Македонија
Трајко Вељаноски: Нема економска оправданост и причина Собранието да има пет потпретседатели
Нема економска оправданост и причина Собранието да има пет потпретседатели, смета поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
„Во врска со закажаната седница за бројот на потпретседатели во Собранието, сакам да ја информирам јавноста како било за време на претходната власт, а како е сега. Во време на претходната власт од 2006 до 2008 година имаше тројца потпретседатели, од 2008 до 2011 година – 3 потпретседатели, од 2011 до 2014 година – 3 потпретседатели и од 2014 до 2016 година – тројца потпретседатели.
„За време на сегашнава власт од 2016 до 2020 година имаше 5 потпретседатели, како и од 2020 до 2024 година“, вели Вељаноски.
Тој во соопштение до јавноста наведува примери во други држави:
„Во САД има 435 пратеници и еден потпретседател, во Велика Британија има 650 пратеници – 3 потпретседатели, во Словенија има 90 пратеници и тројца потпретседатели, во Италија има 630 пратеници и 4 потпретседатели и во Германија има 709 пратеници и 5 потпретседатели“, вели Вељаноски.
„Демократијата е скапа играчка, но изгледа само во Македонија важи правилото – што поскапо, тоа е поголема демократија. Нема економска оправданост и причина за толкав број потпретседатели на Собранието“, наведува Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието.
За денеска во 11 часот е закажана собраниска седница за предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието. Во предлог-одлуката потпишана од собранискиот спикер Талат Џафери се наведува дека Собранието на Република Северна Македонија има пет потпретседатели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Подзаконскиот акт за канабис во колизија со законот, власта на СДС го донела спорниот правилник
Познанството со Зоран Заев и Венко Филипче, како и блискоста со СДС биле најважен критериум за апликантите за добивање на лиценца за медицински канабис, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ,
Според него, не можел кој било да извади таква лиценца, затоа што тоа било резервирано за луѓето блиски до кланот Заеви и до Филипче и затоа, како што вели, во струмичкиот регион во Македонија има најмногу фабрики за марихуана за медицински цели.
„За да им тече бизнисот и да ги вртат милионите, Заев и Филипче во 2020 година планираа целосно легализирање на марихуаната и со тоа сакаа Македонија да ја прават светска туристичка атракција. За среќа на граѓаните, овој обид не им успеа, а сега гледаме и која им била целта. Дека ова било планирано во главите на Заев и Филипче, се гледа во подзаконскиот акт, односно Правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во времето на власт на СДС, кој е во колизија со законот, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите. Со ова, логично е дека со неговото користење или во процесот на екстракција, маслото кое се произведува не може да биде лиценцирано, а најмалку да се најде во промет. Ги прашуваме Заев и Филипче, кој бил мотивот за ова? Зошто е направен подзаконски акт кој е во колизија со законот и со самото тоа овој процес е незаконски? Дали на Заев и Филипче целта им била продавање на канабис на црниот пазар? Затоа ли Заев и Филипче овие денови се толку испаничени? Затоа ли Заев излезе да го брани неодбранливото, додека во тоа време Филипче се упати кон Грција да се види со него? И дали Заев и Филипче стојат позади промената на Правилникот?“, праша Петрушевски.
Тој повторно побара обвинителството да го истражи случајот до крај.
Македонија
Градинката „Мајски цвет“ во завршна фаза на реконструкција
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, извршија увид во тековните градежни активности на детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1.
„Станува збор за темелна реконструкција со која значително се унапредуваат функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност на објектот. Проектот претставува капитална инвестиција на Владата на Република Северна Македонија, реализирана преку Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Општина Карпош“, соопштија од Општината.
Од таму велат дека поради појава на дополнителни и непланирани градежни зафати, рокот за завршување е продолжен од оправдани причини, при што Општина Карпош обезбеди и дополнителни средства за комплетирање на реконструкцијата.
Во координација со Министерството, поднесена е и апликација за набавка на потребна опрема, со цел градинката што поскоро да биде ставена во функција.
Македонија
Парите на граѓаните кои ваделе пасош си ги ставал во џеб, кривична пријава за вработен во одделот за издавање документи во Штип
Вработен во Одделението за управни работи Штип ги лажел граѓаните кои ваделе пасош дека не работи пост терминалот за наплата со картичка и им барал кеш. Наместо да ги уплаќа парите на жиро сметка на МВР, тој си ги земал за себе.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против М.С. на работно место советник за управни работи за Штип во Одделението за управни работи Штип при Одделот за граѓански работи, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „проневера во служба“.
Според информациите на МВР, пријавениот М.С. во период од 01.01.2025 до 30.06.2025 присвоил пари доверени во службата, така што во повеќе наврати од граѓаните-баратели на услуги за издавање на патна исправа, искористувајќи го нивното непознавање на законските прописи во МВР, барал од истите да му дадат пари на рака при поднесување на барање за патна исправа, под изговор дека можноста за плаќање на пост терминалот со платежна картица во моментот не е во функција и дека е потребно да платат пари во кеш.
Граѓаните на рака му давале пари во износ колку што чини услугата, а дадените пари подоцна пријавениот требало да ги уплати на жиро сметка на МВР, како и да изврши уплата за административна такса на жиро сметка на Буџетот на РСМ, но пријавениот иако ја завршил постапката и на граѓаните им издал лични документи-пасоши, во наведениот период не ги уплаќал доверените пари, туку си ги присвоил за себе.
Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди против М.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

