Македонија
Чибишев: Надлежните не ги знаат кластерите и изворите кои ја шират болеста
Бројката на новозарарзени со коронавирусот од ден на ден само се зголемува, изјави Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека Штип, градот на текстилната индустрија, по последнообјавените бројки е втора општина по бројот на новозаразени со коронавирусот. Вели дека бројката на активни случаи во градот се движи кон 500, а ниту епидемиолозите, ниту eкспертите за заразни болести не очекуваат во наредните денови бројката на новозаразени да се намалува.
„Ова не е тренд само во овој град, туку во сите останати градови ширум државата. Бројката се зголемува и во помалите општини кои не бележеа нови случаи. Ниту најгласните функционери за почитување на мерките деновиве гледаме како не ги почитуваат истите. Бројот на заразени од коронавирусот надмина 10 илјади, а бројката на починати се движи кон 500. Ова само покажува дека надлежните ниту знаат каде одат, ниту како треба да се справат со тешката ситуација. Надлежните не ги знаат ниту кластерите, не ги знаат изворите кои ја шират болеста. Не знаат ниту што ни се случува, дали е ова пик на првиот бран, ниту дали е втор или што е воопшто ова што денес ни се случува. Поради неспособноста на Владата на СДСМ состојбата не е под контрола“, рече Чибишев.
Оцени дека ситуацијата која произлегла од Ковид-19 само ја потврдила неспособноста на Владата на СДСМ да менаџира како со текот на епидемијата, така и со здравствениот систем воопшто. Здравствениот систем се движи кон работ на пропаста. Ќе беше добро да слушнеа нешто од предлозите на експертите и да преземеше нешто што ќе спасува животи, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

