Македонија
Сопругата на претседателот одржа предавање за студенти по медицина

Сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, вчеравечер во Вила Водно одржа предавање за студенти по медицина на тема: „Симплифицирана 3D-визуелизација: µCT евалуација in vitro и in vivo“. На настанот на којшто беа присутни дваесетина студенти по медицина присуствуваше и министерот за здравство, Венко Филипче.
Предавањето коешто е организирано во соработка со Здружението на студентите по медицина е дел од иницијативата што беше почната во февруари годинава, со предавањето на министерот за здравство, Венко Филипче, од областа на неврологијата, реализирано во канцеларијата на претседателот, Млади хаб.
Ѓоргиевска на студентите по медицина им зборуваше за една нова техника на визуелизација – микро компјутерска томографија од истражувачки аспект при што истакна дека оваа тема е поразлична од она што секојдневно го слушаат и работат бидејќи освен со стручните истражувачки податоци, ќе имаат можност да се запознаат со значењето на меѓународната соработка и со тоа што се прави во светот на оваа тема.
„3D-микроскопија со x-зраци овозможува да се визуелизира внатрешната 3D-структура на примероците на недеструктивен начин. Технолошкиот метод кој стои зад ова е микрокомпјутерската томографија, техника на недеструктивно снимање, кое го користи истиот метод како медицинските CT-скенови, но на исклучително тенки пресеци со екстремно зголемена резолуција, при што може да се добијат микрофотографии дури на субмикронско ниво“, истакна Ѓоргиевска на предавањето за студентите по медицина.
Од Здружението на студенти по медицина беше истакнато дека во овој кризен период тие како млади идни лекари треба да имаат активна улога во својата локална заедница, прво за да дадат пример, а потоа преку активности, проекти и соработка меѓу нив да помогнат и да бидат поддршка на здравството во државата во справувањето со Ковид-19.
На предавањата можат да присуствуваат сите заинтересирани лица бидејќи истите се од отворен тип и се корисни за сите идни медицински работници овозможувајќи им преку директен контакт и разговор да добијат одговори на прашања кои останале неодговорени, како и можност за покренување нови иницијативи.
Целта на иницијативата е студентите и младите лекари да се запознаат со вредни трудови на стручњаци од областа на медицината и надвор од нивните специјализации и просториите на факултетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.