Македонија
Богоевски: Левицата има повеќе од 30.000 евра во пропаднатата банка Еуростандард
Поранешниот пратеник во Собранието, Павле Богоевски, на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека партијата Левица има повеќе од 30.000 евра во пропаднатата банка Еуростандард, што се гледа од партиската сметка на изборите, која е со кодот на банката.
„Извесно е дека правното лице Политичка партија Левица има депозит поголем од 30.000 евра во Еуростандард банка. Партиската сметка за изборите е со код на Еуростандард банка“, вели Богоевски во објавата, која е своевиден одговор на денеска соопштените заложби на лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, за антилихварско законодавство.
„Затоа се изненадив кога димчевистиве со молскавична брзина се потресоа во име на „обесправениот работник и граѓанин“. Профата со 10,00 просек не ги забележал предупредувачките знаци што ги забележале многу други и си ги повлекле средствата. Затоа, и во моментот на пропаѓањето само 74 ентитети имале депозити поголеми од 30.000 евра во Еуростандард банка. Па, сега, уште и пампари со некави реформи за антилихварско банкарство.
Да се разбереме – пропаѓањето на Еуростандард е трагедија што ќе ги влоши и искомплицира животите на голем број граѓани што имаат заштедено во банката и ќе ја загрози ликвидноста на голем број фирми. Дополнително, менаџментот и тимот на Еуростандард во текот на годините има донирано огромни пари во хуманитарни цели и има помогнато на голем број луѓе и ако ништо друго – од тој аспект ми е жал што повеќе нема да бидат на сцената и што броен и професионален кадар ќе треба да си бара нови работни места.
Ама друштво – парите на ВИСТИНСКАТА работничка класа, таа што нема депозити поголеми од 30.000 евра – се заштитени и ќе бидат директно обесштетени. Сретствата ќе може да си ги побараат и другите доверители преку стечајната маса, ама, за жал, тоа ќе оди подолго и потешко. Тоа е реалноста.
Многу ми е криво што ќе му заглават парите на Димче, ама, нели, Левицата беше партија од народот за народот, на која не ѝ требаат тешко заработените пари на граѓаните???
Во меѓувреме, со најавените реформи на банкарскиот сектор Димче ќе може само да се слика и да држи пресови – бидејќи тој текст никогаш нема да биде преточен во закон. И тој го знае тоа, ама не му е важна ниту реформата ниту граѓаните – туку само публицитетот што ќе си го добие пенавејќи се на сметка на „лошите капиталисти“.
А да – очигледно и многу му е гајле за парите на обесправените граѓани сè додека тој лично е „најобесправениот,“ напиша Богоевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

