Свет
Реконструкција на катастрофата: како се случи експлозијата во Бејрут што го шокираше светот
Силата на експлозијата што ја зафати либанската престолнина го шокираше светот. Повеќе од 300.000 луѓе останаа без покрив над главата, а најмалку 130 загинаа, додека илјадници се повредени во експлозијата во магацин со опасни материи во Бејрут.
Како дојде до експлозијата?
Околу 18 часот по локално време во вторникот, 4 август, жителите на Бејрут биле шокирани кога забележале голем пожар во пристаништето, чиј пламен бил видлив од далеку.
Првите извештаи зборуваат за послаби звуци на експлозија кои доаѓале од магацин во пристаништето, а чадот полека се кревал кон воздухот.
Се верува дека во магацинот имало пиротехника, а беа објавени и видеа од местото на настанот кои ги прикажуваат пламените во различни бои. Се претпоставува дека првата мала експлозија се случила таму. Пожарот можел да избувнал поради пиротехнички средства и други експлозивни материи.

Некаде 30 секунди по првата експлозија, се случил огромен бран експлозии коишто го уништија половина од градот. Над градот се кренал огромен портокалова облак од чад. Некои стравувале дека се случила нуклеарна експлозија.
Бранот се раширил побрзо од брзината на звукот и уништил сè што се нашло пред него. Бил видлив со километри оддалеченост.

Фотографот кој ги снимил овие моменти се наоѓал на 2 километри од местото каде што се случила експлозијата. Најмногу е погодена областа во близина на пристаништето. Откорнати се покривите на магацини на стотици метри во сите правци. Во бетонските згради околу пристаништето направени се дупки. Експлозијата со разорна моќ урнала балкони, превртела автомобили, прозорците ги претворила во пепел во околината на магацинот. Стакло паѓало врз жителите кои излегле на улиците.
Експлозијата направила и голема дупка во земјата. Таа била со јачина како градот да го погодил земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала.

Сомнежи околу експлозијата
Многумина најпрво се сомневале дека експлозијата е поврзана со растечките тензии меѓу Израел и милитантната група Хезболах. Потоа, околу 20:30 часот по локално време, началникот на либанската внатрешна безбедност, Абас Ибрахим, изјави дека експлозијата се случила во делот на пристаништето каде што се пронајдени експлозивни материи, кои биле одземени од брод пред некое време и се чувани во магацин.

Сомневањата потоа се насочиле кон складиштата со жито каде што се чувала пченицата откако пристигнала во пристаништето. Силос кој е уништен во близина на местото на експлозијата, наводно, содржел 85% од резервите на жито во Либан, стратешки резерви на храна во земјата, којашто е опустошена од економскиот пад.

