Свет
Директорот на либанската Царинска служба уапсен поради смртоносната експлозија во Бејрут
Директорот на либанската Царинска служба, Бадри Дахер, вчера беше и официјално уапсен откако беше сослушан за катастрофалната експлозија во Бејрут претходно овој месец, јави државната Национална новинска агенција.
Истрагата е фокусирана на тоа зошто речиси 3.000 тони експлозивен амониум нитрат бил складиран во градското пристаниште. Палењето на залихите предизвикало експлозија што го потресе главниот град, при што загинааа најмалку 180 луѓе, а повредени се повеќе од 6.000.
Триесет лица сè уште се водат како исчезнати по експлозијата на 4 август, што предизвика штета проценета на 10 до 15 милијарди долари.
Документите што излегоа на површина по експлозијата покажаа дека властите знаат оти во магацин на пристаништето со години се чуваат 2.750 тони нитрат на амониум и знаеле за опасностите.
Судијата Фади Саван го сослушувал Дахер, кој беше приведен неколку дена по експлозијата, речиси четири и пол часа во присуство на неговите двајца адвокати пред да донесе налог за апсење. Дахер ќе остане во притвор додека трае истрагата.
По сослушувањето на Дахер, Саван се упатил местото на експлозијата за да ја испита штетата и подоцна ќе се врати за да го сослуша Хасан Корајтем, кој беше највисок службеник на пристаништето до денот на експлозијата.
Либанскиот претседател Мишел Аун рече дека истрагата за разорната експлозија е многу сложена и дека нема да заврши брзо. Аун рече дека постапката е поделена на три дела. Првата има за цел да ги утврди околностите околу товарот, втората од каде потекнува и кој го испратил, а третата да се најде кој е одговорен за ракувањето и обезбедувањето на истиот.
Аун рече дека ФБИ и француските иследници помагаат затоа што тие, повеќе од Либанците, имаат можност да ги дознаат деталите за тоа што го довело бродот таму, кое е одредиштето и кој го поседува.
Деветчлена екипа истражители од ФБИ во неделата слета во Бејрут и се верува дека се приклучиле на истрагата. Француските иследници со денови се активни во пристаништето.
Народниот гнев е зголемен поради корупцијата и лошото работење на владејачката елита. Владата на Либан, која е поддржана од терористичката група Хезболах и нејзините сојузници, поднесе оставка на 10 август и продолжува да служи во својство на привремена власт. Во тек нема официјални консултации за тоа кој ќе го замени Хасан Диаб за премиер и не се појави ниту еден кандидат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Семејството на Вирџинија Џуфре го поздрави апсењето на Ендрју
Братот и снаата на Вирџинија Џуфре изјавија дека „славеле“ по веста за апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор.
Џуфре, која почина минатата година, беше една од најпознатите тужителки во аферата со Џефри Епстин и го обвинуваше Маунтбатен-Виндзор за сексуален напад. Тој сега е уапсен под сомнение за злоупотреба на положба и овластувања, пренесува „Би-Би-Си“.
Аманда Робертс, сопруга на братот на Џуфре, Скај Робертс, изјави за „Би-Би-Си“ дека семејството се надева оти апсењето може да претставува пресвртница.
„Се надеваме дека оваа истрага сега ќе поттикне и отворање понатамошна истрага за обвинувањата за сексуален напад. И тоа е веќе победа“, порача таа.
Вирџинија Џуфре тврдеше дека Маунтбатен-Виндзор сексуално ја нападнал трипати додека била тинејџерка. Тој постојано ги отфрлаше тие наводи. Случајот во 2022 година беше завршен со вонсудска нагодба, која не вклучуваше признание на одговорност ниту извинување.
Свет
Како полицијата го испланира и спроведе апсењето на поранешниот принц Ендрју
Апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор го изненади светот, но зад сцената високи службеници на полицијата на Темз Вали со денови методично ја планирале операцијата. По проценка на пријавата за злоупотреба на положба и разгледување на доказите, истражител побарал налог за претрес, пишува „Телеграф“.
Истражителите требало да го убедат судијата дека е неопходно да се изврши претрес во поранешниот дом на Ендрју во Виндзор и во неговиот сегашен дом на имотот Сандрингем. По добивањето на судско одобрение, биле испланирани претресот и апсењето, при што сите детали биле чувани во тајност. Според наводите, ниту Бакингемската палата ниту кралот биле однапред известени.
Во операцијата учествувале околу 20 службеници од полицијата на Темз Вали, со поддршка од полицијата во Норфолк. Тие патувале околу 200 километри од Кидлингтон во Оксфордшир до селото Вулвертон на имотот Сандрингем. Конвој неозначени полициски возила пристигнал нешто по 8 часот наутро.
Според поранешен полициски службеник, детективите вклучени во „доверливата операција“ веројатно не ги знаеле сите детали однапред. Тимот бил повикан рано наутро, а можно е да ги предале мобилните телефони пред да ги добијат конечните инструкции.
Службеникот кој го уапсил му го прочитал стандардното предупредување: „Не сте должни ништо да кажете. Меѓутоа, може да ви наштети во одбраната ако при испитувањето не споменете нешто на што подоцна ќе се повикате на суд.“
Потоа бил однесен во Оксфордшир на службено испрашување. Во притвор бил регистриран од дежурен наредник, кој потврдил дека причините за апсењето се законити.
Како и секој друг притвореник, бил претресен и му биле одземени телефонот, накитот, часовникот, ременот и вратоврската. Веројатно била направена и проценка на ризик за евентуални здравствени проблеми.
Му биле појаснети неговите права, вклучително правото на бесплатна правна помош и право да извести некого за апсењето. Вообичаено, притворениците се фотографираат и им се земаат отпечатоци од прсти пред да бидат сместени во ќелија.
Според поранешни полицајци, ќелиите се минималистички, со тоалет одвоен со преграда и душек поставен над подот. Му било дозволено да разговара со својот адвокат пред испрашувањето.
Испрашувањата може да се одвиваат во повеќе фази. Се смета дека не му биле ставени лисици, бидејќи нема историја на насилно однесување ниту ризик од бегство.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Свет
ЕУ сака место на преговарачката маса и повлекување на руските трупи од регионот
Европската унија бара Русија, во рамки на сеопфатен мировен договор, да ги повлече своите трупи не само од Украина, туку и од Белорусија, Грузија, Ерменија и молдавскиот регион Придњестровје. Ова се наведува во интерен документ на ЕУ што го изготвила високата претставничка за надворешна политика Каја Калас, за кој расправале амбасадорите на Унијата, пишува „Кијив пост“.
Радио Слободна Европа имала увид во документот, за кој министрите за надворешни работи би можеле повторно да разговараат на 23 февруари. Тој ги презентира ставовите на Брисел за условите на кои Москва мора да се согласи во преговорите под посредништво на САД за да се стави крај на војната во Украина.
Во документот се повикува на „забрана на руско воено присуство“ во овие земји, како и на отстранување на нуклеарното оружје од Белорусија. Брисел исто така одбива какво било „де јуре“ признавање на окупираните украински територии и бара нивна демилитаризација.
ЕУ инсистира дека траен мир не е можен без нејзино учество на преговарачката маса, и покрај тоа што формално не е вклучена во разговорите што ги водат САД. Во документот се бара и исплата на воена отштета, одбивање општа амнестија за воени злосторства и почитување на меѓународното право.
Ова се случува во време кога украинскиот претседател Володимир Зеленски се залага Украина да биде подготвена за членство во ЕУ до 2027 година, иако за тоа е потребна едногласна согласност од сите 27 земји членки.

