Регион
Турски шпионски авиони десетици пати го нарушиле грчкиот воздушен простор
Тензиите меѓу Турција и Грција остануваат на високо ниво, при што турскиот режим наводно континуирано го нарушувал грчкиот воздушен простор неделава со авионите „СН-235“. Грција ја обвини Турција за 45 прекршувања на грчкиот воздушен простор во вторникот, од кои 35 се вели дека биле спроведени од шпионски авиони „СН-235“, кои летале северноисточно, централно и јужно од Егејското Море.
Според извештајот на грчкиот весник „Прото тема“, во најмалку три случаи грчки борбени авиони успеале да ги пресретнат турските авиони.
Грција и Турција и понатаму имаат проблематични односи бидејќи турскиот истражувачки брод „Оруч реис“ останува на Медитеранот, придружуван од 10-ина турски поморски воени бродови. Бродот спроведува сеизмичко истражување во облас во Средоземното Море за која Грција тврди дека е дел од грчката ексклузивна економска зона (ЕЕЗ).
Во средата турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, нагласи дека владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган сака да се реши спорот во Медитеранот преку дијалог.
„И покрај сето ова, сакаме да веруваме дека ќе преовлада здравиот разум. И на терен и на маса, ние сме за меѓународното право, добрососедството и дијалогот. Ние сакаме да постигнеме политички решенија преку мирни средства во согласност со меѓународните закони“, рече Акар.
Во исто време, турското Министерство за надворешни работи ја обвини Грција за кршење на правата на турското малцинство во регионот Тракија поради затворањето на училиштата за што Грците тврдат дека е поради недостиг од ученици.
„Оваа практика на Грција е дел од политиката на асимилација и угнетување што се применува со децении против турското малцинство на Западна Тракија“, велат од Министерството.
Тие тврдат и дека Грците го прекршиле Договорот од Лозана со кој завршила војната меѓу двете земји во 1923 година.
Грчката влада строго одговори на овие обвиненија велејќи: „Парадоксално е, ако не и смешно, Турција да ѝ каже на Грција за потребата да ги почитува малцинските права. Историјата засекогаш ќе остане најобјективен сведок на систематската елиминација во Турција на сите малцинства на нејзината територија во текот на 20 век“.
„Патем, во Цариград (Истанбул) во 1955 година имало 54 грчки основни училишта, а денес само три. Дали турското раководство знае зошто?“, додаваат тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Трагедија на забава, еден загинат откако рачна бомба експлодирала во раката на 25-годишно момче во Хрватска
Забава во подрум во Книн во Хрватска завршила со експлозија на рачна граната. Загина 25-годишен маж, а тешко се повредени двајца млади на возраст од 25 и 23 години, една девојка на 21 година и еден малолетник.
Полицијата во саботата во 23 часот добила дојава дека ескплодирала непозната експлозивна направа. По увидот било утврдено дека се работи за рачна граната М-75.
„Од спроведените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба од станот што го користел за време на забавата донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Поради нестручно ракување дошло до несакано активирање на рачна бомба во раката на починатиот 25-годишник“, се вели во полициското соопштение.
Полициски службеници ја продолжуваат кривичната истрага за утврдување на околностите за набавката и поседувањето на споменатата минска експлозивна направа.
Регион
(Видео) Падна дел од фасадата на зграда на главниот плоштад во Загреб
Парчиња од фасадата од предниот дел на зградата паднале на плоштадот Бан Јелачиќ,објави порталот „Индекс“.
Полицијата ја опколила областа, а потоа работата ја презеле во свои раце пожарникарите и комуналните служби.
„Граѓаните и туристите го искористија денешното убаво време за да се прошетаат низ центарот на метрополата. Сепак, во популарниот загрепски сообраќаен шпиц околу 13 часот, на повик на загрижени минувачи пристигна полицијата, а потоа и загрепските пожарникари“, пишува „Јутарњи лист“.
Загрепските пожарникари ги извадиле остатоците од почетниот дел од фасадата кој не престанал да се распаѓа.
Според „Јутарњи лист“, отстранети се околу два метри материјал кој претставувал сериозна опасност.
За среќа нема повредени, а се уште не е позната висината на материјалната штета.
Во Загреб веќе се случи дел од фасадата да се откине од зградите во самиот центар на градот.
Пред само неколку недели, дел од фасадата се откина од зграда, исто така во близина на главниот плоштад во Загреб.
Минатото лето, дел од фасадата падна во близина на Хрватскиот народен театар, а пожарникарите потоа извадија приближно три квадратни метри од фасадата, која се закануваше да падне врз минувачите.
Исто така, во февруари годинава на аголот од улиците Илица и Томиќева од објектот паднало парче фасада, при што немало повредени.
Регион
Побаран притвор за сите уапсени поради трагедијата во Нови Сад, меѓу нив и поранешен министер
По рочиштето, Вишото јавно обвинителство во Србија побара притвор за сите 12 уапсени, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ и уште еден осомничен по кој беше распишана потерница, поради падот на настрешницата на железничката станица на 1 ноември во при што загинаа 15 лица.
Покрај Весиќ, кој поднесе оставка пет дена по несреќата, меѓу уапсените, а за кои Вишото јавно обвинителство во Нови Сад бара притвор, се и Јелена Танасковиќ, која поднесе оставка од челната позиција во Железничката инфраструктура на Србија, поранешниот директор на Инфраструктурата на Железниците на Србија Небојша Шурлан, како и помошникот министер за железнички транспорт Анита Димовски.
Обвинителството предлага приведување и притвор и за 13. осомничениот кој е во бегство и по кого е распишана потерница.
Осомничените се товарат за сторени повеќе кривични дела предизвикување јавна опасност, тешки кривични дела против општата безбедност и неправилно изведување градежни работи и им се заканува затворска казна од две до 12 години.
Вкупно 15 лица загинаа во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември околу пладне – 14 загинаа на местото на несреќата, додека уште едно лице од тројцата тешко повредени им подлегна на повредите подоцна во болница.