Подоцна беше објавено дека стаува збор за високоексплозивен материјал од околу 2.700 тони амониум нитрат, којшто се користел за правење бомби, а бил складиран откако бил запленет на брод во 2013 или 2014 година.
Многу експерти велат дека има знаци дека амониум нитратот ги предизвикал поголемите експлозии.
Локалните медиуми објавија дека либанскиот главен град изгледа како да го погодила најлошата апокалипса. И додека истрагата за тоа што точно се случило сè уште трае, експертите велат дека можело да биде и полошо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
За прв пат во историјата, астронаути се евакуирани од Меѓународната вселенска станица од здравствени причини
Четворица астронаути ја напуштија Меѓународната вселенска станица (МВС) еден месец порано од планираното, во првата медицинска евакуација откако станицата беше лансирана во орбитата на Земјата во 1998 година.
Астронаутите би требало да слетаат во морето покрај брегот на Калифорнија во раните утрински часови во четврток по локално време. Нивната мисија беше скратена поради медицинска состојба на еден од членовите на екипажот, соопшти НАСА.
НАСА не го објави идентитетот на астронаутот ниту природата на медицинската состојба, но наведе дека е стабилен. Командата на МВС е предадена на рускиот космонаут Сергеј Куд-Сверчков и уште двајца членови на екипажот.
Во екипажот што се враќа се американските астронаути Мајк Финке и Зена Кардман, јапонскиот астронаут Кимија Јуи и рускиот космонаут Олег Платонов. Тие пристигнаа на МВС на 1 август, со планиран престој од шест и пол месеци, и требаше да се вратат кон средината на февруари.
Но, минатата недела, планираната вселенска прошетка на Финке и Кардман беше откажана во последен момент. Неколку часа подоцна, НАСА објави дека еден член на екипажот се разболел. „Постојат мешани чувства“, рече Финке во понеделникот додека му ја предаваше командата на Куд-Сверчков.
МВС орбитира околу Земјата на надморска височина од околу 400 километри, правејќи 16 орбити околу планетата дневно и патувајќи со брзина од околу 28.000 километри на час. Станицата ја управуваат пет вселенски агенции и спроведува обемни научни истражувања за вселената и ефектите од бестежинската состојба врз луѓето, животните и растенијата.
Свет
Израел и Иран постигнаа таен договор преку Русија
Во услови на високи тензии, Израел и Иран тајно разменија пораки, со посредство на Русија, уверувајќи се едни со други дека нема да извршат први напад.
Неколку дена пред да избувнат протестите во Иран кон крајот на декември, израелските власти го информираа Техеран преку Москва дека нема да го нападнат Иран доколку први не бидат нападнати.
Иран одговори преку истиот канал дека ќе се воздржи и од превентивен напад, изјавија дипломати и регионални претставници запознаени со комуникациите, според „Вашингтон пост“.
Комуникациите се невообичаени со оглед на непријателството меѓу двата блискоисточни соперници, кои водеа 12-дневна војна минатиот јуни.
Според дипломатите, контактите ја одразуваа желбата на Израел да избегне ескалација додека се подготвува за воена кампања против Хезболах, либанска милиција во сојуз со Иран.
Приватните уверувања беа во спротивност со јавната реторика на израелските претставници кон крајот на минатата година, кога отворено алудираа на можноста за нови напади врз Иран за да се запре неговиот арсенал од балистички ракети.
Иако иранските претставници позитивно одговорија на израелската иницијатива, тие останаа претпазливи, изјавија двајца претставници запознаени со размената. Иран верува дека дури и ако израелските гаранции се искрени, останува отворена можноста американската војска да започне напади врз Иран како дел од координирана кампања, додека Израел ќе ја фокусира својата воена моќ исклучиво врз Хезболах.
Сепак, „за Иран беше добра зделка“ да се држи настрана од потенцијален конфликт меѓу Израел и Хезболах, изјави висок регионален претставник кој зборуваше под услов да остане анонимен. Американски претставници изјавија дека иранската поддршка за Хезболах веќе се намалила додека Техеран се справуваше со внатрешни немири.
Свет
Иранско судство: Демонстрантот Ерфан Солтани не е осуден на смрт
Иранското судство ги негираше извештаите дека демонстрантот Ерфан Солтани е осуден на смрт, објавија иранските државни медиуми.
Солтани претходно беше наведен како првиот демонстрант во Иран кој ја доби најстрогата казна од почетокот на сегашните немири.
Неговото семејство претходно изјави дека им било кажано дека егзекуцијата е одложена.
Иранското судство објави дека 26-годишниот Ерфан Солтани, кој беше уапсен на 10 јануари за време на протестите во Иран, не е осуден на смрт, објавија државните медиуми, пренесува Ројтерс.
Се вели дека Солтани е обвинет за „здружување против внатрешната безбедност на земјата и пропагандни активности против режимот“, но судството појасни дека смртната казна не се однесува на вакви обвиненија доколку бидат потврдени од судот.
Солтани е задржан во централниот затвор во Карај, се вели во извештајот.

