Свет
(Видео) Илјадници луѓе на протести побараа оставка од Нетанјаху

Илјадници демонстранти синоќа се собраа пред резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, барајќи негова оставка.
Овие протести, за кои се проценува дека собрале десетици илјади луѓе, со неколку помали протести во Тел Авив, како и во близина на куќата на Нетанјаху на брегот во Цезареја и десетина други, се најголемите во последните неколку недели.
Граѓаните излегоа на улиците барајќи оставка на премиерот, протестирајќи поради начинот на кој ја водеше земјата за време на пандемијата на коронавирус. Велат дека тој не треба да остане на власт додека е на суд за корупција.
Иако Нетанјаху се обиде да ги минимизира протестите, изјавувајќи дека демонстрантите се „левичари“ и „анахисти“, тие не попуштија – Израелците се собираат двапати неделно за да бараат негова оставка.
Неговата партија преку соопштение ги обвини двете приватни израелски телевизиски станици дека им даваат „бесплатен и бесконечен публицитет“ на демонстрантите и ја преувеличувале важноста на овие собири.
И додека демонстрациите беа претежно мирни, деновиве има знаци на насилство. Некои демонстранти се судрија со полицијата, обвинувајќи ги за прекумерна употреба на сила, додека помали групи на десничарските поддржувачи на Нетанјаху ги нападнаа демонстрантите. Нетанјаху рече дека учесниците во демонстрациите поттикнуваат насилство против него.
Полицијата е во состојба на готовност заради евентуално зголемување на насилството на демонстрациите.
Многумина веруваат дека Израел ги олеснил мерките премногу рано, па ова довело до големо зголемување на случаите со коронавирус. Земјата сега се соочува со рекордни стапки на пораст на бројот на пациенти, а невработеноста порасна за повеќе од 20 проценти.
Протестите против Нетанјаху се најголеми по протестите во 2011 година, кога Израелците протестираа поради високите животни трошоци во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Сијарто: Украина не припаѓа на цивилизираните земји

Украина нема место во Европската Унија бидејќи не припаѓа на цивилизираните земји, изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, во врска со одбивањето на украинските власти да го истражат убиството на Унгарецот Јожеф Шебестјен од украинскиот регион Закарпатска за време на присилна мобилизација.
„Во Украина присилното повикување на воена служба е државен инструмент. Таква земја нема место во Европската Унија и не припаѓа на цивилизираните земји“, рече Сијарто во емисијата „Воинствениот час“ на јутјуб-платформата, пренесува „Спутник“.
Според министерот, доколку нешто слично се случеше во нормална и цивилизирана земја, виновниците одамна ќе беа казнети.
Раководството на Европската Унија молчи и во врска со убиството на 45-годишен жител на градот Берегово, кој, покрај украинското, имаше и унгарско државјанство, рече Сијарто.
„На овој начин Брисел признава дека го поддржува и одобрува ова, како и дека сето ова се случува со негова премолчена согласност и тивка поддршка“, додаде Сијарто.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски: Русија нападна гасен објект во Одеса, сакаат да нè загрозат пред зимата

Русија нападна гасен објект во јужна Украина во регионот Одеса поткопувајќи ги подготовките за зимата, изјави денес претседателот Володимир Зеленски.
Тој рече дека гасната инфраструктура била нападната во селото Новосилске на границата со Романија, каде што се наоѓа интерконекторот „Орловка“, преку кој Украина добива гас преку трансбалканската рута.
„Ова беше намерен удар врз нашите подготовки за грејната сезона, апсолутно циничен како и секој руски удар врз енергетскиот сектор“, напиша Зеленски на „Телеграм“.
Украина се соочува со сериозен недостиг на гас по серијата разорни руски ракетни напади оваа година, кои значително го намалија домашното производство на гас.
Русија негира дека таргетирала цивили од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина, но тврди дека инфраструктурата, како што се енергетските системи, е легитимна цел бидејќи помага во воените напори на Украина, анализираат медиумите.
Порано денес, гувернерот на јужниот регион Одеса пријави напад врз гасната инфраструктура и главниот гасовод велејќи дека се работи на пумпање гас од гасоводот. Украинските енергетски претставници не кажаа дали интерконекторот е оштетен и дали гасот ќе продолжи да тече.
Фото: принтскрин
Свет
Путин се сретна со Виткоф

Рускиот претседател Владимир Путин денес го прими специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стивен Виткоф.
Средбата се одржува во Кремљ, соопшти прес-службата на рускиот претседател, пренесува ТАСС.
Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави, Стив Виткоф, денес пристигна во Москва, каде што го пречека генералниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции (RFDIF), Кирил Дмитриев, по што го посетија паркот „Зарјадје“ во Москва.
Двајцата функционери поминаа речиси еден и пол час во ресторанот по што прошетаа во паркот, ја посетија платформата за набљудување и ја разгледаа панорамата на Москва, пренесува „РИА новости“.
Според извештајот, тие разговарале во пријателска атмосфера, со присуство на обезбедување.
Виткоф не одговори на прашањата на новинарите за претстојните преговори, ниту за планираните средби.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, потврди дека Виткоф ќе ја посети Русија, но не коментира конкретни детали од посетата.
Ова е петта посета на Виткоф на Русија од почетокот на годината.
Последните две посети беа на 11 и 25 април кога се сретна со рускиот претседател, Владимир Путин.
Фото: принтскрин