Свет
Русија ќе распореди мобилна болница во Бејрут

Москва објави дека ќе му помогне на Бејрут да закрепне по големата експлозија во која загинаа стотина и се повредени илјадници лица уништувајќи притоа повеќе згради, пренесува „Спутник“.
„Авионите на руското Министерство за вонредни состојби ќе достават мобилна болница, медицински лица и трупи за итна помош, како и експерти на ‘Роспотребнадзор’ со лабораторија за дијагностицирање на Ковид-19. Сите експерти ќе имаат специјална заштитна облека и заштитни средства имајќи ја предвид ситуацијата“, се вели во официјалното соопштение додавајќи дека кон Либан ќе се упатат пет авиони.
Точната причина за пожарот и експлозијата останува нејасна, но според првичните извештаи, можно е да експлодирале 2.750 тони амониумнитрат складирани во пристаништето, што резултира со катастрофа.
Освен Русија, повеќе држави ја понудија својата помош за Либан, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Грција, Кипар и Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватска е подготвена да прифати деца од Газа

Хрватска ги отвора вратите за децата од Појасот Газа, објави Министерството за надворешни и европски работи, со акцент на „психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објавија хрватските медиуми.
„Република Хрватска ќе ги отвори вратите за децата од Газа на ист начин како што ги отвори за децата од Украина, фокусирајќи се на психосоцијална помош и едукација за опасноста од експлозивни направи“, објави денес Министерството.
Во соопштението се нагласува дека Хрватска има искуство во ова од Татковинската војна и дека има меѓународно признато знаење за дејствување против мини.
Министерството пишува дека државата е подготвена да прифати деца доколку се појават можности, за што верува дека ќе се појават, и нагласува дека континуирано спроведува проекти поврзани со украинските деца, од кои околу 700 се згрижени во Хрватска, преку јавен повик.
Планот го објави државниот секретар на Министерството за надворешни работи за политички прашања, Франо Матушиќ, на меѓународната конференција за мирно решение на палестинското прашање и спроведување на решение за две држави во седиштето на ОН.
Свет
Русија го нападна Киев – најмалку шест загинати, меѓу нив и шестгодишно дете

Најмалку шест лица беа убиени, а десетици ранети во руските ракетни и напади со беспилотни летала врз Киев во зори утрово, неколку часа пред клучното гласање во украинскиот парламент – Врховната рада, за укинување на контроверзниот закон против корупција.
„Ноќеска, непријателот го нападна главниот град со ракети и беспилотни летала. Една ракета погоди станбена зграда, од која еден дел беше уништен“, објави министерот за внатрешни работи Игор Клименко на Телеграм, осудувајќи го „најновото воено злосторство“.
Во тој напад беа погодени 27 локации во градот, најмалку шест лица ги загубија животите, а 52 беа ранети, објави шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко.
„Службите за итни случаи досега потврдија шест смртни случаи. Меѓу загинатите има дете, шестгодишно момче“, објави Ткаченко на Телеграм.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека прозорците на педијатриското одделение во болницата биле скршени поради силата на експлозиите, но дека никој не е повреден.
Руските сили ги засилија нападите врз Украина во последните денови, откако американскиот претседател Доналд Трамп му даде рок од 10 дена на својот руски колега Владимир Путин во вторникот да ги прекине нападите под закана од нови санкции.
По последниот бран напади врз украинската престолнина, се очекува членовите на парламентот да гласаат за поништување на законот со кој се укинува независноста на антикорупциските тела и кој наиде на силни критики и отпор од јавноста и Европската Унија. Пратениците ќе го искажат своето мислење за новиот закон, кој им враќа целосна автономија на антикорупциските тела.
Законот донесен на 22 јули, кој подоцна го потпиша претседателот Володимир Зеленски, предвидува ставање на Националната агенција за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) под надлежност на Генералниот обвинител, кој го назначува самиот шеф на државата.
Соочен со жестоки критики од граѓанското општество и Европската унија, претседателот Зеленски на крајот предложи нов нацрт-закон за враќање на независноста на двете агенции, за кој Врховната рада ќе гласа денес.
Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха доцна во среда објави дека се работи на измена на законот.
„Украина има силно граѓанско општество и активна младина. Тие го искажаа своето мислење, украинските власти ги слушнаа нивните гласови и гласовите на нашите партнери“, рече тој.
Тој оцени дека „прилагодувањата“ се неопходни за да се заштитат антикорупциските тела од политички игри, особено од „руските“.
Свет
Орбан: Го почитувам Зеленски, но мислам дека направи грешки

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за полскиот телевизиски канал wPolsce24 изјави дека се обидува да се однесува со почит кон украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Орбан го нарече конфликтот во Украина „војна меѓу Западот и Русија“. Тој верува дека војната нема да заврши без средба меѓу лидерите на двете спротивставени страни, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Тој нагласи дека се води од принципот на почит во меѓународните односи, кој важи и за Украина и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Украинците го избраа. Секогаш се обидувам да се однесувам правилно, што е неопходно ако сакате да имате добри односи со некого. Затоа го почитувам претседателот Зеленски, но мислам дека направи грешки“, додаде унгарскиот премиер.
Тој тврди дека една од тие грешки била отфрлањето на неговата понуда за мир минатата година.
„Зеленски потоа го отфрли моето мислење дека времето е на страната на Русија, но денес го имаме она што го имаме. Ситуацијата на претседателот Зеленски не е лесна. Многу е тешко да се обединат луѓето во безнадежна војна“, тврдеше Орбан.
Односите меѓу Киев и Будимпешта се напнати во последните месеци. Унгарија го блокира почетокот на преговорите за пристапување на Украина во Европската Унија. Покрај тоа, новиот нацрт-буџет на ЕУ предизвика негодување во Унгарија. Главниот проблем за Унгарците е што буџетот вклучува над 100 милијарди евра за Украина.