Соопштенија
СДСМ: Односот на ВМРО-ДПМНЕ кон медиумите и граѓаните е лицемерен

Односот на ВМРО-ДПМНЕ кон медиумите и граѓаните е лицемерен и затоа остануваат во опозиција, денес слободата на медиумите е загарантирана, реагира СДСМ на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека Заев определува кои се објективни медиуми, а кои не.
„Апсење новинари, упади и затворање медиуми, погазување на слободите на граѓаните и неистомисленици – таков беше односот на ВМРО-ДПМНЕ кон медиумите и критичката јавност цели 11 години. Поради таквиот однос на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, нашата држава со години беше на дното на Европа по граѓански и новинарски слободи“, пишува во реакцијата.
За разлика од таквото темно минато, велат од СДСМ, денес владее слобода, секој отворено и без страв може да ја критикува власта, но и секој друг политички субјект во државата, а многубројни извештаи на меѓународни организации и институции го препознаваат напредокот што Република Северна Македонија го прави во заштита и унапредување на новинарските слободи.
„Тоа ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да може да го разбере ниту, пак, да го обезбеди. Нивниот однос кон медиумите, кон граѓаните, е лицемерен, потценувачки и затоа остануваат во опозиција и следните 4 години“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Филипче од Прилеп: ВМРО-ДПМНЕ убедливо најмногу штета направи на земјоделството и земјоделците

Вечерва Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од градот на тутунарите Прилеп каде се одржа граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“ испрати порака дека никогаш од постоењето на државата толку не го обезличил и понижил трудот на земјоделците и тутунарите.
„Никогаш во историјата ниедна влада на овој начин ги нема понижувано луѓето кои со мака и пот заработуваат за своите семејства. Триесет илјади тутунарски семејства беа изневерени токму од оваа влада. Денес го гледаме парадоксот на лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ, ветуваа развојна политика и грижа, а ги оставија на цедило оние што најмногу работат, земјоделците без поддршка, без стабилен откуп и без реализирани субвенции навреме“, рече Филипче.
Тој рече дека земјоделците не ги добиваат субвенциите кои им припаѓаат поради тоа што власта ги фаворизира компаниите, а не поединците земјоделци, но заборава дека тоа се луѓе кои ја обезбедуваат храната за секој граѓанин во државата.
„Со ВМРО-ДПМНЕ системот за субвенционирање е неправеден, се фаворизираат големите компании, а малите тутунари добиваат закочена или доцна исплата. Откупите не се спроведуваат според реалната проценка на количините на тутун, а дозволата за увоз на тутун го поткопува домашното производство, па многу производители остануваат неплатени или добиваат нецелосна вредност. ВМРО-ДПМНЕ направи многу штета, но убедливо најмногу штета направи на земјоделството лозарите, оризопроизводителите, градинарите, сточарите сите денес живеат полошо и без поддршка од државата. Пред некој ден видовме како земјоделците ја фрлаат пиперката ајварка заради лошите политики на Цветан Трипуновски и Мицкоски“, рече Филипче пред прилепчани.
Филипче рече дека Владата на СДСМ секогаш била на нивна страна дури и во најголемите кризи кои ги доживеала државата.
„СДСМ преговараше, се договараше со нив, заедно ги носеше одлуките со нив и во нивен интерес. И кога беше тешко во земјоделието, и кога не се погодуваше сезоната, СДСМ застануваше во одбрана на овие луѓе. ВМРО-ДПМНЕ ги игнорира и арогантно ги навредува“, рече Филипче на трибината во Прилеп.
Соопштенија
Ѓорѓиевски: Клучката Момин Поток мора да се заврши, нејзината доизградба ќе го деблокира сообраќајниот хаос

