Свет
Турските хотелиери се борат за опстанок

За хотелите во цела Турција, 2020 година се претвори во борба за опстанок поради коронавирусот, а исходот ќе биде клучен за туристичкиот сектор, на кој тамошната влада гради и стабилност на домашната валута и платниот биланс. Во споредба со минатата година има дури 86 проценти помалку туристи.
„Оваа година ја пречкртавме. Нашата цел не е да заработиме“, рече генералниот директор на еден хотел, кој бележел солидна посетеност во минатото, особено на британски и германски гости.
Оваа година две третини од резервациите ги прават домашните гости. Стапката на пополнетост е подобра отколку во некои хотели на турско-медитеранското крајбрежје или во Истанбул, каде што се резервираат само една третина од собите или уште помалку.
Последиците ги надминуваат градовите и милиони работници зависни од туристичкиот сектор – туризмот го намали проблемот со дефицитот на платниот биланс на Турција во текот на годините. Загриженоста за недостиг на прилив на туристичка странска валута беше една од причините зошто лирата нагло ослабе во последните неколку недели, пренесува „Сеебиз“.
Дефицитот на платниот биланс достигна 20 милијарди американски долари во првата половина од годинава, а агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ проценува дека може да изнесува 3,2 проценти од БДП оваа година, делумно како резултат на падот на туризмот.
Анкара се обидува да го спаси секторот преку интензивна дипломатија и програми за издавање здравствени и хигиенски сертификати за хотели, авиокомпании и аеродроми, кои треба да привлечат туристи.
Тие практично исчезнаа во април кога беа воведени ограничувања за да се спречи ширењето на коронавирусот. Во меѓувреме, само 932.927 од нив почнаа да се враќаат во јули, 86 проценти помалку отколку во истиот месец лани, соопшти Министерството за туризам.
Министерот за туризам, Мехмет Ерсој, рече дека очекува 15 милиони туристи и повеќе од 11 милијарди долари приход оваа година, под услов авиокомпаниите да продолжат да работат. Во 2019 година Турција забележа 45 милиони посетители и 35 милијарди долари приход од туризам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Хрватска го враќа задолжителниот воен рок

Хрватската влада денеска до тамошниот законодавен дом го испрати предлогот за измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кои, меѓу другото, повторно се воведува задолжително основно воено оспособување.
Во образложението, премиерот Андреј Пленковиќ посочи дека Владата смета дека овие документи се неопходни, имајќи ги предвид значително променетите глобални безбедносни околности.
Тој потсети дека Хрватска од 2008 година има суспендирана одлука за задолжителна воена служба и дека со овие измени ќе се создадат предуслови младите генерации да стекнат потребни вештини, што ќе ја зајакне силата на Хрватската војска.
Фото: ЕПА
Свет
ЕУ објави 2,3 милијарди евра помош за обнова на Украина

Европската комисија денес објави 2,3 милијарди евра поддршка за Украина за да ѝ помогне да се обнови од штетите предизвикани од руската инвазија. Средствата вклучуваат 1,8 милијарда евра гаранции за кредити и 580 милиони евра грантови од меѓународни и билатерални јавни финансиски институции, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конференција во Рим за плановите за обнова на Украина.
Вкупниот износ од 2,3 милијарди евра е дел од инвестициската рамка за Украина. Фон дер Лајен рече дека се очекува рамката да мобилизира до 10 милијарди евра инвестиции во Украина.
Шефицата на ЕК исто така најави формирање нов фонд за обнова на Украина, поддржан од Европската инвестициска банка, Франција, Германија, Италија и од Полска. Со почетен капитал од 220 милиони евра фондот има цел да мобилизира 500 милиони евра до 2026 година, соопшти Комисијата.
Свет
Заменик-рускиот министер: Администрацијата на Трамп е контрадикторна

Заменик-министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков, денес изјави дека контрадикторните постапки и зборови на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја отежнуваат работата, иако Москва е посветена на подобрување на односите со Вашингтон.
„Администрацијата на Трамп е многу контрадикторна во своите постапки и изјави. Ова не ја олеснува работата“, изјави Сергеј Рјабков, цитиран од државната новинска агенција ТАСС.
„Сепак, ние упорно и доследно го следиме правецот кон нормализација на нашите односи“, додаде тој.
Рјабков рече дека Русија знае како да се спротивстави на какви било можни дополнителни санкции од Вашингтон, објави новинската агенција „Интерфакс“.
„Знаеме како да се спротивставиме на санкциите. Можеме да видиме дека развивме алатки и шеми во последните години. Ова во голема мера задоволува одредени мерки преку замена“, рече Рјабков.