Македонија
Антонијо Милошоски обвинет дека помогнал за 100 денари квадрат да се продаде објектот на Општина Пласница
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против Антонијо Милошоски, татко му и против поранешниот претседател на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, оти заеднички издејствувале да се продаде за 100 денари од квадратен метар објектот во кој биле сместени администрацијата и градоначалникот на општина Пласница.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и обвинителен предлог против 10 лица што биле инволвирани во продажбата на објект во с. Ижишта – општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница, информираат од скопското Обвинтелство.
По предметот, во јавноста познат како „Моќник“, пред неговото преземање од Основното јавно обвинителство Скопје постапуваше СЈО.
„Со обвинителниот акт прво и второобвинетиот се товарат дека сториле едно кривично дело измама, третообвинетиот дека сторил едно кривично дело измама и едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето“, појаснуваат од Обвинителството.
Со обвинителниот акт опфатените 10 лица се товарат дека сториле едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод со лажно прикажување и со прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување недвижен имот за кој советниците сметале дека е поранешниот задружен дом, а всушност одобриле отуѓување зграда со корисна површина од 157 м2, со дворно место од 3.920 м2, во с. Ижишта – општина Македонски Брод, која ја користела Општина Пласница“, соопштија од Обвинителството.
Со продажбата на овој објект, како што посочуваат од Обвинителството, обвинетите ѝ нанеле штета на Република Северна Македонија во значителна вредност од 1.795.800,00 денари и за продажбата на земјиштето нанеле ѝ штета на Општина Македонски Брод во значителна вредност од 1.176.000,00 денари.
Во описот на дејствата што ги презел третообвинетиот, од Обвинителство велат дека тој со особен придонес кон делото директно искористувајќи ја својата позиција на пратеник, вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.
„Имено, на 27.10.2011 година, првообвинетиот писмено се обратил до Советот на Општина Македонски Брод со барање да донесат одлука за продажба на задружниот дом во с. Ижиште и лажно во барањето навел дека тој веќе го користи тој простор, сопственост на Општината, и сака да отвори сопствен бизнис, иако знаел дека објектот е всушност руинираниот дел запишан во катастарот на недвижностите, кој го користеле градоначалникот и општинската администрација на Општина Пласница и Управата за водење на матичните книги“, велат од Обвинителството.
На 28.10.2011 година Советот на Општина Македонски Брод ја одржал 33-тата седница, на која се разгледувало барањето од првообвинетиот, притоа збор зел второобвинетиот и лажно презентирал дека се работи за објект што на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот Совет, а за што имало договор, па за да може да се направи вложување во објектот, второобвинетиот побарал од Советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на прообвинетиот преку јавна лицитација.
Советниците доведени во заблуда со лажно прикажаните и прикриени факти за тоа кој објект е предмет на продажба едногласно донеле одлука за отуѓување на зградата и во апсолутна заблуда му овозможиле на второобвинетиот да почне со постапката за продажба на објектот и дворното место по што второобвинетиот, за да се избегне конкурентноста во наддавањето и да не се јави друг заинтересиран купувач, не го објавил огласот за продажба во „Службен весник“, па како наддавач се пријавил само првообвинетиот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на државата за цена од 1.795.800,00 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето.
Парите биле уплатени на сметка на Општина Македонски Брод, а со второобвинетиот склучиле договор за купопродажба, кој како сопственик на објектот подоцна успеал во Катастарот да го впише објектот на свое име како наводна техничка исправка иако немал основа за такво впишување. Тој го купил и земјиштето за цена од 100 денари за м2 во постапка без јавно наддавање. Имено, иако според одлуката на Советот на Општината најниска (почетна) цена во постапката за јавно наддавање за предметното земјиште требало да биде 100 денари за м2 и таа била објавена во службен гласник на Општина Македонски Брод, сепак донесена е одлука со ист евиденциски број, со која цената на земјиштето се ограничува да не биде поголема од 100 денари за м2. Тоа го искористиле прво и второобвинетиот и постигнале договор за купопродажба на земјиштето за цена од 100 денари за м2, а реалната вредност определена со актите на Општината за тој регион била предвидена на 400 денари за м2.
Откако градоначалникот на општина Пласница дознал дека објектот во кој се сместени администрацијата на Општина Пласница и неговиот кабинет е продаден, телефонски контактирал со третообвинетиот, а побарал и од Владата да ја испита постапката за продажба. Владата оформила комисија, но третообвинетиот, искористувајќи ја својата позиција на пратеник од владејачката партија, вршел континуиран притисок врз сите институции кои постапувале по овој предмет за да остане во правна сила незаконитата продажба на објектот и земјиштето.
Третообвинетиот паралелно со притисокот врз надлежните за непреземање активности за преиспитување на продажбата во име на претседател на комисијата за надворешна политика преку писмени барања иницирал инспекциски и полициски контроли врз едно правно лице, а организирал друго лице да поднесе барање до Комисијата за утврдување на фактите (комисија за лустрација) со наводи што треба да иницираат постапка за лустрација против судија.
Притоа смислено го поттикнал четвртообвинетиот како претседателот на Комисијата за утврдување на фактите врз основа на тие наводи да отвори повторна постапка за лустрација над судијата. Постапката за лустрација била отворена и четвртообвинетиот заедно со деветмина, исто така обвинети – членови на Комисијата за утврдување на фактите, како службени лица, постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, со умисла, иако знаеле дека не се исполнети критериумите за лустрација, донеле одлука за лустрација на оштетениот, кој привремено бил оддалечен од вршење на функцијата судија во Основниот суд Кичево, а потоа со одлука на истиот орган е утврден и престанок на вршењето на судиската функција на оштетениот, со што потешко му ги повредиле неговите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

