Култура
Под мотото „Слеј се со тишината“ започна фестивалот „Македокс“
Фестивалското гнездо Куршумли ан нема да биде ставено во функција за филмските проекции од програмата на 11. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
Отворањето на фестивалот, сепак, се случи во Куршумли ан со вообичаениот поздрав со високо кренат кромид во рацете на екипата на „Македокс“.
„Куршумли ан е објект во кој тишината најгласно зборува. Кога ќе влеземе низ неговата порта ние се среќаваме со безброј приказни. Секое камче, арка или агол на објектот безгласно раскажува векови историја. Зборува за случки, приказни, емоции, доживувања. Раскажува една цела деценија приказни на ‘Македокс’. Но многу зборува и за третманот на културата во државата. Затоа сметавме дека е многу важно отворањето на фестивалот да се случи токму тука – во нашиот дом, кој оваа година ќе го оставиме во тишина“, рече Дарко Набаков, кој раководи со реализацијата на 11. „Македок“.

Бројот 11 означува нов почеток, но и порта која води кон друга метафизичка димензија. Тоа е број што означува и носење суд или одлука.
„Единаесеттото издание на фестивалот е нов и невиден предизвик за сите нас. Покрај сите предизвици, донесовме одлука фестивал да има, фестивал што го посветуваме на публиката и на сите нас, кои веќе долг период живееме без култура во нашето секојдневие. Годинава микроскопски навлегуваме во најситните клетки на кромидот во обид да го видиме она што не може да се види со голо око. Но, и да го чуеме наједноставното и најтешкото. Инспирирани од насловот на стихозбирката на Ацо Шопов, одлучивме со мото ‘Слеј се со тишината’ да го посветиме фестивалот на поезијата во филмот, на дизајнот на звук“, рече Набаков.
Одржувањето на фестивалот немаше да биде можно без поддршката на Младинскиот културен центар и Кинотеката на РСМ. Фестивалот немаше да се случи без упорната лудост на дел од екипата на „Македокс“, кои, покрај сѐ, одлучија да се впуштат во авантурата за реализација на 11. „Македокс“.
На отворањето во Куршумли ан на 18 август присуствуваа поддржувачи, партнери и соработници на фестивалот, како и новинари и пријатели на „Македокс“.
Годинава фестивалот ќе се одржи во хибридно издание. Филмската програма почнува на 19 август со проекции во Парк МКЦ и во Кинотеката на РСМ. Истовремено филмовите ќе може да се гледаат и онлајн, со претходна регистрација на платформата.
На програмата во Парк МКЦ во 21 часот се „Спиењето на Макс Рихтер“ на Натали Џонс и краткиот документарец „Премин“ на Отавио Алмеида, додека во летното кино на Кинотеката во 20:30 часот почнува проекцијата на краткиот „Бинокл“ на Мила Жлутенко и долгометражнот документарец „Зборувај за да те видам“ на Маја Стојниќ.
Фестивалот е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија.
Медиумски покровители на „Македокс“ 2020 се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и Поп ап.
Билети за проекциите во онлајн продажба може да се набават преку мрежата mktickets.mk.
Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот: задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан, мерење температура при влезот во фестивалските простории, одржување растојание од 1,5-2 метри и дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

