Култура
Гостиварскиот театар на Долни Сарај ја донесе премиерата „Полковникот птица“

Гостиварскиот театар вчеравечер на сцената „Долни Сарај“ премиерно ја изведе театарската претстава „Полковникот птица“ на текст од Христо Бојчев, а во режија на Андреј Цветановски.
Актерите Марија Кондовска, Бехреда Решит, Дритон Љазами, Кујтиме Ахмети, Марко Дојоски, Ајше Усеини, Берат Махмути, Аријан Ејупи, Елизабета Клинчаревска-Младеновска и Ѓорѓи Нешкоски доловија човечки судбини на една група ментално болни луѓе што живеат заборавени во лудница. Таму по грешка им стигнува хуманитарна помош и тие добиваат нова надеж, нова мотивација во животот. Пораката е како луѓето да станат подобри, исто како што и ликовите во претставата стануваат добри.
Првиот човек на НУ Гостиварски театар, Висар Вишка, вели дека театарската претстава почнала да се подготвува по заедничката одлука на актерите и режисерот и по олабавувањето на мерките што ги наметна пандемијата. Како што појаснува, за пробите на целата екипа биле набавени маски и визири, кои актерите ги извадија пред премиерната игра вчеравечер на Охридско лето.
„Знаевме уште од почеток дека оваа здравствена криза ќе трае долго и дека ние како уметници мора да најдеме начин како да се приспособиме на новонастанатата ситуација, како да работиме и како да ѝ вратиме на публиката, зашто, сепак, ние трошиме буџетски пари. Држејќи се до протоколите, првото нешто што го направив – ги прашав режисерот и актерите дали се сложуваат да го прифатиме предизвикот и да направиме претстава. Што поголеми предизвици и пречки во уметноста, толку поголеми, подобри и поиновативни работи“, вели директорот на НУ Гостиварски театар, Висар Вишка.
Според режисерот на претставата „Полковникот птица“ , Андреј Цветановски, предизвик е да се работи со релативно нова театарска екипа, а текстот на Бојчев отсекогаш бил негова желба да го сработи.
„Во мојата кратка, но богата кариера, честопати сум имал можност да работам со помали и нови ансамбли. Тие се секогаш интересни за работа затоа што носат доза ентузијазам што не ја носат театрите, условно да кажам, со побогата традиција. Овој текст е доста интересен и многу ми се допаѓа. Отсекогаш сум сакал да го работам и, еве, конечно, имам можност за тоа со актерите од гостиварскиот театар. Особено комплицирано или некаков нов предизвик ми беше затоа што работевме во период во кој пандемијата ни зададе нови околности, но театарот се создава овде и сега и таа околност се обидовме да ја претвориме во квалитет“, вели Цветановски.
Гостиварскиот театар е најновата театарска национална установа во Република Северна Македонија формирана кон крајот на 2018 година. За овој период актерите од овој театар направија три премиери. „Полковникот птица“ е последната премиера, а воедно и прва на македонски јазик.
Драмската програма на годинешното 60-то издание на фестивалот Охридско лето ќе биде затворена в недела, 30 август, со театарската претстава „Бог на масакрот“ во изведба на НУ Турски театар – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сараево во исчекување: „Народен пратеник“ и „12“ на сцената на Народното позориште

По големиот успех на МНТ во Р Црна Гора, сараевската публика е во исчекување вечерва на 11 април на сцената на Народно позориште, Сараево, со почеток во 19:30 часот, да ја погледне урнебесната комедија која одлично ги прикажува политичките амбиции и ситните страсти во драмата „Народен пратеник“, едно од најважните дела на Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.
Во срцето на оваа комедија е семејната драма – амбицијата на таткото Јеврем Прокиќ и адвокатот Ивковиќ, кои истовремено се натпреваруваат за функцијата пратеник. Семејниот конфликт, политичките игри и смешните ситуации ја прават ова претстава незаборавна.
Играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (глас снимен), Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халил.
Моќната „12“ во Сараево: Театарска елита на големата сцена на Народно позориште
Утревечер, на 12 април со почеток во 19:30 часот, на големата сцена на Народно позориште, Сараево ќе биде изведена моќната претстава „12“, адаптација на култното дело на Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов.
Сараевската публика ќе има ретка можност да ја проследи оваа интензивна драма, изведена од врвна актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
„12“ е претстава што не остава никого рамнодушен – психолошка длабочина, социјална критика и актери во врвна форма. Сараево не пропуштајте ја!
Култура
Јубилејна изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“

Националната галерија на Македонија ја подготвува јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“.
Одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997), еден од најинвентивните македонски скулптори, чие творештво е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура, е во сообразност со задачата на Националната галерија да ги чува и презентира најсеопфатно можно достигнувањата на најзначајните македонски уметници земајќи ја предвид улогата што ја имале во создавањето и трасирањето на тековите на македонската модерна и современа уметност.
Изложбата ќе биде отворена на ден 23.4.2025 година (среда), во 20 часот, во објектот Даут пашин амам.
Култура
Љутков: Остануваме доследни за максимална грижа и вложување во заштитата на македонското културно наследство

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и државниот секретар Марија С. Ѓоргова денеска го посетија манастирскиот комплекс „Трескавец“ во Прилеп каде што треба да започне реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во изминатиот период овде беа реконструирани и опожарените конаци, а со тоа по повеќе од десет години се овозможи враќање на монашкото братство во овој комплекс.
– Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.
Тој додаде дека овој комплексен проект ќе биде реализиран од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Република Грција, Заводот и музеј – Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежен факултет – Скопје.
– Сакам да им се заблагодарам на сите учесници во проектот, како и на докажаните експерти во областа на заштитата од Република Грција кои денеска и лично допатуваа овде, во Трескавец, за да се запознаат со состојбата и да направат увид во досегашната изведба на проектот – рече Љутков.
Претходно, Љутков ги посети и црквата „Св. Благовештение“ и археолошкиот локалитет „Стибера“.
– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август.
Во врска со Центарот за култура „Марко Цепенков“, министерот информираше дека во најкраток рок ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.