Македонија
Претставници на родителите на средби со владини претставници

Премиерот Оливер Спасовски, заменик-министерката задолжена за координација со економските ресори Мила Царовска, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска во одделни средби денеска ги примија претставниците на родителите кои се залагаат за онлајн настава во образовниот процес и претставниците на родителите кои застапуваат став за настава со физичко присуство.
„На средбите претставниците на двете групи родители имаа можност да ги соопштат своите ставови и аргументи, како и да бидат детално запознаени со одлуката на Владата за моделот според кој ќе се организира и спроведува наставата во основното и средното образование во услови на Ковид-19, која е донесена врз основа на стручните анализи и препораки на Комисијата за заразни болести“, соопштија од Владата.
Претставниците на родителите на двете групи биле запознаени дека моделот за организирање и спроведување на наставата за учебната 2020/2021 година во услови на пандемијата со Ковид-19 предвидува комбинирана настава со одредени исклучоци кои, како што велат од Владата, одат во прилог и на застапниците на онлајн наставата и на оние кои се залагаат за настава со физичко присуство.
Од Владата појаснуваат дека задолжителното физичко присуство на учениците од прво до трето одделение опфаќа и исклучоци за оние ученици за кои родителите ќе наведат прифатливи причини за нивните деца да биде организирана наставата со алатки за интернет-комуникација, односно онлајн.
Вториот исклучок од задолжителната онлајн настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното овозможува настава со физичко присуство само во оние училишта во кои бројката на ученици по паралелка не надминува 20, каде што е можно остварување на вториот услов за физичка дистанца од 1,5 метри меѓу учениците, и со обезбедени санитарно-хигиенски услови за одржување на општа и лична хигиена наведени во Протоколите.
За овие исклучоци ќе одлучува работна група составена од претставници на Министерството за образование и наука, на Министерството за здравство и на Канцеларијата на претседателот на Владата, по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
„Овој комбиниран модел, беше истакнато на средбата, е прифатен како модел кој во најголема мерка ги намалува ризиците за здравјето на учениците и наставниците и истовремено обезбедува спроведување на наставно-образовните програми“, соопштија од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Филипче: Мицкоски од уста не ме вади

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Ѓорче Петров, рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски немаат никакви резултати зад себе, па затоа се служат со лаги, спинови и напади врз опозицијата.
„Го гледам Мицкоски, од уста не ме вади во оваа кампања. Човекот изгледа не може да сфати дека е на власт и дека треба да промовира што направил, а не да се занимава со опозицијата. Секој ден нова измислена афера по стариот терк, но сега веќе никој не му верува. Кога немаш ниту едно дело, останува само да плукаш. На Мицкоски треба да му биде едно јасно: граѓаните не живеат од неговата пропаганда“, порача д-р Филипче.
Претседателот на СДСМ истакна дека граѓаните веќе ја препознаваат неспособноста на актуелната власт и дека секојдневно се чувствуваат последиците од погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Мицкоски до Филипче: Професионално ли е што судот на Марковски за стомилионски криминал му дава куќен притвор?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од народниот митинг одржан во општина Богданци, во рамки на изборната кампања 2025 која е под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври. Мицкоски зборуваше на темата за судството и обвинителството во земјава. Според него, луѓето кои ги направија предавствата на државата, кои менуваа име и Устав, и кои изнесуваа милиони надовр од неа, повторно се обидуваат да го лажат народот, а нивната лагодност е во тоа што знаат дека имаат чувари во судството и обвинителството, и притоа лидерот на СДСМ се изјаснува во јавноста дека 2% доверба на граѓаните во судството за него е професионално. Тој додаде дека после локалните избори, потребен е ресет на системот.
„И кога ќе ме запрашаат од каде почнавте да работите овие 15 месеци како Влада, одговорот е тежок, затоа што велиме дека започнавме од самите темели. Толку тие беа разрушени, разјадени и ослабени што, по три децении независност и седум години катастрофално владеење, моравме повторно да почнеме од темелите на Македонија“, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека кај истите луѓе кои ја распродаваа историјата на државата, менуваа Устав и изнесуваа милиони надвор од неа, има отсуство на срам и според него, покажува дека го потценуваат народот, а и повторно се обидуваат да го излажат.
„Навистина гледам дека тие исти луѓе кои седум години уриваа, кои менуваа име, Устав, распродаваа историја, крадеа, купуваа трговски центри, изнесуваа милиони, правеа дилови на грбот на народот, истите тие ги има фатено една колективна амнезија и без мува да ги лази излегуваат и коментираат, обвинуваат и лажат. Кај сите до еден кај нив има огромно отсуство на срам, и тоа отсуство на срам, говори дека не само што не научиле ниту една лекција, туку ја потценуваат интелигенцијата на народот и повторно сакаат да го излажат со истите фрази, со истите зборови“, кажа Мицкоски и додаде:
„Заев ветуваше живот, а овој сега неговиов наследник, Филипче, ветува среќа. Првиот ветуваше дека ќе ја заштити македонската жица од гитарата, вториот имал црвени линии со Бугарија. Првиот му ја води кампањата, а пак овој вториов слепо го следи. И нивната комоција се должи, освен на отсуството на срам, и на нивната желба за моќ, пари и богатење на грбот на народот. Просто е прашањетом, како со државна, докторска или градоначалничка, па и премиерска плата се стигнува до згради и златна виза во Дубаи? Милионски имот кој вртоглаво расте во годините кога тие се влада. Одговорот е преку криминал и неказнета корупција“.
Според него, нивната лагодност се должи на тоа што тие знаат дека имаат чувари во правосудството, и за кое лидерот на опозициска СДСМ изјавува дека ова судство кое ужива само 2% доверба било професионално.
„Нивната лагодност се должи и на фактот што имаат чувар во обвинителството и судството, кои се пак последниот бастион на оваа наша длабока држава. Го слушав внимателно, вчера Венко Филипче како говори дека тоа судство и обвинителство е професионално. Замислете, ова судство и обвинителство со два процента рејтинг било професионално. Тоа што повеќе од 100 пријави ги држат во фиока, тоа што ќутат и тоа молчат за плацовите, вилите, за бизнисите со државни тендери, за вакцините од Кина, не ги прави професионални, туку напротив, ги прави криминални“, вели Мицкоски.
Мицкоски додаде дека, сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, Марковски, на кој за сомнеж за криминал од сто милиони му е доделен куќен притвор, според него ова не е професионално туку криминално.
„И додека ова Филипче го говори, во истиот момент, во исто време судот на сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, Марковски, кој парче по парче направи во РЕК, за сомнеж за криминал од сто милиони, му доделија куќен притвор. Да го прашам Венко, професионално ли е што за сто милиони неговиот суд му дава само куќен притвор, а за некој што украл 10 ќебапи има притвор со месеци? Во ништо од ова нема професионално, туку само криминално“, посочи Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека после локалните избори годинава, на државата и е потребен целосен ресет, и само на тој начин ќе обезбеди иднина.
„И од тоа бегате упорно затоа што знаете дека после овие избори, лично ќе се позанимавам со правдата која за сите оние што се огрешиле е недостижна. И тоа мора да се смени, затоа што на Македонија повеќе од сè досега ѝ треба ресет на системот и не само во судството и обвинителството, туку ресет и во секоја пора од општеството. Ресет на вредностите кои ги газат и на сфаќањата кои мораат да ги променат. И само така сите ние, заедно, ќе обезбедиме иднина каква заслужуваме, целосно свесни дека ова е најважната битка на нашата генерација, која мораме да ја победиме“, заклучи Мицкоски.
Македонија
„Ја поддржуваме одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности.
Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.