Македонија
(Видео) Стојаноска: Со коалицијата СДСМ-ДУИ правдата останува недостижна и далечна

Коалицијата СДСМ-ДУИ не е за напредок на државата, туку за продолжување на лагите, криминалот и корупцијата, посочи на денешната прес-конференција Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа коалиција е за продолжување на матните тендери, распродажба на државните интереси за сметка на личното богатење. Македонија нема да види преродба туку стагнација, проблеми и продлабочување на поделбите“, рече таа.
Според неа, ваквата коалиција е канцер за македонското општество и извор на криминалот.
„Сè што ветуваа пред изборите сега не важи. Заев за ДУИ сметаше и изјавуваше дека пет пари не вреди, дека време им е за опозиција, дека во Мала Речица било седиштето на криминалот. Потпретседателот на СДСМ, Зекири, сметаше дека ДУИ е канцерот во македонското општество. Од ДУИ, пак, сметаа дека СДСМ ги интересира само тендери и дека ја лажат македонската јавност“, потсети претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде и дека јавноста треба да очекува уште поголема економска криза, затоа што, како што рече, една милијарда евра наместо за спас од корона-кризата биле потрошени за изборен поткуп.
„Европската иднина на државата ќе остане далечна, затоа што со криминал и корупција нема европска иднина. Правдата за оние кои се огрешиле спрема законот ќе остане недостижна и далечна, а ќе продолжат бизнисите и личните интереси“, рече Стојаноска изразувајќи го ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Битиќи: Ја добивме битката, концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, падна на арбитража

Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, наведува Битиќи.
И затоа, додаде тој, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, стои во објавата на Битиќи.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Меџити: 65 милиони евра за Универзитетскиот кампус и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег во Скопје

Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег стануваат реалност. За овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити.
Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје. Во таа насока, денес остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти. Овие инвестиции поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје. Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност. Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење. Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!“, напиша Меџити.