Култура
Вечерва на Охридско лето концерт на дуото „СолиПс“

Во рамките на фестивалот Охридско лето, вечерва ќе настапи дуото „СолиПс“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Ова дуо формирано во 2011 година го сочинуваат македонско-француската флејтистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Роман Петио. Тие настапуваат на сцени и на фестивали во Франција, Белгија, Чешка, Италија, Русија и во Босна и Херцеговина. Од нивните настапи се издвојуваат : „Маскфест“ во Сан Марино, „Форфест“ во Кромериц, интернационалниот фестивал „Сараевска зима“, настапот во Музејот на Скрјабин во Москва, настапот на Неделата на класичната музика во Лавоар, во Музејот за уметности во Брисел…
Флејтиската Елена Стојческа е добитничка на прва награда на меѓународниот натпревар „Ауди Моцарт“ во Роверето, Италија, како и на многубројни награди од државните натпревари за флејта и камерна музика во Северна Македонија, како и на натправарите „Буфет-Крампон“ и „Гастон Крунел“ во Франција.
Настапувала како солист со Македонската филхармонија, оркестарот „Хајдн“ од Болцано и Тренто, оркестарот „Пoл Кунц“, симфонискиот оркестар „Бакау“, како и со оркестарот „Француски флејти“. Како рецитален уметник и камерен музичар настапувала во Франција, Италија, Велика Британија, Турција, Луксембург, Холандија, РС Македонија на многубројни фестивали. Членка е на ансамблот флејти „Бонсаи“ и на престижниот оркестар „Француски флејти“.
Стојческа е добитничка на повеќе стипендии од „Отворено општество“ – Македонија, Фондацијата „Албер Русел“, како и од владите на РС Македонија и Франција. Студирала во РС Македонија, Франција и Италија кај реномирани професори, како: Пјер-Ив Арто, Петер Лукаш Граф, Винсент Лукас, Аурел Николет, Ирена Графенауер и Бети Станковска. Професор е на Конзерваториумот „Ливри-Гарган“, како и на Парискиот централен конзерваториум – ЦМА „В.А. Моцарт“.
Францускиот гитарист Роман Петио е победник на повеќе натпревари, како „Гитарманија“ во Алмада, Португалија, и „Гитар-фест“ во Белград, а финалист бил и на натпреварот „Роберт Видал“ во Франција. Како рецитален и камерен музичар настапувал на повеќе значајни фестивали во: Франција, Италија, Чешка, Португалија, Русија, Босна и Херцеговина и во Шпанија.
Премиерно изведува и снима дела за соло гитара од композиторите Лоренс Шер, Венсан Еро и Масимилијано Месиери. Дипломирал со највисоки оцени на Школата за музика „Алфред Корто“ и се стекнува со магистерска од областа на педагогијата од Парискиот конзерваториум. Студирал со Алберто Понсе и Јудикаел Перој, а се усовршувал на мајсторски курсеви кај Дејвид Расел, Зоран Дукиќ, Лоренцо Микели, Павел Стајдл и Карло Маркионе… Роман е роден 1987 година, живее и работи во Париз, каде што предава на регионалниот конзерваториумот во Л’ај Ле Роз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Голдберг варијациите“ на Бах во изведба на Дино Имери – утре во Виена

Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, утре (13 јуни) ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Концертот ќе се одржи во престижниот „Бехштајн Центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Република Северна Македонија, со поддршка од Македонско-австрискиот бизнис клуб и компанијата SSB Infrastructure-Austria.
Ова дело, коешто Имери премиерно го изведе во Скопје во рамки на „Недела на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават во својот концертен репертоар.
„Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам ‘Голдберг варијациите’ – едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика која секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години. Искрено им се заблагодарувам на Н.Е. г-дин Освит Росоклија и на поддржувачите на концертот – без нив оваа реализација немаше да биде можна“, изјави „волшебникот на пијаното“ Дино Имери пред настапот.
Концертот е со слободен влез и отворен за сите љубители на класичната музика.
Култура
Фестивалот Credence Dance почнува на 16 јуни

Третото издание на фестивалот Credence Dance започнува на 16 јуни, а ќе трае до 21 јуни со програма конципирана тематски, Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц.
Фестивалот оваа година има и дополнителна програма која ќе се состои од работилници и трибини. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда,“„Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“ и други.
Освен тоа во делот на модерниот и современиот танц премиерно ќе бидат изведени дела на Игор Киров, Бојан Мицов, Џонс Хинг, Франциско Руиз и Јована Петровска кој кореографите наменски ги подготвија за фестивалот.
Овогодинешниот Credence Dance фестивал ќе понуди ексклузивни гости од Кина, САД, Италија, Франција, Германија, Велија Британија итн. Ова е исклучителна и ретка можност да се видат овие уметници на домашна сцена.
Во рамки на фестивалот традиционално ќе биде врачена Наградата за трајни вредности во танцовата уметност. Настанот се одржува во Националата опера и балет.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, Скопје. Влезот е слободен.
Култура
Во Москва излезе „Пиреj“ од Петре М. Андреевски

Романот „Пиреj“ излезе од печат во Москва на инициjатива на Олга Панкина, познат популаризатор на македонските културни вредности во Русија. Таа го преведе уште во 2008 година, го обjави издавачката куќа „Феникс“, Скопjе. Како што обjаснува Панкина, романот на руски веднаш предизвика интерес каj публиката, но сепак книгата не можеше да допре до широк круг рускоjазични читатели. Сметаjќи го романот на основоположникот на современата македонска проза Петре М. Андреевски за ремек дело, таа си постави за задача да го преобjави во Москва.
Оваа година идеjата jа поддржа Центарот за книга „Рудомино“ со коj Олга Панкина плодно соработува веќе петнаесет години (Центарот за книга има обjавено творби на над 20 македонски автори).
Ова издание на „Пиреj“ е многу квалитетно (368 страни, тврд повез) и изгледа современо. На корицата има фрагмент од сликата „Стара куќа“ на Олга Панкина. Блескав предговор за книгата напиша Венко Андоновски, коj даде за руска читателска публика основни информации за историјата која е заднина на личната драма на едно македонско семејство од почетокот на ХХ век, семејството на Јон и Велика, jа подвлече актуелноста на романот и го нарече како најголем македонски бестселер на сите времиња.
Тукушто обjавениот роман веќе заживее своj книжевен живот – почна да стекнува читатели. Минатата недела, од 3 до 7 jуни, беше презентиран на Саемот на книга на Црвениот плоштад во Москва на штандот на издавачот Центар за книга „Рудомино“.