Економија
Пензиите и социјалната помош и за август ќе се исплаќаат по групи
Владата ја разгледа и усвои информацијата за исплата на пензиите за август 2020 година и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до вторник, 25.8.2020 година, а им препорача на деловните банки од среда, 26.8.2020 година, да обезбедат пензионерите со августовските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа.
Во заклучоците во врска со исплатата на пензиите за август 2020 година им се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите што не користат картички во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:
– в среда, 26.8.2020 година, исплата на пензиите со висина до 11.000 денари;
– в четврток, 27.8.2020 година, исплата на пензиите во висина од 11.001 денар до 14.000 денари;
– в понеделник, 31.8.2020 година, исплата на пензиите во висина од 14.001 денар до 18.000 денари;
– во вторник, 1.9.2020 година, исплата на пензиите во висина над 18.000 денари.
Владата го задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и им препорача на деловните банки да обезбедат други дополнителни редовни исплати за корисниците на пензии што се префрлени од Еуростандард банка АД Скопје во другите деловни банки, со цел тие да може да располагаат со августовските пензии на 7.9.2020, 14.9.2020 и на 25.9.2020 година за оние корисници на пензиите што досега ги користеа услугите на Еуростандард банка АД и кои до 25 август нема да успеат да отворат трансакциски сметки во другите банки.
Владата на оваа своја седница ги прифати заклучоците на Министерство за труд и социјална политика редовната исплата на паричните права од социјалната заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства, за август 2020 година да се врши во 3 групи (на 2, 3 и 4 септември), a дополнителнa исплата ќе се врши на 11, 18 и на 25 септември 2020 година, при што податоците за корисниците од банките до Министерството за труд и социјална политика ќе бидат доставени на 7, 14 и на 21 септември 2020 година.
Владата го прифати и заклучокот според кој Македонската банкарска асоцијација во соработка со деловните банки да изготви за лицата што не се во можност физички да пристапат до банката урнек на полномоштво за отвароње трансакциска сметка и/или за нејзино поврзување со социјалниот број и за користење средства од парични права од социјална и детска заштита, кое Народната банка на РСМ и Министерството за финансии треба да потврдат дали е усогласено со релевантната законска и подзаконска регулатива.
Во согласност со заклучоците Македонската банкарска асоцијација да достави информација за деловните банки што имаат склучено договор со „Македонска пошта“ дали овие договори се применливи за исплата на паричните права од социјалната заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства, како и да информираат кои банки планираат да склучат договор со „Македонска пошта“ за вршење исплата на овие корисници преку пошта со достава на средствата до нивниот дом.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за преземените активности во Централниот регистар за промовирање на можноста физичките лица електронски да вршат регистрација на фирма преку системот за е-регистрација со користење дигитален сертификат и степен на искористеноста на оваа можност и му препорача на Централниот регистар на Република Северна Македонија да продолжи со активностите за промовирање на можноста физичките лица електронски да вршат регистрација преку системот за е-регистрација, а за овие активности да го извести Министерството за финансии до крајот на декември 2020 година.
На денешната седница Владата ја усвои и информацијата за работењето на владиниот Центар за информации за економските и други поврзани мерки донесени за справување со негативните економски и социјални последици од Ковид-19, со известување за поплаките од граѓаните и анализа на проблемите и отворените прашања.
Следствено, Владата ги задолжи надлежните институции, Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за образование и наука и Фондот за здравствено осигурување, со цел да се утврдат решенија за остварување на правото за домашна платежна картичка од страна на секој граѓанин што ги исполнува условите при донесување одлуки и креирање на четвртиот пакет економски мерки и да ги земат предвид поплаките на граѓаните и отворените прашања поврзани со имплементација на мерката за домашни платежни картички содржани во информацијата.
Исто така, Владата ги задолжи надлежните институции, Министерството за економија, Генералниот секретаријат на Владата, Управата за јавни приходи и Министерството за финансии да утврдат решенија за остварување на правото на ваучер за туризам од страна на секој граѓанин што ги исполнува условите при донесување одлуки и креирање на четвртиот пакет економски мерки да ги земе предвид поплаките на граѓаните и отворените прашања поврзани со имплементација на мерката ваучери за домашен туризам исто така содржани во информацијата.
Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за преземени соодветни активности за надминување дадени ситуации, предизвикани од Ковид-19, и непречена делумна реализација на акцискиот план за периодот 1 јануари – 31 декември 2020 година за поднесување барања и издавање изготвени пасоши преку дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Берлин (вклучително и Конзуларното одделение во Бон), Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Лондон, Париз, Берн, Рим, Венеција, Виена и во Љубљана.
Во согласност со информацијата Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги активира сите изготвени и неиздадени пасоши што се наоѓаат во Министерството за надворешни работи, како и да ги изготви и активира патните исправи на сите поднесени барања за пасоши, реализирани од страна на мобилните екипи во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство до моментот на настапување на вонредната состојба предизвикана од Ковид-19 и да ги достави до Министерството за надворешни работи.
Владата го задолжи МНР доставените изготвени и активирани патни исправи по дипломатски пат да ги проследи во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, а службените лице во дипломатско-конзуларните претставништва на земјата во Берлин (вклучително и Конзуларното одделение во Бон), Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Лондон, Париз, Берн, Рим, Венеција, Виена и во Љубљана, врз основа на приложен документ со слика за лична идентификација, да ги издадат изготвените и активирани пасоши на подносителите на барањето за патна исправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.
Економија
Славески: Во септември депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари
Штедењето е системска неопходност и важен фактор за одржлив економски раст и за финансиска стабилност, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настанот по повод Светскиот ден на штедењето, којшто се одржа во организација на Македонската банкарска асоцијација, во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, директорот на Фондот за осигурување депозити, Бехар Емини, претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева и претставници од банкарскиот сектор.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека во време на светска неизвесност и последователни кризи, штедењето претставува темел на отпорноста на економијата и на стабилноста на финансискиот систем.
„Отпорноста не е реакција, туку прашање на претходна подготвеност – градење простор за справување со кризите пред да се случат“, истакна Славески.
Тој посочи дека и покрај бројните шокови во последните години, кај граѓаните е задржана склоноста кон штедење и довербата во банкарскиот систем. Според податоците, во септември 2025 година, депозитите на домаќинствата достигнале 427 милијарди денари, што претставува раст од над 50% од почетокот на пандемијата. Зголемен е и уделот на денарските и на долгорочните депозити, што придонесува за стабилност и ја зајакнува отпорноста на економијата.
Гувернерот нагласи дека поттикнувањето на штедењето е од суштинско значење за зголемување на потенцијалот за раст и за намалување на зависноста од надворешни извори на финансирање, особено во контекст на светски економски промени, геополитички тензии и структурни предизвици. Според него, економиите во регионот мора повеќе да се потпираат на сопствените заштеди како двигател на инвестициите и долгорочната стабилност.
„Во свет полн со неизвесност, претпазливоста е најкредибилната константа, а штедењето е системска неопходност“, истакна Славески, додавајќи дека негувањето на културата на штедење и финансиска одговорност во рамки на семејствата, институциите и општеството е вложување не само во личната сигурност, туку и во економската сила на државата.

