Култура
„Болеро“ – балет под маски, без допир и на дистанца
Спектакуларна изведба на балетската премиера „Болеро“ од Морис Равел и гала-концерт донесоа вчеравечер солистите, женскиот балетски ансамбл и Оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска, на сцената Долни Сарај во рамките на фестивалот Охридско лето.
Според генералниот директор на Националната опера и балет, Васо Ристов, програмата со која НОБ настапува на фестивалот е специјално конципирана и приспособена на условите во пандемијата на Ковид-19.
„И покрај пандемијата предизвикана од Ковид-19, НОБ е дел од програмата на најреномираниот фестивал во нашата земја – Охридско лето. Програмата е специјално конципирана за да може да се изведе во овие специфични услови. ‘Болеро’ е една нова авантура во балетската уметност и еден нов балетски израз во кореографија на Саша Ефтимова. Подготвивме нова премиера на ‘Болеро’, која е во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца. Сите учесници ги почитуваа здравствените мерки и протоколи уште на самиот почеток кога почнавме да се подготвуваме за учество на фестивалот“, изјави Ристов.

Кореографката на балетската претстава, Саша Ефтимова, додаде дека проектот е приспособен за условите во кои се наоѓаме и ќе може да се изведува додека не се смири ситуацијата предизвикана од Ковид-19.
„Херојски е што сите уметници прифатија да учествуваат во еден ваков проект зашто мерките се тие и знаеме дека не смееме да избегаме од реалноста во која моментно се наоѓаме. Сметам дека ако успееме со една ваква претстава, нашата иднина како национална куќа може да опстои, со тоа што ќе имаме нови уметнички креации и дела со кои може понатаму да работиме додека не се смири ситуацијата“, рече Ефтимова.
Пред балетскиот спектакл „Болеро“, НОБ одржа гала-концерт на сцената „Долни Сарај“. Публиката имаше можност да ужива во прекрасните оперски арии што ги изведуваа сопранистките Сандра Митровска и Катерина Стојановска, на тенорот Ѓорѓи Цуцковски, како и на Владимир Саздовски – бас, кои беа придружувани од Оркестарот на Операта и Балетот под диригентство на Бисера Чадловска.

„Морам да истакнам дека годинешното Охридско лето и поканата за нас како уметници е навистина еден фасцинантен мотив за повторно да се вратиме во уметничка форма. Минатата година имавме спектакуларен концерт на фестивалот со оперската пејачка Инва Мула и тоа е момент за паметење, меѓутоа во овие услови на коронавирус, сигурен сум дека на нашата публика ѝ ги стопливме срцата и им ја вративме волјата за живеење и љубовта кон уметноста“, рече првенецот на Националната опера и балет, тенорот Ѓорѓи Цуцковски, кој ги изведе најпознатите арии од оперите „Кармен“ и „Турандот“, а настапи и во дует од Адријано Лекуврер со својата колешка, сопранистката Сандра Митровска.
Здравствените протоколи пропишани за вакви настани максимално ги почитуваа и членовите на Оркестарот на Националната опера и балет, кои седеа на соодветна далечина и со заштитни маски, освен уметниците на дувачки инструменти, кои е невозможно да музицираат со маски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Патување низ различни музички светови со осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“
По повод 8. Mарт, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски. Концертот, кој ќе се одржи на 7. март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.
„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно одбрана музичка програма со делата на Агустин Бариос Мангоре, Франсоа де Визе, Антонио Хименес Мањон, Астор Пјацола, Мигел Љобет, Франц Шуберт, Јохан Каспар Мерц и Хоакин Малатс.
„Програмата нуди патување низ различни музички светови, од префинетата барокна елеганција на Франсоа де Визе, преку романтичната лирика на Шуберт и Мерц, и шармот на шпанската традиција кај Мањон, Љобет и Малатс, до страствените ритми на латиноамериканската гитара со Бариос и Пјацола“, вели Цуцковски.
Дејан Милевски е роден 1996 година во Охрид, Македонија. Своето музичко и гитарско образование го започнува на единаесетгодишна возраст во државното музичко училиште во Охрид во класата на проф. Александар Крстаноски. На четиринаесет години музичкото образование го продолжува во државното средно музичко училиште во Скопје (ДМБУЦ) како музичар изведувач- гитара во класите на проф. Дарко Багески и проф. Борче Наумоски.
За време на своите средношколски денови, Дејан освојува неколку награди на државни и интернационални натпревари по гитара. Истовремено е дел од неколку камерни состави со инструменталисти и соло пејачи, со кои настапува на многу настани во средното музичко училиште, но и надвор од него.
Во 2017 година го положува приемниот испит за додипломските студии на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, а во 2021 дипломира со највисоката оцена. Веднаш по завршниот испит го положува приемниот испит за магистерските студии на истиот факултет во Келн, Германија (“Hochschule für Musik und Tanz-Köln”) во класата на професорот Герхард Рајхенбах, а во 2024 година магистрира со највисокото признание.
Има учествувано на многу познати народони и меѓународни гитарски фестивали и натпревари како Guitar Art Festival Belgrade, Sarajevo Guitar Festival, Peja Guitar Festival- Kosovo, Gorizia Guitar Competition (Италија) и Tirana Guitar Festival, каде има освоено неколку награди.Исто така, учествувал и на многу семинари со реномирани професори и уметници од светската сцена.
Од 2019 до 2021 година предава класична гитара во музичкото училиште во Линторф, Германија, а во 2020 до 2022 година започнува да предава и да го води гитарскиот оркестар и во музичкото школо во Шпрокховел, Германија.
Дејан Милевски има настапувано на многу концерти во Македонија, Австрија, Италија, Германија, САД. Од 2022 година е вработен како професор по гитара во музичкото училиште „Helmut Schmidinger” во Грац, Австрија.
Култура
Промоција на „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ во Кинотека на Македонија
Кинотеката на Македонија најавува промоција на публикацијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“, која ќе се одржи на 27 февруари 2026 година, со почеток во 19:00 часот во просториите на Кинотеката.
Овој ексклузивен настан претставува значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата опфаќа богата збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати креирани во периодот од 1952 до 2022 година, како визуелна хроника на македонската филмска уметност, дизајн и естетика.
Промотори на изданието: д-р Александар Прокопиев и Јане Алтипармаков, со присуство на авторите на изданието.
Настанот ќе биде збогатен со пригодна изложба на избор од македонските филмски плакати.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.