Клучката Момин Поток мора да се заврши, нејзината доизградба ќе го деблокира сообраќајниот хаосво целиот северозападен дел на градот, рече Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг, кој се одржа во општина Карпош, во рамки на изборната кампања чиј слоган е „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
„Мене добро ме познавате како четиригодишен градоначалник на општина Кисела Вода и знаете колку цврсто и колку силно се борев за моите сограѓани, дали станува збор за хигиената, дали станува збор за парковите, дали станува збор против бетонизацијата или за реализација на било кој проект, ја начекав општината во слична состојба каква што е и градот денес, руинирана од секој аспект. Благодарение на претседателот на Владата и поддршката негова, успеавме за четири години да изградиме општина којашто е една од најуспешните општини во државата, истото ви го ветувам и за градот Скопје. Со силна поддршка од Владата ќе успееме за четири години целосно да го обновиме овој руиниран систем во којшто живееме денес“, рече Ѓорѓиевски.
Тој, исто така, пред граѓаните вети дека шест месеци од назначувањето како градоначалник на град Скопје ќе се реши мостот на Љубљанска и конечно ќе биде ставен во функција, како и решавањето на клучката Момин Поток која исто така ќе биде довршена.
„Кога ја работевме програмата заедно со вас, она што најмногу го приметив кај нив беше, тоа дека се изморени со години некој да ги лаже и да им ветува напразно, тоа напразно ветување е поврзано и со мостот на Љубљанска којшто сакам да ветам денеска пред сите дека за шест месеци откако ќе станам градоначалник на градот Скопје конечно ќе биде ставен во функција и ќе биде конечно растеретено тоа сообраќајно тесно грло. Сакам да ја споменам и клучката кај Момин Поток, и таму ќе имаме сериозен акцент и за многу скоро и клучката кај Момин Поток ќе биде довршена. Кога сме кај проектите за Карпош, сакам да го истакнам мега паркот кај Лепенец, тоа беше барање од сите граѓани, така да во првите шест месеци ќе започнеме со изградба на овој мега парк каде што сите карпошани ќе можат да се рекреираат со своите семејства. Во наредните четири години постоечките паркинзи ќе бидат целосно реорганизирани, ќе се воведе зонско паркирање но и ќе поставиме нови монтажни гаражи за да се среди хаосот со паркирањето“, истакна Ѓорѓиевски.
Соопштенија
Каравилоски: Мојата визија е Кривогаштани да стане просперитетна општина, каде младите ќе останат

Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Игор Каравилоски, од трибината во Кривогаштани ја побара довербата од граѓаните, ветувајќи дека ќе се залага за модерна, уредена и просперитетна општина. Тој нагласи дека својата енергија, искуство и знаење ќе ги стави во служба на сите граѓани.
„Нашата програма е гласот на граѓаните. Мојата визија е Кривогаштани да стане просперитетна општина, каде младите ќе останат, земјоделците ќе имаат сигурна поддршка, а секое семејство ќе живее во чиста, зелена и безбедна средина. Сега е време сето тоа искуство, знаење и енергија да ги ставам во служба на сите вас. Во изминатите четири години нашиот градоначалник Николче Мискоски и советничкото мнозинство покажаа дека со чесна и посветена работа општината може да напредува. Продолжуваме со ист континуитет и ќе ги завршиме започнатите, а ќе започнеме нови, големи проекти“, порача Каравилоски.
Тој во својата програма најави асфалтирање на улици, изградба на повеќенаменско игралиште во Обршани, реконструкција на главната улица во Пашино Рувци, приклучување на општината на системот за водоснабдување „Студенчица“, проширување на канализационата мрежа, санација на патишта и унапредување на регионалниот пат.
Каравилоски посочи дека младите се најголема сила и врвен приоритет и најави инвестиции во младински центар, нова библиотека, курсеви за странски јазици и дигитални вештини, награди за најдобрите студенти и активна вклученост на младите преку младински совет.
Во делот на јавната инфраструктура најави уредување на тротоари, поставување на т.н. „легнати полицајци“, нови зелени површини и расчистување на дивите депонии.
Ќе се постават фотоволтаици на јавните институции, а посебен акцент стави на здравствената грижа со повторно воспоставување на Итна медицинска помош во Кривогаштани, проект „Здрав пензионер“ со два бесплатни превентивни прегледи годишно и пристап до Центарот за дневен престој за стари лица во Прилеп.
„Ние не ветуваме празни зборови, туку дела што произлегуваат од реалните потреби на луѓето. На 19-ти октомври гласаме за број 5 и листата на советници од СДСМ“, порача Каравилоски.