Економија
Царовска, Бајрактар и Шкријељ на меѓународна конференција за кризен менаџмент

Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, и поранешната дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, вчера доцна попладнето учествуваа на онлајн-меѓународна конференција „Улогата на кризниот менаџмент во време на пандемија – меѓусекторска солидарност и соработка“, организирана од Министерството за труд, вработување и социјални прашања на Р. Србија.
На конференцијата, чија основна цел беше да поттикне соработка на институциите од земјите од поранешна Југославија во време на Ковид-19, воведно обраќање имаше светскиот експерт од областа на кризниот менаџмент, Исак Адижес.
Вицепремиерката во своето обраќање истакна дека Северна Македонија изминатите неколку месеци добро ја менаџира економско-социјалната криза предизвикана од здравствената криза преку создавање неколку сета мерки во вкупна вредност од 555 милиони евра. Сите мерки беа направени во тесна консулатција со засегнатите страни, а отворивме и кол-центар, каде што граѓаните и компаниите можеа директно да се информираат за сите уредби, протоколи и мерки.
„Во услови на оваа тешка криза како Влада покакавме дека се грижиме за сите и дека никој не заборавен. Нашата основна цел во овој кризен период беше да ги сочуваме работните места во најпогодените сектори од кризата и навистина успеавме во тоа, односно сочувавме околу 75.000 работни места. Би сакала да напоменам дека најскористена беше мерката за финансиска поддршка на компаниите во висина на минимална плата од 14.500 денари за исплата на плати. Оваа мерка беше искористена за 120.000 вработени во 22.000 компанија. Компаниите имаа можност да ја користат и мерката за субвенционирање на придонесите на плати, но и бескаматните кредити, кои ги обезбедивме преку Развојната банка на Северна Македонија. Во тек е и реализација на посебна линија за инвестирање во време на криза во вредност од 25 милиони евра наменета за компании што инвестирале во текот на пандемијата. Во наредниот период ќе следува пакет-мерки со поддршка за реалниот сектор, кој ќе се финансира со средсва од ЕУ“, истакна Царовска.
Заменик-министерот за труд и социјална политика, Бајрактар, истакна дека во време на криза сите права и надоместоци од социјалната заштита продолжија редовно дури и предвреме да се исплаќаат кон корисниците.
„Покрај заштитата на работните места, една од клучните мерки е паричната помош за лицата што останаа без работа или беа во неформална економија. Со промена на условите за користење на ова право им овозможивме брз влез во системот за социјална заштита и право на остваруваме на гарантирана минимална помош. Со ова покаќавме дека системот е така дизјаниран што лесно се приспособува на потребите на граѓаните. Помошта стигнува до оние на кои им е најпотребна“, рече Бајрактар.
Шкријељ, која како дополнителна министерка активно учествуваше во креирањето на мерките, истакна дека најважно во време на криза е да се обезбеди социјална сигурност на граѓаните, а Северна Македонија тоа го понуди.
„Владата утврди категории на лица што треба да се ослободат од работа и работни активности. Меѓу нив се хронично болните, но и родителите на деца до 10-годишна возраст, како и самохраните родители, кои останаа дома со своите деца во услови кога не работат градинките и училиштата. Со ова покажавме вистинска грижа кон најмладите, а отсуството од работа на родителите се води како оправдано, односно работодавците имаат обврска да им исплаќаат 100 % плата“, рече Шкријељ.
На конференцијата беше заклучено дека е потребна почеста соработка и размена на искуства од земјите од регионот во врска со менаџирањето на кризата предизвикана од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска: Заврши јавниот оглас за финансиска поддршка за електрична енергија на ранливи потрошувачи

Јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменет за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи на енергија, заврши на 30 август 2025 година, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
„На огласот пристигнаа вкупно 878 барања, распределени по следните категории: Домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост: 227; Домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост: 296; Домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица: 201; Домаќинства со едно или повеќе потполно глуви лица: 154.
Комисиите, како што е истакнато вом соопштението, задолжени за обработка на пријавите веќе се во процес на разгледување. Почнувајќи од следната недела, обработените податоци ќе бидат доставувани до надлежните институции опфатени со Јавниот оглас и Програмата – Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија.
Комисиите, составени од по три члена, ќе ја вршат потребната проверка преку институциите и ќе предложат решенија до министерот. Финансиската поддршка се обезбедува преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1000 денари месечно, во траење од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека со оваа мерка се испраќа јасна порака дека државата стои зад оние на кои поддршката им е најпотребна.
„Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи и да им помогнеме да ги надминат предизвиците кои ги носи секојдневието. Финансиската поддршка за електричната енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби.“
Поддршката ќе се пресметува на месечната сметка за струја, започнувајќи од месецот по објавата на списокот на корисници. Согласно правилата, неплаќањето на две последователни сметки доведува до укинување на решението за финансиска поддршка.
Министерството потсетува дека сè уште е во тек јавниот оглас за субвенции за инвертер клима-уреди, со кој директно се таргетираат ранливите потрошувачи на енергија. Оваа мерка има за цел да го подобри квалитетот на живеење и да ги намали трошоците за енергија во домаќинствата. Рокот за аплицирање е до крајот на месецот, а сите информации и потребни обрасци се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
Се воведуваат пет нови линии кон домашните аеродроми, до Охрид ќе се лета од Катовице, Вроцлав и Милано, а до Скопје од Будимпешта и Наполи, најави Николоски

