Култура
„Охридско лето“: Рисима Рисимкин одбележа 30 години кореографско творештво

Поранешната балерина со остварени голем број улоги, сега синоним за македонска танцова авангарда, Рисима Рисимкин, вчеравечер во рамките на програмата на „Охридско лето“ го одбележа јубилејот, 30 години кореографско творештво.
Во нејзина кореографија и режија, во предворјето на црквата „Света Софија“ беше прикажана претставата „Идентитети – историја на еден растегнат сон“. Прекрасната визуелна слика што се движеше 40-тина минути на сцената пред преполното гледалиште, ја донесе извонредно креативната танчерска екипа на „Скопје танцовиот театар“, а магијата беше надополнета со музиката на Тони Китановски, со костимите изработени од Благој Мицевски и дизајнот на сцената што го направи Матеа Мијановиќ.
„Ова е време на една многу необична ситуација со сето ова што ни се случува со Ковид-19. И ние како ‘Скопје танцов театар’ пет месеци не можевме ништо да работиме освен онлајн. Многу сме среќни што последниов месец успеавме да влеземе во студио. Оваа претстава ја направивме за неверојатно кусо време и мислам дека е одраз на тоа како се чувствуваме ние, каде оди светот, кој е нашиот универзум и кој е заедничкиот универзум, како ние всушност си поигруваме со него и, за жал, не знам каде ќе завршиме. Тоа беше пораката на претставата. Инаку, танчерите работеа одлично. Навистина имав извонредна екипа и сум презадоволна. Се надевам дека и во иднина ќе правиме само убави работи и повторно ќе доаѓаме на ‘Охридско лето’. Сè беше прекрасно и морам да ја пофалам организацијата и високиот професионализам од секој аспект, затоа сме презадоволни од целото гостување на фестивалот“, изјави кореографката Рисимкин, која целиот свој живот го има посветено на танцот.
Кореографката Рисимкин е посебно поврзана со фестивалот „Охридско лето“ бидејќи нејзините почетоци со организација на современ танц се токму на овој фестивал, кој годинава одбележува 60 години од своето постоење.
„Во 1996 година токму овде започнав за првпат со организација на манифестација за современ танц. Тоа беше неделата на модерен балет, а програмска селекторка на фестивалот беше госпоѓата Снежана Анастасова-Чадиковска и тогаш на некој начин се отворија вратите за соверемениот танц на ‘Охридско лето’“, се присетува Рисимкин.
Рисима Рисимкин е уметничка директорка на „Танц фест Скопје“ и „Скопје танцов театар“. Редовен професор е на Катедрата за современ танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Како професор за современ танц, импровизација и композиција и кореографија, предавала на унивезитети во Кина, Австрија, Холандија, како и на Бродвеј во Њујорк, САД. Автор е на бројни трудови за современиот танц и теорија на танцот, а е добитник и на бројни награди, меѓу кои и Наградата за исклучителен придонес за развој на културата во Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба на Васил Василев: „Континуитет како метафора 1967 – 2012 2012 – 2025“

