Култура
13 средношколци се македонската онлајн делегација на јубилејниот 50. филмски фестивал „Џифони“
13 средношколци од Македонија од вчера преку видеостриминг и конференциска врска го следат 50. издание на најголемиот филмски фестивал за деца во светот „Џифони“.
Овaa година нашите претставници учествуваат од Скопје, од просториите на „Џифони Македонија“, преку директна видеоврска со киносалите во Џифони, Италија. „Џифони Македонија“ се погрижи нашите претставници програмата да ја следат во безбедни услови, со доследно почитување на сите мерки за заштита од Ковид-19.
Програмата со меѓународно учество ќе се одвива во две фази: првата, од 18 до 22 август и е наменета за учесниците од возрасните групи 16+ и 18+, додека, пак, втората фаза, наменета за групата 13+, ќе се одвива од 25 до 29 август.
Фестивалот почна со намален број учесници во живо и зголемен број филмофили онлајн и наместо првобитно планираните 7.500 деца од целиот свет, пред филмското платно во киносалите во Џифони оваа година ќе седнат само 610 учесници, поради корона-ситуацијата.
Ним ќе се придружуваат уште 2.000 други учесници на меѓународното жири од 32 града во Италија и уште 14 европски земји, а меѓу нив и 13 средношколци од Македонија кои фестивалот го следат онлајн преку видеостриминг и конференциска врска. На овој начин, и покрај здравствената криза што го погоди светот, Џифони успеа да го одржи на високо ниво меѓународниот карактер на овој светски познат фестивал.
Фестивалот почна со канадскиот филм „Black Conflux“ во категоријата 16+, додека, пак, групата 18+ го изгледа бразилскиот филм „Pacified“. На програмата секојдневно има по два филма, како и други филмски проекции и средби со меѓународни ѕвезди од светот на филмот, меѓу кои Ричард Гир, Силвестер Сталоне, Кетрин Лангфорд, Глен Кин, Дејзи Ридли, Брајан Кренстон и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.
Култура
По премиерата на Канскиот фестивал, филмот „ЛОЈНС“ официјално селектиран на Berlin Critics’ Week 2026
Краткометражниот игран филм „ЛОЈНС“, во режија на Доријан Жесперс, а во копродукција на Веда Филм од Скопје, е официјално селектиран за учество во програмата на Berlin Critics’ Week 2026, која ќе се одржи од 9 до 17 февруари 2026 година во Берлин.
Филмската програма на фестивалот започнува во вторник, 10 февруари, во киното Hackesche Höfe Kino. Berlin Critics’ Week е независнo курирана платформа која се прикажува паралелено со Берлинале и презентира значајни филмски остварувања од тековната фестивалска сезона како важен простор за критички дијалог и најновите и најхрабрите авторски филмови.
Во својата официјална најава, фестивалот го истакнува следново за филмот и режисерот:
„Доријан Жесперс се чини дека не ги смета за свети ниту судските драми, ниту соновните секвенци. Во својот краток филм ”ЛОЈНС”, тој избира безвременска судница како сцена за кафкијанска фарса и со голем ентузијазам продолжува да крши безброј правила на наративното кино. Младиот режисер е главна тема на разговор уште од неговиот наградуван дипломски филм ‘Sun Dog’, и ние со нетрпение очекуваме да слушнеме што има да каже за својот нов филм.”