Имаме три убави вести во однос на авиосообраќајот, а тоа е дека воведуваме уште пет нови авиолинии и тоа до Охрид од Катовице, Вроцлав и Милано, а до Скопје од Будимпешта и Наполи. Визер следната година ќе понуди 3,3 милиони седишта за Македонија што ќе има директен импакт врз туризмот и економијата, а ќе донесе шест нови авиони од типот Ербас А321. Дополнително ќе работимена тоа да се вработат уште стотина македонски граѓани во авиокомпанијата, истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
До охридскиот аеродром како што најави, ќе се лета од Катовице -Полска од 28 јуни следната година, Вроцлав исто така Полска од 28 јуни следната година, што, според него, е многу значајно за отворање на Полска како земја која е многу заинтересирана за туризам во Македонија, особено полските туристи кои како што рече Николоски, се добродојдени во охридскиот регион.
Третата дестинација е Милано-Малпенса главниот аеродром која исто така ќе оперира од 28 јуни следната година. На тоа додаваме уште две нови линии кон скопскиот аеродром, Наполи-Италија со почеток од 6 април следната година и Будмишта -Унгарија од 6 април следната година. Ако на ова ги додадеме претходните пет линии кои ги објавивме пред месец дена, тоа е главниот аеродром Стокхолм и Мадрид кои почнуваат од 2 ноември, потоа Келн кој што почнува на 20 декември, Бари и Прага исто така на 20 декември и Ларнака која почнува на 30 октомври, тоа се вкупно 11 нови авиолинии за само месец и половина во соработка со нашите пријатели од Визер.
Втората вест е дека Визер на скопскиот аеродром ќе донесе шест авиони кои ќе бидат постојано присутни на аеродромот, до сега беа четири, ќе оди и на 7-8 и што е многу значајно прават замена на старите Ербас А320 на нови Ербас А231, кои се најмодерните авиони во светот во моментов“.
Како што појасни Николоски, тоа се авиони кои најмалку загадуваат и прават помалку бучава и авиони кои се со 239 седишта што ќе значи околу 59 % зголемување на капацитетот од следната година.
„Визер од следната година ќе понуди 3,3 милиони седишта за Македонија што може да замислите што ќе значи за туризмот и за економијата во Македонија. Третата добра вест е 200 Македонци работат во Визер и таа бројка планираме во следниот период да ја зголемуваме за најмалку уште 100”, додаде вицепремиерот.
Извршниот директор на Визер, Јосеф Варади истакна дека во Македонија гледаат партнер и како пазарен лидер во регионот воведуваат бенефити за граѓаните. Потенцираше дека до крај на годината ќе воведат шест летала и пониски цени, како и 3,3 милиони седишта во следната година за Македонија што ќе значи развој на туризмот и економијата. Тој додаде дека очекува дополнително да се вработуваат македонски граѓани во компанијата.
Економија
Претседателот на Сојузот на стопанските комори избран за член на Високиот совет на Светската федерација на стопанските комори

Сојузот на стопанските комори на Македонија информира дека претседателот Трајан Ангелоски учествува на 14-тиот Светски конгрес на стопанските комори (14WCC), кој се одржува од 2 до 4 септември 2025 година во Мелбурн, Австралија.
Во рамките на овој значаен глобален настан претседателот Ангелоски беше избран за член на WCF General Council – највисокото управно и одлучувачко тело на Светската федерација на стопанските комори.
Од Сојузот велат дека ова претставува исклучително признание и голема чест за Македонија, со што нашата земја добива свое место и глас во креирањето на клучните стратегии, политики и насоки за развој на стопанските комори и деловната заедница на светско ниво.
Конгресот во Мелбурн обединува водечки претставници од сите континенти со цел унапредување на меѓународната соработка, создавање нови деловни можности и зајакнување на врските помеѓу стопанските комори и компаниите. Настанот беше свечено отворен од г. Пол Гвера, извршен директор на Victorian Chamber of Commerce & Industry и од градоначалникот на Мелбурн, Lord Mayor г. Николас Рис, кој ја поздрави меѓународната делегација и ја истакна важноста на Конгресот за глобалната бизнис-заедница.
Членството на претседателот Ангелоски во WCF General Council е силна потврда дека Македонија се позиционира како активен и влијателен партнер во глобалните економски текови обезбедувајќи нови можности за домашните компании и претприемачи.
„Ова е значаен момент и гордост за нашата држава. Со овој чекор Македонија добива право на глас во донесувањето на најважните одлуки на меѓународно ниво, а воедно и можност да го претстави својот претприемачки дух пред светот“, истакна Ангелоски.