа најмалку 33 луѓе.
Цицачи, влекачи, птици и жаби загинале во пламенот или го изгубиле живеалиштето. За време на врвот на кризата во јануари, научниците проценија дека 1,25 милијарди животни умреле само во Нов Јужен Велс и Викторија.
Но, новата проценка опфаќа поголема област. Околу 11,46 милиони хектари – област споредлива со Англија – која беше зафатена со пожарите од септември до февруари.
Професорот Крис Дикман, кој го надгледувал проектот од 10 научници од австралиските универзитети, рекол дека сè уште не можат да наведат точен број на загинати животни, но истакнал дека шансите животните да избегале од пожарите и да преживеат биле „веројатно не толку големи“ поради недостиг на храна и засолниште.
Во февруари австралиската влада идентификуваше 113 животински видови на кои им требаше итна помош по пожарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Политико“: ЕУ го одложува воведувањето на 19 пакет-санкции против Русија

Европската комисија (ЕК) нема да воведе нов пакет-санкции против Русија в среда, како што се очекуваше, објавувањето е одложено на неодредено време, објавува „Политико“ повикувајќи се на европски дипломат и функционер на една од земјите на блокот.
Според нив, објавувањето на 19 пакет-санкции веќе не се очекува в среда, а ЕК не прецизирала нови можни датуми за официјално презентирање на новите санкции, според бриселскиот портал.
„Политико“ пишува дека одложувањето е последица на поместувањето на фокусот на ЕУ од воведување нови санкции против Русија кон вршење притисок врз Словачка и Унгарија за намалување на нивната зависност од руската нафта, објавува „Танјуг“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе строги санкции против Русија доколку сите членки на Северноатлантскиот сојуз дејствуваат заедно и престанат да купуваат руска нафта.
Тој истакна дека фактот што некои сојузници на НАТО континуирано увезуваат енергетски ресурси од Русија „ја ослабува преговарачката позиција на алијансата“.
Свет
Велика Британија испраќа „тајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „еврофајтер тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор откога Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникот британскиот премиер, Кир Стармер.
Во наредните денови овие авиони ќе им се придружат на француските „рафали“, на германските „еврофајтери“ и на данските „Ф-16“ како дел од операцијата на НАТО – „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, а Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според „Ројтерс“, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат речиси 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец Полска ги почна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат речиси 30.000 војници вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин
Свет
Рубио: Трамп е единствениот лидер што може да разговара со Русија, Украина и со Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски следната недела во Њујорк, објави американскиот државен секретар, Марко Рубио.
Според американските медиуми, Рубио нагласил дека Трамп е единствениот лидер во светот што има капацитет да разговара со Украина и со Европа, како и со Русија. Тој додаде дека американскиот претседател ќе продолжи со своите напори за наоѓање решение за украинскиот конфликт.
Во исто време, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон продолжуваат на разни нивоа.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, претходно изјави дека двете страни ќе се обидат да организираат уште еден состанок до крајот на есента за да разговараат за отворените и за спорните прашања во билатералните односи.
Фото: принтскрин