Во петок, 17 октомври, ќе биде отворена изложбата на Васил Василев насловена „Континуитет како метафора 1967 – 2012 / 2012 – 2025, во 19 часот во објектот Даут пашин амам.
Скулпторскиот опус на Васил Василев е еден континуум на темелни, истрајни и инвентивни истражувања. И покрај тоа што неговиот развоен пат се движеше од конкретни фигуративни облици, до сведување на фигурата на знак, основните параметри не се променија, како и односот кон објектот. Без оглед на одредени стилски поместувања во ракописот, зависни и од матрицата на непосредни или посредни инспиративни доживувања, неговиот ликовен опус дозволува да се дефинира низ варијациите кои се одвиваа внатре во една усвоена и со време доградувана и надградувана ликовна синтакса.
Асоцијативните вертикали, дел од последниот циуклус на Василев, се резиме на сите атрибути на неговото обликовно размислување, преведени и пренесени со минимални формални содржини, со концентрирање на оние круцијални севкупости на негово дело: конкавни и конвексни, мазни и рапави, темни и светли површини, содржини на растот на нивното вертикално градење, наизмнично сменување, мултиплицирање, до затворање во рамка. Рамката е начин на потенцирање, истакнување, но и смирување на разиграната, ритмична обликовна, структурална шема во јадрото, онаа слична постапка што се јавува уште во неговите дела од осумдесеттите години (Ритам, 1983), сега со еден позатворен статички ритам и посимплифицирана форма.
Значи, ликовната структура на делата на уметникот од почетокот на седумдесеттите години, континуирано се движи до најновите негови остварувања. Во нив се содржани и цртежот и релјефот, архитектонското редење на тогаш понагласени волумени, како и пиктуралните примеси (главно во згаснати тоналитети со патина на дрвото).
Асоцијативните вертикали се надоврзуваат на вертикалите од седумдесеттите години (Каријатиди). За разлика од поранешните вертикали кај кои формата често ја градеше по принципот рамна површина волумен, сега, од една страна ја симплифицира формата, но, од друга ја усложнува со слоевитата архитектоника или пак со релјефно разиграните површини.
Комбинацијата на скулптура и релјеф, но и пиктуралното третирање на материјалот со меки тонски премини и светло-темни градации или звучна колористичка игра, се дефинирани и со движењето на линијата. Линеарната арабеска датира од почетоците на неговото творештво, присатна е во сите негови дела и се јавува со варијабилен интензитет и улога: некаде го иницира формирањето на обликот, некаде ги бележи, разграничува формите, некаде го нагласува волуменот, а некаде ја иницира колористичката игра на релјефните сегменти. Секако, таа ја има една од примарните улоги во формирањето, во обликувањето на делото. Звукот на линијата, цртачките елементи, кои ја затвораат или отвораат формата, како и играта на светло-темното, ги доловува со различна обработка на материјалот, ја збогатува скулптурата со внатрешна виталистичка енергија до степен кога сугестивното реално, се трансформира во асоцијативно, делото станува знак со повеќезначенски конотации. Го зацврстува сведувањето на мотивот на почист облик, приклонувајќи се, во некои ситуации, кон симетричната хармонија на композицијата или, пак, барајќи го редот во дискретните ритмови на волуменот.
Развивајќи ги можностите на новите изразни форми во контекст на неговиот однос кон материјалот и начинот на неговата транспозиција, во најновите дела, Василев остварува еден особен вид на ликовен израз кој неспорно комуницира и со неговите претходни творечки фази, сега базиран врз позгусната коегзистенција на линијата, на понагласени колористички сегменти, на шематичноста на линеaрните, релјефните и колористичките ритмички стилизации.
Овие испреплетени облици, прецизно градени, напластени дрвени форми, во нивната сложена разновидност, во варијабилната низа на асоцијации (од чисти геометриски до асоцијативни флорални мотиви), во себе носат карактеристики на едно, медитативно и наместа ирационално расположение кое го емитуваат неговите спонтани игри на архитектонски градените асоцијативни вертикали. Патоказот во барањето меѓу идеализираното и животното, е насочен кон проблемско и загадочно, кое во последните дела добива епилог на траење, како блесок на трагата на возбудата. Експресивно зајакнати психолошки состојби се манифестираат во изразот на внатрешната архетипска снага и нејзиното распространување, во големиот бран на декоративните геометриски созвучија.
Главниот ефект сега го презема целосноста на масивот на вертикалата со своите внатрешни кршења во наизменичното сложување на формите, во нагласената и незаобиколна игра на светлоста и на сенките. Воглавно, потиснувајќи ги облините, наклонува кон поостри геометризирани плохи (правилни парчиња дрво) кои ги напластува вертикално или создава врежани, издлабени одвојувања на формите во самата нивна релјефна поставеност. Таков пристап како да му служи на авторот да се ослободи од органската врзаност за волуменот, од укрупнување на формите и нивното волуминозно навлегување една во друга, префрлајќи се на микро план на ситнење на елементите во градењето на композицијата, што го доведе до дескриптивната сликовитост на обликот, го насочи кон цврстината на скулптурата, облиците ги сведе на некои основни елементи мултиплицирани и модифицирани низ слободната интерпретација. Во нив најде извор на системски интерпретации на неограничената моќ на мозаичното поставување или дефинирање на сегментите од целината, кои се движат од вдлабнати, цртачки организирани форми, преку суптилни тетоважи во вид на арабеска, колажно поставување на помали мозаични форми, до редење, умножување на исти или слични форми и до нивната разбранувана, разиграна поставеност во различни насоки.
Култура
Премиера на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“од Јохан Штраус II

На 25 октомври со почеток во 20.00 часот, на големата сцена на Националната опера и балет ќе се одржи премиерата на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II. Втората изведба на оперетата е закажана за 28 октомври, во 20 часот.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимагловски/Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска/Соња Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Премиера на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ на големата сцена на Националната опера и Балет

На 25 октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот, на големата сцена на Националната опера и балет ќе се одржи премиерата на едно од најпопуларните и највесели дела на сите времиња – оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II. Втората изведба на оперетата е закажана за 28 октомври, 20.00 ч.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимагловски/Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска/Соња Мадевска, Драган Ампов, Кристијан Антовски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.