Регион
Хрватските епидемиолози предупредуваат дека системот е преоптоварен
Поради зголемениот број барања за тестирање на коронавирус во Хрватска, резултатите се чекаат по три дена, а пред тоа беа потребни само 24 часа.
Само во последната недела повеќе од 1.600 лица во Хрватска се заразени од коронавирус, а епидемиологот Бранко Колариќ, член на владиниот совет, посочува дека системот е веќе преоптоварен.
„Системот е преоптоварен. Имаме зголемена побарувачка за тестирање, а тоа не е добро. Јас не сум среќен што дојде до оваа ситуација и се надевам дека ќе ги зголемиме нашите капацитети за тестирање“, рече Колариќ за телевизијата РТЛ.
Според податоците, во последните 14 дена процентот на позитивни во однос на тестираните е поголем од 11 проценти, а Светската здравствена организација вели дека ако е повеќе од пет проценти, тоа значи дека земјата не ја држи епидемија под контрола.
„Во последните 14 дена навистина имаме зголемен број заразени лица и не сме задоволни од епидемиолошките индикатори. Сега сме изложени на голем ризик дека работите би можеле да излезат од контрола ако повторно не направиме сè: доволно тестирања, изолација на позитивните и самоизолација на нивните контакти, физичко растојание“, објасни Колариќ.
Онаму каде што тоа не е можно, треба да биде задолжително носењето маски, рече тој.
Иако досега нема толку многу болнички случаи, Колариќ вели дека болниците, со оглед на ова забрзување на епидемијата, би можеле повторно да се наполнат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

