Македонија
Вооружените сили на Холандија подготвени за соработка со македонската војска во рамки на НАТО
Началникот на вооружените сили на Холандија, aдмирал Роб Бауер, кој престојува во тридневна официјална посета на земјава, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана.
Притоа Бауер остварил средби со својот домаќин, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Ѓурчиновски со својот колега разговарал за можностите за унапредување на идната соработка меѓу земјите како НАТО-сојузници, особено во процесот на воената едукација, како и соработката на оперативно рамниште преку изведување заеднички воени вежби со користење на капацитетите на армискиот полигон Криволак.
Адмиралот Бауер изразил подготвеност за интензивирање на понатамошната соработка и стручна помош во процесот на целосно интегрирање во структурите на НАТО.
За време на средбата со министерката Шекеринска исто така се разговарало за можностите на унапредување на билатералната соработка и новите предизвици во одбраната.
Холандската делегација за време на официјалниот состанок се запозналa со мисијата и задачите, процесот на трансформација на македонската армија, учеството во мировните операции, како и за облиците и можностите за вежбовни активности помеѓу двете армии.
Делегацијата ќе го посети и баталјонот за специјални намени во касарната Илинден и ќе се запознае со активностите и со обученоста на оваа единица преку изведба на показна вежба. Во текот на денот делегацијата ќе го посети и кампот за обука на вода во Охрид каде што ќе се запознае со мисијата и задачите и на оваа армиска единица.
Адмиралот Бауер ќе оствари средба и со претседателот и врховен командант на армијата, Стево Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Амандманите кои ги поднесува Левица се политички дилетантизам и непочитување на Собранието и народот
Пратеникот Бране Петрушевски на собраниската Комисија за финансирање и буџет, се обрати кон Левица, кои поднесоа амандман кој, како што рече, веќе во реалноста се реализира, а тоа е реконструкцијата на студентските домови.
„Ова е политички дилетантизам, ова не е само непочитување на собранието и пратениците, туку и непочитување на народот. Додека некој овде со денови чита амандмани од точка до запирка, некој седи дома и поднесува амандмани којшто се реализирани, навистина не можам да го квалификувам поинаку од политички дилетантизам и непочитување на граѓаните’’, истакна Петрушевски.
Тој дополни дека Левица наместо да се занимава со вистински политики, тие се изживуваат врз колегите во собранието, а со тоа и кон народот кој ги избрал.
„Ова не е никаква политика што го прави Левица, туку едно изживување и една импровизација врз грбот на граѓаните, затоа што се дебело платени за ова коешто не го работат’’, заклучи Петрушевски.
Македонија
Минчев: Стоп за партиските вработувања, време е квалитетот да биде пред сѐ
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес во Битола ја отвори четвртата серија од генеричките обуки за административните службеници за 2025 година, овојпат наменети за институциите од Пелагонискиот регион.
Настанот се одржа во Офицерскиот дом во Битола, каде Министерството ја продолжи својата стратегиска агенда за создавање современа, професионална и европска јавна администрација.
Министерството за јавна администрација го заокружува годишниот процес на генерички обуки, преку кој во 2025 година беа опфатени над илјада јавни службеници од Скопскиот, Полошкиот, Источниот и Пелагонискиот регион.
Во 2026 година, како што најави министерот Минчев, обуките ќе продолжат со уште поголем интензитет, континуитет и систематичност.
Министерот истакна дека јавната администрација е „темелот и крвотокот на државата“ и дека нејзината професионализација претставува еден од најважните приоритети на Владата.
„Кога службеникот ќе постапи чесно, љубезно и професионално, граѓанинот не гледа политичка партија, туку држава. Овие обуки не се само дел од реформа, тие се дел од новата култура на јавна служба, култура на отчетност, стручност и достоинство“, нагласи Минчев.
Во своето обраќање, министерот го истакна и значењето на новиот Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници, со кој се воспоставуваат системски основи за вистинска професионализација на јавната административна служба. Клучен столб на овој процес е формирањето на Академијата за јавни службеници, која ќе започне со работа во 2027 година.
„Академијата ќе биде куќа на знаењето, лабораторија на идеи, универзитет на практиката. Тоа е модел што ја носи Македонија чекор поблиску до европските стандарди“, истакна министерот.
Минчев најави и дека значаен дел од реформската агенда ќе биде и Законот за висока раководна служба, со кој ќе се воспостави професионален, стабилен и деполитизиран управувачки кадар.
„Овој закон е гарант на институционална зрелост. Тоа е крај на партизацијата во раководењето и почеток на нова ера на стабилно, транспарентно и професионално управување“, порача министерот.
Тој нагласи дека јавната администрација не е трошок, туку инвестиција во стабилноста, довербата и европската иднина на државата.
На крајот, министерот упати повик за заедничка посветеност кон реформите:
„Ова е нашата историска шанса, да создадеме администрација што ќе биде гордост, а не товар; институции што ќе бидат двигател на развојот; држава што ќе биде европска и по вредности и по резултати. Заедно можеме и заедно ќе успееме.“
Македонија
Димитровски: Билатералните прашања за историјата и за идентитетот мора да останат надвор од процесот на пристапување
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска, во Белград, учествуваше на вториот дел од состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Централноевропска иницијатива (ЦЕИ) во рамките на српското претседавање со иницијативата.
Фокусот на годинешните дискусии беше ставен на стратешката важност за изнаоѓање модалитети за зајакнување на регионот на земјите членки на ЦЕИ преку поврзаност, иновации и евроинтеграција.
Истовремено, беше потенцирано дека проширувањето на ЕУ не е само технички процес – тоа е геополитичка неопходност. „Процес кој е предвидлив, базиран на заслуги и со поголема вклученост на земјите кандидатки во политичките дијалози, програми и иницијативи на ЕУ, би дал посилна политичка порака и ќе може да се спротивстави на фрустрацијата и скептицизмот кај граѓаните во регионот“, нагласи Димитровски.
Особено акцентирајќи ја нашата позицијата, Димитровски укажа дека нашата земја има потреба од поверодостоен, конзистентен и сигурен процес на пристапување.
„Владата останува целосно посветена на европскиот пат барајќи конструктивни решенија базирани на компромис преку дијалог со нашиот сосед, Република Бугарија. Целосно се согласуваме дека билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни“, истакна заменик-министерот.
Тој додаде дека билатералните прашања за историјата и за идентитетот мора да останат надвор од процесот на пристапување, а проширувањето мора да остане базирано на заслуги и на Копенхашките критериуми.
„Потребен е целосно ресетирање во дијалогот со Бугарија со цел обновување на довербата и напредно ориентиран пристап. Комуникацијата и соработката во рамките на проектот за Коридорот 8 е добар пример за билатерална соработка“, заклучи Димитровски.
Во смисла на регионалната соработка, за време на состанокот министрите уште еднаш ја потврдија улогата на ЦЕИ како иницијатива што придонесува за ефективно решавање на актуелните регионални прашања и истовремено претставува цврста основа за понатамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

