Економија
(Видео) Регионалниот такси-превозник „Камео“ почна со превоз на патници во Скопје

На големиот паркинг на средно Водно, преку официјално претставување на својот возен парк на свечен настан, со присуство на претставници на град Скопје, претставници на медиумите, компании соработници, гости и граѓани на Скопје, „Камео“ го промовираше своето започнување со работа.
Со обраќање на извршниот директор на „Камео груп Македонија“, Стефан Николиќ, кој верува дека „Камео“ ќе донесе нова димензија и нов квалитет во такси-превозот во Скопје, денеска се отвори едно ново поглавје од приказната на „Камео“ групацијата во Скопје.
Николиќ ги повикува сите граѓани на Скопје и нивните гости да нарачаат услуга преку бројот 15 777 или апликација „Камео“, а тимот „Камео“ ќе направи сè да пружи најдобра услуга и да има задоволни патници и клиенти. Притоа, порача дека со огромна чест и задоволство започнуваат со работа и со нетрпение очекуваат да се запознаат со граѓаните на Скопје, при што од денес „Камео“ го вози цело Скопје 3 дена гратис, а понатаму ќе има многу изненадувања и поволности за патниците на „Камео“.
„Камео такси“ доаѓа со флота од нови возила со метан како погонско гориво, коешто е еколошки најприфатливо гориво, со најмала емисија на загадување и како такво се смета за „зелено гориво“, со што, „Камео“ е првото еколошко – „зелено такси“ на улиците на Скопје.
„Камео“ се води од слоганот кој гласи:,,Каде и да одиш, ние одиме во твој правец‘‘, при што нуди такси-превоз 24 часа дневно, 7 дена во неделата.
Од компанијата велат дека вработуваат возачи со почетна загарантирана нето-плата од 400 евра и бонуси за остварувања. Гарантираат дека инвестираат во нивната едукација и лиценцираност, при што преку сопствената академија „Камео“ креираат професионалци подготвени за давање најдобра услуга на патниците.
Во услови на Ковид-19 вирусната пандемија, сите возила на „Камео“ на ниво на цела групација имаат прегради кои го одделуваат возачкиот од патничкиот простор во возилата, при што, покрај постојаната дезинфекција и миење на возилото, можноста за пренос на вируси е сведена на минимум, а степенот на заштита на патници и возачи е највисок.
Групацијата „Камео“ работи во 5 држави и повеќе од 40 градови, брои речиси 1.500 вработени и 1.000 автомобили со коишто годишно превезува повеќе од 12 милиони патници и тоа со поминати приближно 50 милиони километри. Во последните 14 години е дел од секојдневието на илјадници луѓе во Хрватска, Словенија, Чешка и Србија, при што се води од мислата дека такси-превозот мора да стане достапен како вода и прифатлив за сите – од студенти до пензионери.
Од денес „Камео“ e и дел од секојдневието на граѓаните на Скопје што за целата групација „Камео“ претставува посебна чест и задоволство имајќи го предвид македонското потекло на сопственикот и директор на групацијата, Владимир Миновски, којшто е роден во Македонија.
„Камео“ нуди и широк спектар на услуги на пазарот, и тоа: од урбан градски, меѓуградски и меѓудржавен превоз, корпоративен превоз, премиум превоз за ВИП-личности, продажба на франшиза, развој и продажба на IT-софтвер и познатата Taxi Navigator платформа, која ја користат повеќе од 13.000 такси возила во светот, од Катар до Германија, до продажба на маркетингшки простор на возилата, но и во самите возила.
„Камео“ е компанија со целосно дигитализирани и автоматизирани деловни процеси, кои резултираат со оптимизирано работење и висока продуктивност и ефикасност, а со тоа и подобра услуга за своите клиенти.
„Камео“ покрај понуда на услуги во главниот град, во блиска иднина постепено ќе ги понуди своите услуги и во останатите поголеми македонски градови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица за предадени јаболка

Денеска се исплатија 99.743.746,00 денари кон 1.865 лица од подмерка 1.9 за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети, од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година, извести Министерството за земјоделство.
Од таму најавуваат дека продолжува поддршката кон производителите на јаболка.
Економија
УЈП со повик: Платете го веднаш достасаниот данок по ДЛД-ГДП и избегнете присилна наплата

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници, кои во законскиот рок не ја платиле даночната обврска по ДЛД-ГДП 2024, да го исполнат својот даночен долг.
Во согласност со евиденцијата на УЈП, 3.155 даночни обврзници ја немаат намирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во годишната даночна пријава за данокот на личен доход (ДЛД-ГДП) за 2024 година, што требаше да се исполни во законскиот рок до 30 јуни.
„Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на достасаните неплатени долгови по овој основ, што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03 % дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата“, информира УЈП.
Дополнителни информации се објавени на страницата на УЈП, во делот плаќање даноци на следниот линк http://www.ujp.gov.mk/mk/plakjanje.
Економија
Меџити: Поддршка со 227 милиони денари за 43 проекти во 33 општини

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска ги потпиша договорите за реализација на 43 капитални проекти во 33 општини во државата.
За овие проекти се обезбедени над 227 милиони денари директна финансиска поддршка од Министерството, со што се овозможува имплементација на конкретни решенија во областа на канализацијата, водоснабдувањето и управувањето со водните ресурси.
„Убеден сум дека ова е најправилниот и најефикасен модел на соработка – директно партнерство меѓу Владата и општините, со цел да им донесеме на граѓаните конкретни придобивки“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Тој исто така ја потенцира важноста од навремената и квалитетна реализација повикувајќи на одговорност и посветеност од страна на сите општини.
„Немаме време за губење. Секој ден што ќе го добиеме во овој процес е еден ден повеќе во служба на граѓаните“, изјави Меџити нагласувајќи дека преку ова партнерство се поставуваат нови стандарди во справувањето со инфраструктурните и еколошките предизвици.