Култура
Охридско лето донесе уникатна програма на четири пијана и гудачки камерен оркестар со чешки уметници
Вечер што долго ќе се памети приредија синоќа врвни уметници од Република Чешка, кои во рамките на музичката програма на фестивалот Охридско лето, во предворјето на црквата „Света Софија“ го одржаа концертот „Бах за вас“.
Концертот го најави амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Мирослав Томан, кој порача дека во ова тешко време не смееме да се фокусираме само на епидемиите, туку, како што рече, мора да продолжиме да живееме.

„Во ова незгодно време многу е важно сите да се држиме заедно. Драго ми е и се гордеам што Република Чешка успеа да ги поддржи своите пријатели вклучително и Република Северна Македонија во борбата против Ковид-19. Сепак, не смееме да се фокусираме само на епидемиите. Мора да живееме и затоа мислам дека е многу важно да се поддржи културната соработка, дури и во сегашните тешки околности. Среќен сум што и покрај сѐ, успеавме да го организираме овој исклучителен концерт. Најдобар доказ за тоа дека не дозволивме да се откажеме е токму нашето присуство на Охридско лето, рече амбасадорот Томан.
Чешкиот амбасадор во земјата упати огромна благодарност до организаторот на концертот, фестивалот Охридско лето и до директорката Наташа Поповиќ, со која, како што рече, ги договарале сите детали за настапот на чешките уметници кои свиреа на чешки пијана од производителот „Петроф“.

„Чешката компанија ‘Петроф’ е една од најистакнатите производители на пијана во светот и една од ретките што сѐ уште работат во Европа. Во текот на своите 156 години историја оваа семејна компанија произвела повеќе од 632 илјади парчиња и многу од нив биле извезени во поранешна Југославија, а особено во Македонија. Четирите пијана на сцената беа изработени специјално за оваа пригода, а по концертот, ќе се пренесат во „Пијано-центарот“ во Скопје, каде што може да се видат или купат“, додаде амбасадорот Томан.
Вистински симбол на македонско-чешкото пријателство е пијанистката Ема Једличка-Гогова, која вчеравечер во предворјето на „Света Софија“ настапи заедно со своите колеги, солистите Хелена Вајзер, Сара Медкова и Лукаш Клански и со 11-члениот гудачки камерен оркестар „Чешки виртуози“.
„Во името на сите чешки уметници што синоќа настапија на реномираниот и светски познат фестивал Охридско лето, сакам да изразам голема благодарност за организацијата. Концертот ‘Бах за вас’ беше посветен на еден од најголемите светски композитори – Јохан Себастијан – Бах, кој годинава слави 335 години од раѓањето и 270 години од неговата смрт, што се вклопува со јубилејната година на фестивалот Охридско лето. Затоа се трудевме преку сите пречки да ги споиме јубилеите на еден од најголемите светски музичари и композитори заедно со големиот и прочуен фестивал“, рече Једличка-Гогова.
Четворицата исклучително вируозни чешки пијанисти одржаа четири концерти за клавир со оркестар. Самата концепција беше поставена така што публиката имаше можност да ужива во концерт со едно пијано и гудачки оркестар, со две пијана и гудачки оркестар, за три пијана и гудачки оркестар и на крајот – концерт за четири пијана со оркестарот.
„Овие концерти се од многу големо значење затоа што во историјата на музичката и пијанистичката литература тоа се први солистички концерти напишани за пијано, односно во тоа време чембало и оркестарска придружба“, појасни пијанистката со интернационална музичка кариера Једличка-Гогова, која е родена во Штип, а живее во Република Чешка.
Чешката вечер на фестивалот Охридско лето се одржа со поддршка од Амбасадата на Република Чешка во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

