Македонија
Почнува кампањата за прогласување на Осоговските Планини за заштитен предел
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во соработка со Македонско еколошко друштво (МЕД), Јавното претпријатие „Национални шуми“ и општините во идното заштитено подрачје почнува кампања за прогласување на Осоговските Планини за заштитен предел.
Кампањата ќе трае четири недели, а целта е јавноста да биде добро информирана и запознаена што претставува заштитено подрачје, кои се придобивките, вклучувајќи ги и економските аспекти, и зошто Осогово заслужува и треба да се заштити.
Кампањата ќе опфати промоција на куси видеа и фототестемонијали од Осоговскиот регион, објави на социјалните мрежи со важни информации за идното заштитено подрачје, за природните вредности, биодиверзитетот и специфичните интеракции на природата и човекот, за туризамот, планинарството, специфичната култура и традиција, како и за придобивките од заштитата на подрачјето.
МЖСПП, МЕД и ЈП „Национални шуми“ ги повикуваат општините во регионот, невладините организации, медиумите, локалните бизнисии и сите вљубеници во природата да ја поддржат оваа кампањата преку споделување на содржините на своите веб-страници и на социјалните медиуми и со тоа да придонесат за помасовно споделување на информациите за идното заштитено подрачје и успешното завршување на процесот.
Во следниот период МЖСПП во соработка со општините ќе организира и четири јавни расправи во Осоговскиот Регион за запознавање на засегнатите страни со нацрт-одлуката за прогласување на дел од Осоговските Планина и за заштитено подрачје во категорија заштитен предел. Таа е изработена врз основа на студијата за валоризација на природните вредности на Осоговските Планини – заштитен предел и анексот на студијата.
Јавните расправи се дел од активностите за вклучување на јавноста во процесот на изработка на конечниот акт што ќе биде доставен до Владата на Република Северна Македонија на усвојување. Термините за одржување на јавните расправи се достапни на веб-страницата на МЖСПП. Идното заштитено подрачје Осоговски Планини опфаќа делови од општините: Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Чешиново Облешево, Кочани и Македонска Каменица.
Оваа кампања е поддржана од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а координиран од „Фармахем“ од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Предизборна политичка манипулација – Владата на ДПМНЕ ги скрати парите откако истера кампања
„Во екот на локалните избори, владата на Христијан Мицкоски одобри средства на општините, а дел од нив беа и од унгарскиот кредит, за капитални проекти од областа на културата. Со овие проекти градоначалниците на ДПМНЕ си воеда предизбопрна кампања помпезно најавувајќи „обезбедени пари“ и „загарантирани“ проекти, само уште народот да им даде глас. Само неколку месеци подоцна, на еден ден пред Нова година, истата таа Влада со потпис на премиерот ги скрати речиси сите средства. Со ова власта на ДПМНЕ ја разоткри својата вистинска намера која не е реализација на проекти во културата туку предизборна политичка манипулација“, велат од партијата Левица.
„Со кратењето, од првично планираните 135,5 милиони денари за 13 проекти низ општините, Владата остави само 14,8 милиони денари за три селективно избрани проекти, додека останатите меѓу кои мултикултурниот центар во Аеродром, заштита на скопска чаршија, Исарот во Штип, конзервација и реставрација на фрескоживопис на црквата во Мокрино и низа други останаа со нула денари и со предизборните фалби и фотографии на градоначалниците на ДПМНЕ. Ова е јасен доказ дека културата била злоупотребена како предизборен маркетинг наместо да биде третирана како јавен интерес.
Дека Владата на Мицкоски воопшто нема намера да инвестира во општините, за проекти од културата, дополнително говори и фактот што наместо да се обезбедат средства за 2026 и 2027 година, Владата со одлука ги пролонгира во 2028 година, што практично значи ставање на проектите во фиока и нивно тивко умирање.
Левица укажува дека ова е само уште еден пример за класична изборна измама. Прво се ветуваат и одобруваат средства за политички поени, а по изборите парите се кратат, а граѓаните повторно остануваат излажани. Бараме од Владата да одговори зошто ги укинува средствата за најавените проекти и кој ќе понесе политичка одговорност за ова грубо манипулирање со очекувањата на граѓаните?“, се вели во соопштението на партијата Левица.
Македонија
„Со Мицкоски Македонија е во ранг со Сомалија, САД ја запре обработката на визи“, велат од СДСМ
„Македонија е опфатена во одлуката на САД за суспендирање на обработката на визи заедно со уште 75 земји, меѓу кои Сомалија, Сирија, Гана, Руанда, Бутан, Нигерија, Иран, Русија…“, велат од СДСМ.
„Минатата година САД ги зголеми царините кон Македонија, сега од 21 јануари САД ќе биде суспендира и обработка на визи за македонските државјани.
Толку е периметарот на Мицкоски, ја доведе Македонија во ранг со Сомалија“, соопшти СДСМ.
Македонија
Фактот што Македонија е ставена на иста листа со Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал, смета Македонски концепт
Губењето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува сериозна и потенцијално смртоносна закана за безбедноста, стабилноста и иднината на Република Македонија и македонскиот народ. За мала држава во чувствителен геополитички регион, ваквото нарушување на односите со клучниот стратешки сојузник значи институционална изолација, економска несигурност и директно слабеење на националната безбедност, велат од Македонски концепт.
Според нив, фактот што Македонија е ставена на иста листа со држави како Судан и Сомалија е длабоко поразителен и алармантен сигнал.
„Тоа не е случајност, туку последица на долгогодишна толеранција, па дури и институционална пасивност кон два опасни феномени: растечкиот верски радикализам на македонска територија и широко распространетото прокомунистичко и антизападно однесување и наратив во јавниот простор“, велат од Македонски концепт.
Од таму велат дека овие појави се директно спротивни на вредностите на НАТО, на западната цивилизација и на принципите врз кои се темели стратешкото партнерство со САД.
„Потребни се итни, проактивни и недвосмислени државни мерки, без калкулации и без идеолошки страв: забрана на носење бурки и верски манифестации во сите јавни институции, во име на безбедноста, секуларноста и јавниот ред; донесување посебен закон за спречување и санкционирање на верскиот радикализам и донесување закон за забрана на комунистичката идеологија, нејзините симболи и тоталитарното наследство, како идеологија која историски и суштински е спротивна на слободата, демократијата и западниот вредносен систем“, се наведува во соопштението.
Паралелно со внатрешните реформи, велат од Македонски концепт, Република Македонија мора да упати формален и аргументиран приговор до Соединетите Американски Држави за штетите предизвикани со ставањето на земјата на ваква листа.
„Како полноправна членка на НАТО, Македонија има право да се повика на Договорот за стратешко партнерство, со јасно барање истиот да се почитува и земјата веднаш да биде отстранета од таа листа. Македонија мора да избере, или ќе биде јасен и вредносно усогласен сојузник на САД, или ќе продолжи да тоне во сива зона на радикализам, идеолошки анахронизам и меѓународна недоверба. Среден пат, нема“, велат од Македонски концепт.

