Култура
Чешка вечер на Охридско лето со концерт 4 пијана „Бах за вас“
Во рамките на музичката програма на фестивалот Охридско лето, вечерва ќе се одржи Чешка вечер со концертот 4 пијана „Бах за вас“, во изведба на уметници од камерниот оркестар „Чешки виртуози“, Ема Једличка-Гогова, Хелена Сухарова, Сара Медкова и Лукаш Клански. Концертот е со почеток од 21 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“.
Ема Једличка-Гогова е педагог, пијанист со интернационална кариера, уметнички директор и сестран музичар. Почнува да учи пијано во својот роден град Штип, а нејзиното деби со оркестар ѝ се случува на 16-годишна возраст со Филхармонијата на Република Северна Македонија и изведба на Концертот за пијано и оркестар од Едвард Григ. Набргу следуваат и првите целовечерни рецитали, како и студиите на ФМУ Скопје во класата на проф. Стела Слејанска. Студира и на Музичката академија „Јаначек“ во Брно, во класата на Зденек Хнат. Изведувачката кариера ја носи во повеќе од 15 земји во Европа и Канада како солист и камерен музичар, а настапува и со Филхармонијата на Република Северна Македонија, оркестарот на театарот во Опава, во Националниот театар во Брно, со Моравската филхармонија „Оломуц“ и др. Уметнички директор и претседател е на Асоцијацијата за интеркултурен и креативен живот и член е на одборот на Фондацијата „Ј. С. Бах“. Редовно е член на жири-комисии на интернационални натпревари, а била и претседател на натпреварот „Ј. С. Бах“ во Добрани во Република Чешка.
Хелена Сухарова-Вајзер студирала на Прашкиот конзерваториум, како и во класата на Иван Клански на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Студиите ги завршува со резиденцијален престој на Универзитетот „Рузвелт“ во Чикаго, а посетува и мајсторски курсеви кај Малком Фрагер во Луцерн. Уште додека студира, освојува награди на повеќе меѓународни натпревари, а настапува не само во својата татковина Чешка, туку и во Германија (каде што живеела до 2003), во Полска, Финска, Велика Британија, Швајцарија, Франција, Грција, во земјите на поранешна Југославија и во САД. Покрај солистичката кариера, Сухарова-Вајзер настапува и како камерен музичар. Има снимено ЦД-иња со квартетот „Штамиц“, со Влах квартетот од Прага, Вихан квартетот, кларинетистот Кристоф Рајф и со пијано-квартетот „Ад либитум“. Дел е од жири на повеќе чешки и меѓународни натпревари, а во 2019 станува директор на јуниорскиот натпревар за пијанисти „Прашки ноти“ за натпреварувачи од 5 до 15 години. Од 2012 година предава пијано на Академијата „Јаначек“ во Брно, а веќе неколку години предава и на Академијата за изведувачки уметности во Прага.
Сара Медкова спаѓа во групата водечки млади чешки пијанисти. Настапува на сцените на повеќе од 20 европски земји, како и во САД, Азија и Африка, притоа премиерно изведувајќи повеќе од 100 нови композиции. Носителка е на награди од повеќе интернационални натпревари, а настапува со познати оркестри во Чешка и надвор од неа. Во 2009 и 2010 Медкова е иницијатор на уникатен проект, во кој се изведени концертите за три пијана од Бах и Моцарт, како и нејзиниот авторски концерт со наслов Di Ritorno, кој ги изведува со Филхармонијата на градот Брно и со оркестарот „Прашки академски солисти“. Во 2012 година магистрира на Музичката академија во Прага, а како студент на „Еразмус-програмата“ поминува една година на Универзитетот за музика „Карл Марија фон Вебер“ во Дрезеден во класата на А. Зензипер. Учествува на повеќе мајсторски курсеви под раководство на Елисо Вирселадзе, Даниел Полак, Андреј Гаврилов и др. Нејзиното прво цеде De Profundis го издава компанијата „Арта рекордс“ во 2017 година.
Лукаш Клански е еден од најквалитетните чешки пијанисти од помладата генерација. Како победник на повеќе натпревари, тој е често ангажиран како солист и камерен музичар. Член е на успешното трио „Лобкович“, со кое победува на натпреварот „Јоханес Брамс“ во Австрија во 2014 година. Клански освојува втора награда на натпреварот „Ханс фон Булов“ во 2018 година во категоријата диригирање од пијаното. На 15-годишна возраст го има дебито како солист со оркестар во салата „Дворжак“ во Прага со Прашкиот камерен оркестар. Настапува со многубројни оркестри под диригентските палки на: Либор Пешек, Андреа Себастиан Вајзер, Гунди Емилсон и Иштван Денес, а настапува и на фестивали во: Чешка, Италија, Германија, Грција, Швајцарија и др. Дипломира на Прашкиот конзерваториум во класата на Ева Богуниова, а продолжува да се усовршува кај татка си Иван Клански на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Како солист се претставил пред публиката во: Словачка, Унгарија, Германија, Австрија, Франција, Италија, Белгија, Холандија, Хрватска, Словенија, Грција, Полска, Турција, САД и Јужна Африка. Неговите снимки се издадени од „Прага диџиталс“, „Радиосервис“, „Грамола“ и „Наксос“. Лукаш Клански студирал диригирање кај Леош Сваровски, а настапува како диригент, честопати свирејќи и диригирајќи од клавијатурата.
Камерниот оркестар „Чешки виртуози“ под уметничкото раководство на Карел Прохазка ја почнува концертната кариера пред повеќе од 20 години. Од тогаш, па до денес имаат остварено над 800 концертни настапи, на кои изведувале музика од разни епохи – од барок па сè до современа музика, и тоа: симфониски дела, духовна, музика и оперски дела. На концертите во Виенската концертна сала или, пак, во дворецот Шонбрун, најчесто се претставуваат со дела од Моцарт, но поради нивната разнообразна програмска определеност, често се канети да настапуваат на фестивали во Холандија, Италија и во Шпанија. Настапиле на Деновите на чешката музика во Дижон во 2015 година, а оствариле и три концертни турнеи во Јапонија во 2003, 2010 и во 2011 година. Членови на оркестарот, меѓу другото, се и концерт мајсторите и солистите на оркестарот на операта „Јаначек“, како и на Филхармонискиот оркестар во Брно. Настапуваат со многубројни чешки и меѓународно етаблирани солисти, како виолинистката Естер Ју и вокалните солисти Милагрос Побладор и Наталија Ушакова под диригентската палка на реномирани чешки диригенти. Овој камерен состав има снимено повеќе ЦД-иња, а последното, кое е издадено минатата година, е нивна соработка со белгискиот диригент Ерик Ледерхандлер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

