Македонија
СДСМ: Губитникот Мицкоски да го научи Уставот, Заев е мандатар

Губитникот Мицкоски да го научи Уставот, Заев е мандатар, а тој останува претседател на нереформирана и назадна партија, велат СДСМ, реагирајќи на прес-конференцијата на Христијан Мицкоски.
Од СДСМ оценуваат дека се очајни обидите на Мицкоски да пронајде алиби за поразот на изборите.
„Согласно уставот, претседателот Зоран Заев го добива мандатот како претставник на СДСМ и Можеме кои имаат најголем број пратенички места во Собранието. За потсетување, исто така како што неговиот ментор Никола Груевски го доби во 2017 година. Со таа разлика што Груевски остана осамен и изолиран во намерата да направи нова режимска влада, па наместо него, нова прогресивна влада направи Заев. За разлика од тогаш, сега Заев ќе направи Влада без разлика на очајот на Мицкоски“, велат од СДСМ.
Додаваат дека овој пат нема да има крвопролевања во Собранието како што имало на 27 април кога ВМРО-ДПМНЕ било подготвено да убие само за да не се случи трансфер на власта.
„Наместо да бара изговори и да се заканува Мицкоски треба да биде свесен дека тој не е ниту пратеник и дека единствено може да се бави со проблемите во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тој останува претседател на една од најназадните и нереформиранаи партии во државата“, се додава во реакцијата на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Земјотрес регистриран во Кичево, Охрид и околината

Земјотрес со интензитет од три степени по Европската макросеизмичка скала синоќа е регистриран во земјава.
Епицентарот на земјотресот потекнува од епицентралното подрачје Кичево, 75 км југозападно од Скопје.
Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје утринава информираше дека земјотресот е регистриран вчера во 20 часот и 39 минути и е со Рихтерова локална магнитуда, 2.7..
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Кичево, Охрид и околината.
Македонија
Сончево и топло време со температури до 34 степени, попладне краткотраен дожд

Синоптичарите за денеска најавуваат сончево и топло време со слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, слично време со мала до умерена облачност попладне. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Топлото време ќе се задржи и следните денови. Во понеделник во попладневните часови во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи и ќе дува слаб до умерен северен ветер, којшто веќе од вторник ќе го промени правецот во јужен. Од четврток веќе се очекува извесно зголемување на облачноста.
Македонија
Чизмите им останале заглавени во стопен шеќер, повредени неколку пожарникари, пожарот во „Винчини“ под контрола

Неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата додека го гаснеле големиот пожар во фабриката „Винчини“. Тие се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните, а во обид да се одглават, нивните чизми останале заглавени и згазнале во стопената смеса. Пожарот е ставен под целосна контрола.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека огнените јазици зафатиле три производни линии означени како 6, 7 и 8, од кои два магацини.
„Сите три погони имаа сончеви панели на покривот и се целосно опожарени. Благодарение на навремената интервенција на пожарникарите, спасени се линиите од 1 до 5. Во гаснењето учествуваа екипи од Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес. Пожарот е ставен под целосна контрола и нема опасност од негово ширење“, изјави Ангелов.
Според информациите, спасени се и дел од магацините со готови производи и суровини, со што спречена е поголема материјална штета.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) првично информираа дека пожарот во фабриката позната под брендот „Винчини“, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
Пожарот, како што информират оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
На нив на помош веднаш им дојдоа колеги од кочанската противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво (ДПД) Кочани, а беа издадени насоки до градоначалникот на Виница да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.