Свет
Премиерот на Ирак ќе се сретне со Трамп, американските трупи високо на агендата
Премиерот на Ирак, Мустафа ал-Кадеми, прв пат ќе се сретне со американскиот претседател, Доналд Трамп, во Вашингтон, а присуството на американски трупи во Ирак е на врвот на неговата агенда.
Средбата доаѓа по зголемувањето на нападите врз американски цели од проиранските борци, а како што Техеран и Вашингтон се борат за влијание во Ирак, расте јазот меѓу проиранските фракции и ирачкиот премиер пријателски настроен кон САД.
Кадеми, кој ја презеде функцијата во мај, се соочува со предизвици од фракциите на „Хашид ал-Шааби“, коалиција на ирачки шиитски паравоени групи со блиски врски со Иран. „Хашед ал-Шааби“ е официјално интегрирана во ирачката држава, а нејзините политички претставници побараа протерување на 5.000 американски трупи распоредени во земјата.
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во средата изјави дека вооружените групи, кои не се под целосна контрола на Кадеми, го попречуваат нивниот напредок барајќи тие да бидат заменети од локалната полиција што е можно побргу. Помпео притоа алудира на шиитските паравоени групи иако не ги идентификува по име.
Прашан за планот за намалување на американските трупи во Ирак, кои сега се околу 5.000, Помпео рече дека нема цифри и побара луѓето да не се фокусираат на тоа. Тој ги опиша вооружените групи како постојан проблем што ја нарушува ирачката безбедност, ги загрозува интересите на американските сили во регионот и е предизвик за суверенитетот на Ирак.
Од „Хашед ал-Шааби“ негираа каква било поврзаност со неодамнешната низа антиамерикански напади, но видеата и тврдењата на социјалните мрежи навестуваат нејзино учество преку групи што работат под други имиња. Кадеми ги разбесни вооружените групи одземајќи им ги граничните пунктови каде што водеа профитабилни мрежи за шверц и им наметнауваа даноци на трговците.
Нападите се зголемија во последните неколку недели, а ирачката армија извести за нов ракетен напад во вторникот вечерта на цели на аеродромот во Багдад, каде што се наоѓаат американските трупи. Проектилот не предизвикал штети или жртви, соопшти армијата.
Од октомври до крајот на јули ирачките вооружени фракции извршија 39 ракетни напади против американските интереси во земјата. Но, кога Белата куќа претходно месецов потврди дека Трамп ќе се сретне со Кадеми, темпото се засили.
Кадеми минатиот викенд беше домаќин на иранскиот командант Есмаил Кајани, замената на убиениот Касем Сулејмани, кому му посочи дека ниту една земја не може да се меша во ирачко-американските односи.
Односот меѓу Багдад и Техеран во меѓувреме мора да биде држава со држава, а не преку милиции, било констатирано на средбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Лавина во Калифорнија: Осум скијачи загинаа, еден е исчезнат
Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во една од најсмртоносните вакви несреќи во историјата на САД. Спасувачите извлекоа шест преживеани по снежната бура што фрли неколку метри нов снег во Сиера во последните денови.
Лавината се случи во 11:30 часот наутро во близина на Касл Пик во Траки, Калифорнија, 15 километри северно од езерото Тахо, и затрупа група скијачи.
Преживеаните се засолниле под церади и комуницирале со спасувачите преку радио и СМС-пораки. Скијачите завршувале тридневно патување со водич. Во групата имало 11 од нив и тие престојувале во колиби на надморска височина од 2300 метри.
Сиера Невада добива повеќе од 9 метри снег во типична зима, што ја прави едно од најснежните места на западната хемисфера. Во текот на изминатите десет години, лавините во САД убиле просечно 27 луѓе годишно, според Центарот за лавини во Колорадо.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.

