Македонија
42-годишен маж спасен на Клиниката за кардиологија со стентирање на трауматска трансекција на торакалната аорта
Маж на возраст од 42 години е спасен од сигурна смрт кога на Клиниката за кардиологија му било извршено стентирање на трауматска трансекција на торакалната аорта, повреда што носи ризик од масивно крвавење, без можност за прекин. Ваква интервенција првпат самостојно е изведена на Клиниката од страна на тимот кардиолози, заедно со хирург и анестезиолог.

„Смртноста од ваква повреда е речиси 100 проценти. Итно беше организиран тим од двајца интервентни кардиолози, а тоа се Жан Зимбаков и Оливер Бушљетиќ, потоа васкуларниот хирург Мишел Андов и анестезиологот Стефанија Ханџиска. Кај пациентот, со целосна анестезија, беше направена хируршка препарација на артерија на ногата, со што се отвора место во артеријата за да се внесе посебен вид стент обложен со материјал. Сложеноста на оваа процедура е позиционирањето на стентот. Тој треба да го покрие раскинувањето на ѕидот на аортата, кое беше на самиот отвор на артеријата за раката, но притоа стентот да не го прекине протокот на крвта за раката и главата“, велат од Клиниката за кардиологија и додаваат дека интервенцијата била изведена успешно.

Директорот Зимбаков вели дека со големиот број интервенции и опременоста Клиниката за кардиологија е водечки центар во земјата и на ниво со европските центри.
„Стентирањето на аортата успешно го изведуваме при проширувања на дел од градната и стомачната аорта. Тоа ни овозможи да ја примениме оваа техника и кај вакви итни состојби, кои се со висока смртност. Овие процедури, заедно со ТАВИ-процедурите (нехируршко поставување аортна валвула), стентирањето на артериите на вратот и нозете, се дел од секојдневната работа на Клиниката, со голема бројка на интервенци. Тоа е неопходно и основно пред многу други работи за да се постигне висок квалитет и успех кај овие процедури. Со високиот број интервенции и целосната материјална опременост што ја имаме нашиот центар е единствен и водечки во земјата и е на ниво на најголемите европски центри“, изјави доктор Жан Зимбаков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кацарска постапува по насока на СДСМ и бара укинување на 7.000 денари за пензионерите
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска остро реагираа на однесувањето на уставната судијка Добрила Кацарска, обвинувајќи ја дека постапува по насока на СДСМ и дека со предметот поднесен до Уставниот суд се загрозува зголемувањето од 7.000 денари за пензионерите. Ставовите партијата ги изнесе на прес-конференција преку портпаролот Валентин Манасиевски.
Според Манасиевски, Кацарска „го загубила кредибилитетот пред граѓаните“ и продолжила да работи во партиски интерес. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на нејзините претходни одлуки и обвинуваат дека судијката „наместо да ја врати довербата, повторно одработува за СДСМ“.
Во реакцијата се наведува дека „контаминираното судство“, како што го нарекува партијата, од една страна бара повисоки плати, а од друга страна донесува одлуки што, според ВМРО-ДПМНЕ, можат да им нанесат штета на пензионерите. Посочуваат дека станува збор за „мал дел од системот“, но дека токму овие случаи ја нарушуваат довербата на јавноста.
Партијата повторно побара темелни реформи во судството и обвинителството, со цел, како што велат, да се зајакне интегритетот на институциите и да се создадат услови чесните судии и обвинители да дојдат до израз.
Македонија
СДСМ: Трипуновски бега од одговорност за суспензијата на ИПАРД-средствата
Две недели по обелоденувањето на, како што го нарекува СДСМ, „мега-скандалот со ИПАРД-средствата“, министерот за земјоделство Љупчо Трипуновски и понатаму не дава одговори на клучните прашања поврзани со суспензијата на европските фондови, соопштија од партијата.
Од СДСМ реагираат дека на нивното официјално барање за информации, министерот доставил само „општи законски рамки и цитати од регулативи“, без конкретни податоци за причините за суспензијата, времетраењето и чекорите кои МЗШВ планира да ги преземе.
„Нема ниту збор за причините, нема ништо за времетраењето на суспензијата на средствата од ИПАРД, нема ниту информација за планираните чекори за надминување на овој сериозен проблем. Едно големо ништо“, стои во соопштението, од каде го нарекуваат односот на министерот „директна навреда“ за земјоделците и за компаниите кои зависат од поддршката од европските фондови.
Од партијата предупредуваат дека суспензијата на над 130 милиони евра претставува сериозен удар врз илјадници земјоделци и бизниси кои веќе вложиле средства, земале кредити и очекуваат исплати.
„Овие луѓе имаат право да знаат до кога ќе трае суспензијата и кој ќе им ја покрие штетата од доцнењето“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека министер кој „не чувствува одговорност“ не треба да ја води оваа институција.
Во соопштението се посочува дека Трипуновски избегнува медиумски соочувања и не се појавил на пратенички прашања, што според СДСМ значи дека „нема како да се одбрани“.
Кузеска: Новиот протокол е изговор за застој на реформите
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во одговор на новинарско прашање за ставовите на власта дека ќе бара нов протокол, оцени дека ваквите најави се „уште еден измислен изговор“ за да не продолжат реформите и евроинтегративниот процес.
„Граѓаните се веќе уморни од нови празни зборови. Велеа дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, нова преговарачка рамка, дека се во периметарот. Ништо од тоа не се случи“, изјави Кузеска.
Во однос на реформите во правосудството, таа оцени дека власта нема политичка волја да ги спроведе чекорите утврдени од експертите и ЕУ.
Македонија
Градоначалникот Митко Јанчев по скандалот со Аца Лукас: Кочани сценарио нема да дозволиме
Не стивнуваат реакциите по скандалот што се случи со пејачот Аца Лукас кога беше прекинат неговиот концерт во Кавадарци. Тој беше приведен од страна на полицијата, а според официјалното соопштение од страна на Министерството за внатрешни работи, Лукас во ресторанот во Кавадарци настапувал без потребна дозвола.
Од овие причини околу 00.10 часот концертот на Аца Лукас беше прекинат и пејачот беше однесен во судот во Кавадарци, каде по скратена постапка, бидејќи е странец, му беше изречена парична казна.
Настапот на српската ѕвезда Аца Лукас во Кавадарци бил прекинат поради сериозни безбедносни пропусти, непријавен ангажман и прекршување на правилата за работа на локалот. Ова го потврди и градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, додавајќи дека нема да дозволи Кочани сценарио во неговиот град и дека безбедноста треба секогаш да е на прво место.
Градоначалникот Јанчев објасни дека организаторите однапред поднеле барање до Општина Кавадарци за поставување урбана опрема и проширување на просторот за концерт, но барањето било одбиено поради проценка дека условите се небезбедни.
„Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14.11 барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран“, изјавил Јанчев.
Локалот во кој што настапувал Лукас имал капацитет од 200 гости, а внатре биле затекнати дури 700 лица.
„Не смееме да дозволиме да се повтори трагедија како онаа во Кочани. Локали пренатрупани со гости, без почитување на безбедносните мерки, тоа во Кавадарци нема да помине“, додаде градоначалникот.
Јанчев напомена и дека ангажманот на самиот изведувач не бил пријавен ниту во Агенцијата за вработување, ниту во Министерството за труд, што претставува дополнителен прекршок.

