Култура
Агенцијата за филм: Правиме максимални напори да се сочуваат филмските фестивали

Oткако неколку организатори на филмски фестивали побараа исплата на парите за одобрените проекти, од Агенцијата за филм реагираат дека во неколку наврати правеле максимални напори да се задржи континуитетот на фестивалите како значајна културолошка гранка која ја промовира филмската уметност.
Велат дека неизвесноста со развојот на епидемијата и воопшто дали овие фестивали ќе можат да ја реализираат програмата, како и административниот застој што се случи заради вонредната состојба е причина за ова недоразбирање со овие организатори.
Агенцијата нагласува дека за време на вонредната состојба добиле известувања дека некои од фестивалите кои требале да се одржат во текот на месец април и мај го одложуваат своето одржување поради настанатата ситуација. Во периодот на вонредната состојба Агенцијата за филм се обратила до одобрените проекти, прво со известување (испратено до организаторите на 7 мај 2020 г.) дека поради вонредната состојба, Агенцијата за филм нема да биде во можност да склучува договори, а потоа во текот на месец април се обратила со барање на информација од страна на организаторите дали се во план да ги одржат фестивалите и покрај пандемијата, односно дали истите би ја адаптирале својата програма онлајн.
„За да не се одолговлекува целата ситуација повеќе од потребното, Управниот одбор на предлог на службите од Агенцијата за филм донесе одлука за измена на износи на фестивалите кои имаа направено измена во претходно доставените програми (начин на одржување) и заклучок за потпишување договори со сите фестивали кои ќе се одржат заклучно со месец септември. Овој пресек е направен од причина што оние фестивали кои се одржуваат во догледно време имаат подефинирани програми и буџети врз основа на кои може да се склучи договор. За останатите фестивали предвидено е да се одлучи во втората половина на август најдоцна до почетокот на септември. Ова значи дека фестивалите за кои не е донесена измена во одобрените износи и кои ќе се одржат од октомври до крајот на годината сè уште имаат валидна одлука со одобрен првичен износ кој ќе претрпи измена доколку овие фестивали имаат измени во програмата и буџетите, сепак за нив сè уште поради неизвесноста на ситуацијата со пандемијата не се склучуваат договори“, велат од Агенцијата.
Агенцијата за филм информира дека во конкретниот случај на сите фестивали се давани информации врз основа на она што во моментот се поседувало како податок и велат дека транспарентноста е секогаш на прво место.
„Треба да се има предвид дека оваа состојба нè затече сите нас и дека многу од работите се одлучуваат во од, првенствено поради неизвесноста која се создава од надворешни фактори. Токму ова беше посочено на организаторите на фестивалите во повеќе наврати и самите тие потребно е да бидат свесни дека доколку не се створат услови некогаш можеби е подобро и да се откажат од своите проекти поради настанатата состојба, тоа не значи дека наредна година нема да добијат поддршка и сл. , но сите треба да сме одговорни и искрени најпрво пред себе дека јавните средства секогаш треба да се користат наменски, одговорно и квалитетно. Целта на Агенцијата за филм е да се одржат сите фестивали, но не под квалитетот кој го носи оваа задача. Приложувањето на програма во која нема конкретни цели, мисија и замисла не може да биде предмет на доделување / исплаќање на јавни средства“, наведуваат од Агенцијата во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
СДСМ: Нема плата за Влегден за културните работници

Денес е 17 април. Два дена после законскиот краен рок за исплата на платата, во Светата седмица, на Велики четврток – симбол на смирение и човечност, само три дена пред големиот христијански празник Велигден, вработените во културата сè уште немаат добиено плата за месец март, велат од СДСМ.
Според партијата ова не е само административен пропуст, туку директен удар врз достоинството на оние што ја чуваат нашата културна меморија, ја создаваат уметноста и се грижат за духовното богатство на нацијата.
Да не се исплати плата навреме, велат од СДСМ, а особено во овие празнични денови кога семејствата се собираат, кога традицијата повикува на трпеза, топлина и заедништво – значи да се покаже рамнодушност кон нивниот труд и живот.
„Министерот за култура,Зоран Љутков, потфрли. Потфрли не само како институционален раководител, туку и како човек кој некогаш самиот стоел на сцена и знае што значи љубовта кон културата. Разочарува фактот што токму тој, дојден од светот на уметноста, не покажа ни минимум емпатија и одговорност кон своите колеги – вработените во установите од културата низ целата земја“, велат од СДСМ.
Се додава дека културата не може да биде последна на листата. Луѓето што работат во театарите, музеите, библиотеките, галериите… заслужуваат почит и сигурност, не понижување и несигурност. Оваа ситуација не смее да се повтори.
СДСМ повика на одговорност.
Култура
Бесплатен концерт на македонско-турско дуо во Даутпашиниот амам

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Даут Пашиниот Амам – објект на Националната галерија на Северна Македонија, ќе се одржи концерт на интернационалното дуо составено од Даниела Неделковска (флејта, Северна Македонија) и Пинар Челик (пијано, Република Турција).
Концертната програма опфаќа дела од македонски и турски автори, нудејќи музичко доживување кое ги спојува традициите, културата и естетиката на Балканот и Анадолија. Настанот има за цел да ја потенцира блиската културна соработка помеѓу двете пријателски земји преку јазикот на музиката.
Настанот се одржува под покровителство на Амбасадата на Република Туркије во Скопје, а во организација на Институтот Јунус Емре – Скопје, кој континуирано работи на зближување на културите преку уметнички и образовни проекти.
Влезот за концертот е бесплатен.
Култура
Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Актерот на Драмски театар Скопје, Сашо Тасевски е добитник на наградата за најдобра споредна машка улога на четвртото издание на Театарскиот фестивал „5РЕ” во Велес. Наградата ја доби за улогата на Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ во продукција на Драмски театар Скопје.
Наградата за најдобра споредна машка улога ја донесе жирито во состав: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски и во образложението на наградата се истакнува неговата фантастична изведба на ликот Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ и се додава: „Сашо Тасевски, со неговиот хумор, енергија и актерска виртуозност, ја донесе една од најзначајните улоги во оваа претстава. Неговата игра ги плени сите сетила, одржувајќи баланс меѓу забавата и длабоките емоции што го носат со себе карактерите од оваа комедија“.
Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата на претставата. Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски. Кореографија ја направи Бојан Лазаров.
Ликовите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Гомез Адамс – Предраг Павловски, Мортиша Адамс – Трајанка Илиева Вељиќ, Бабата – Гордана Ендровска, Венздеј Адамс – Нина Елзесер, Фестер Адамс – Сашо Тасевски, Пагзли Адамс – Томислав Давидовски, Лукас, момчето на Венздеј – Марјан Наумов, Деби, бившата љубов на Фестер – Емилија Мицевска, таткото на Лукас – Златко Митрески и мајката на Лукас – Маја Вељковиќ Пановска.
Ликовите на ДУХОВИ во претставата „Фамилијата Адамс“ ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.
Режисерката Теа Беговска во програмската белешка истакнува дека: „Фамилијата Адамс, овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – “танцуваат” во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс“.
Претставата Фамилијата Адамс е на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје и наредната изведба е на 26 април во 20 часот. Тоа ќе биде нејзина тринаесетта изведба по премиерата на 25 декември 2024 година.