Економија
Граѓаните кои платиле за струја преку „Еуростандард банка“ до ЕВН да достават доказ за уплатата

ЕВН Македонија ги известува корисниците кои извршиле уплата за потрошена електрична енергија преку „Еуростандард банка“ и Македонска пошта на ден 12.8.2020, дека таа не е евидентирана во системот за наплата на компанијата. Ова произлегува од фактот што ЕВН сè уште нема информација од „Еуростандард банка“ и стечајното раководство за тоа кои уплати биле реализирани на денот на затворањето на банката.
„Согласно известувањето од Народната банка, се очекува брзо решение на ваквата состојба, транскациите набрзо ќе бидат реализирани и нема потреба граѓаните да ги плаќаат истите сметки повторно. Во меѓувреме, а со цел да се надмине оваа ситуација која не е по вина ниту на корисниците, ниту на ЕВН, ги замолуваме сите корисници кои извршиле уплата на тој ден за потрошена електрична енергија преку Еуростандард и Поштенска банка, да ни приложат доказ за уплата во електронска форма на [email protected].
Со тоа, ЕВН ќе ги земе предвид уплатите приложени од корисниците и истите нема да бидат предмет на исклучување поради недостиг на информација од банката. Доколку тоа не го сторат и во меѓувреме сепак бидат неправедно исклучени, по приложен доказ за извршена уплата, корисникот ќе биде повторно вклучен без надомест за повторен приклучок, (без надомест се однесува само за приложени уплати на 12.8.2020)“, се вели во соопштението.
Корисниците, пак, кои имаат отворени долгови за потрошена електрична енергија, ги потсетуваме дека и натаму не можат да вршат уплати за сметки и други услуги на ЕВН преку Македонска пошта. Но, постојат други алтернативи, како што се: онлајн плаќање без провизија преку веб-страницата evnonline.mk, безготовинско плаќање без провизија, преку терминалите на ЕВН поставени во Корисничките енергоцентри и Инфо-центарот на ЕВН во ГТЦ, електронско плаќање без провизија, користење на траен налог и плаќање во сите други банки. Сите горенаведени опции се отворени, но поради ситуацијата со коронавирусот ги поттикнуваме корисниците да ги искористат многубројните онлајн услуги на ЕВН, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поевтинуваат секојдневните плаќања за граѓаните и за компаниите, извести Народната банка

Активностите на Народната банка за намалување на надоместоците на банките за електронските плаќања заради нивна поголема достапност и користење веќе имаат видливи резултати за граѓаните и за компаниите. По интензивната комуникација и по намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС, банките ги подложија на ревизија своите тарифници намалувајќи ги надоместоците за извршување на платежните услуги, извести Народната банка.
Сите банки веќе усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози. Имено, надоместоците за плаќањата коишто граѓаните ги извршуваат преку МИПС се намалени во просек за околу 50%, додека електронските плаќања на граѓаните коишто се извршуваат во рамките на истата банка (т.н. интерни плаќања) стануваат бесплатни во најголемиот дел од банките. Надоместоците коишто компаниите им ги плаќаат на банките исто така се намалени. Така, електронските плаќања на компаниите во МИПС стануваат поевтини во просек за околу 30%, додека електронските интерни плаќања за околу 55%. Општо земено, банките преминуваат кон поевтини и фиксни надоместоци по трансакција, коишто се однапред познати и не зависат од износот на плаќањето. Новите поевтини надоместоци се веќе во примена кај дел од банките, а останатите банки планираат да започнат со примена на намалени надоместоци најдоцна до октомври оваа година, велат од НБ.
Овие промени се дел од пошироката визија на Народната банка за дигитализација и модернизација на платниот систем. Поевтините услуги го поттикнуваат користењето на електронските плаќања, ја зајакнуваат довербата во финансиските институции и придонесуваат кон општествено одговорно работење на банкарскиот сектор, се додава во соопштението.
Економија
СДСМ: Инфлација од 4,4 проценти беснее и во август, власта не носи ниту една мерка

Растот на трошоците за живот не запира, статистиката повторно регистрира зголемување на инфлацијата и цените на мало, реагираат од СДСМ.
Како што истакнуваат, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата на годишно ниво, односно август 2025 година споредено со август 2024 година, бележи зголемување од 4,4%. Најголемо зголемување има на трошоците за храна и безалкохолни пијалаци од 6,2 %.
„Во истиот период, цените на мало поскапеле за 4,1%. Дури за 6,7% се зголемени цените на мало за прехранбени производи.
Ова е реалноста која ја живеат македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ.
Ова е резултатот од погрешните и аматерски економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб.
Оваа влада покажа дека ниту има стратегија, ниту капацитет да ја заузда растечката инфлација. Жално е што владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека нема желба да им помогне на граѓаните и да преземе конкретни мерки за заштита на животниот стандард“.
Според опозициската партија, додека граѓаните прават математики како да го протуркаат месецот, власта се расфрла со народни пари за свои луксузи и партиски интереси.
„Нема пари за повисоки плати, но има пари за милионски тендер за скапа опрема за промоција и организирање на настани.
СДСМ постојано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и понуди конкретни решенија за раст на платите и намалување на цените, кои владејачкото мнозинство не ги прифати. Сега повторно бараме владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот

Од ноќеска на полноќ цените на бензините и на дизелот ќе се зголемат за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 10.9.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,148 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,245 ден/кг и сега изнесува 37,148 ден/кг.