Македонија
(Видео) Димитриеска-Кочоска: Владата на Заев е одговорна за аферата „Еуростандард“ тешка 200 милиони евра
Владата на Заев е одговорна за аферата „Еуростандард“ тешка 200 милиони евра, обвини Гордана Димитриеска-Кочоска, претседателка на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа рече дека постојат сомнжеи оти уште пред три години биле делени кредити на компании без покритие.
„Имаме апсолутен молк од власта и очигледна намера да се скрие аферата за Еуростандард банка тешка 200 милиони евра. Владата бега од темата на кои компании блиски до власта им биле делени кредити без покритие. Нашите сомнежи говорат дека кредити без покритие биле делени на компании уште пред три години. Тие кредити биле давани на компании што биле основачи на други компании, и тоа без прецизни и издржани планови за отплата. Кредитите биле наменети за изградба на згради и станови. Тие кредити се давани и на повеќе струмички компании блиски до власта, без соодветни хипотеки. Кога е направена ревизија и активирани хипотеките, тие компании свесно се однесени во стечај, што создава голема криза кај банката“, рече Димитриеска-Кочоска.
Оттука, додаде таа, се поставува прашањето што правеле државните институции задолжени за контрола на банката? Освен министерката за финансии, прашува Димитриеска-Кочоска, кои други луѓе од власта предвреме си ги извадиле парите од банката?
„Владата на Заев е одговорна за аферата ‘Еуростандард’ тешка 200 милиони евра, што струмички компании се богателе со кредити без покритие од банката, што денес имаме 100 илјади блокирани сметки, бизниси што стојат, дваесетина илјади неисплатени пензии и стотина нови невработени. За 5 месеци, имаме речиси 40 илјади нови невработени лица. Тоа значи крах и фијаско-економија“, обвини Димитриеска-Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски со претставници на литванскиот Парламент – Сејмас: фокусот на унапредување на соработката со цел силна поддршка на процесот на проширување на ЕУ
Во рамки на работната посета на Литванија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево го посети литванскиот Парламент – Сејмас, каде оствари одвоени средби со пратеници, членови на Комисиите за надворешни работи и европски прашања, како и со Групата за меѓупарламентарна соработка со земјите од Западен Балкан.
На средбите, Муцунски ја нагласи важноста на парламентарната соработка и улогата на народните претставници во продлабочувањето на односите меѓу двете држави. Тој истакна дека парламентарната дипломатија претставува значајно дополнување на класичната дипломатија, особено во промовирањето на дијалог и градењето стабилни партнерства.
Фокусот на дискусиите беше ставен и на можностите за понатамошно унапредување на соработката меѓу литванските и македонските пратеници – како на билатерално ниво, така и во рамките на европските парламентарни форуми – со цел продолжена и силна поддршка на процесот на проширување на Европската унија.
Македонија
Поради превенција од свлечиште на Водно надлежните на итна координација
Поради превенција за активирање на свлечиштето на падините на Водно, во близина на улиците „Белградска“ и „Партенија Зографски“, и реалната опасност од негово понатамошно ширење, по иницијатива на Општина Центар беше одржан итен координативен состанок на кој учествуваа градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, претставници на ЦУК, ДЗС, ДИГУ-Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, МВР, ИЗИИС, Град Скопје, Градежен факултет и Министерство за транспорт и врски.
На состанокот беа донесени јасни заклучоци кои веднаш ќе бидат доставени до Владата, со барање за итно преземање мерки за обезбедување технички и правни услови за санација на свлечиштето и регулирање на атмосферските води.
Констатирано е дека уште во 2022 година Град Скопје бил задолжен со записник од ЦУК да изработи проектна документација за прифаќање на атмосферските води од Водно, со цел да се реши проблемот со одводнување на сливните води од падините на Водно.
Стручните служби дополнително посочија дека за стабилизација на свлечиштето мора да се изгради потпорен ѕид. а бидејќи локацијата каде што треба да се изведуваат градежни работи се наоѓа на приватен имот, ниту една институција, вклучувајќи ја и Општина Центар, не смее да спроведе такви активности без соодветна одлука од Владата.
„Се работи за сериозна ситуација која бара координирано дејствување и постапување строго согласно ингеренциите на секоја институција. Само така можеме навреме да го решиме проблемот и да спречиме поголеми последици. Општина Центар останува целосно подготвена да ги преземе сите обврски што се во наша надлежност“, рече Герасимовски.
Македонија
Мицкоски: Уставниот суд и Кацарска го укинаа линеарното зголемување на пензиите, над 70 проценти од пензионерите ќе земат помала пензија
„Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време, и којшто соучествуваа во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите“, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања.
Мицкоски додаде дека според последната информација, судијката на Уставниот суд, Кацарска ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.
„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд“, рече тој.
Истакна дека ваквата одлука не е фер, бидејќи Уставниот суд ја укинува одлуката, а нема да се зачуди доколку истата судијка во Уставниот суд донесе одлука за одмрзнување на платите на судиите и обвинителите.
„Од аспект на фискален товар, помалку пари ќе даде Буџетот, но од аспект дали е тоа фер, не е фер затоа што во време на транзиција кога малкумина олигарски го приватизираа и разграбаа македонското стопанство или поголем дел го уништија, најголем дел од овие пензионери со ниски примања, 8.000, 9.000, 10.000 или 12.000 денари се резултат на тој процес во времето на транзицијата. И затоа тие добиваат така ниски пензии.
Целта на линеарното зголемување беше да се намали ХДИндексот, а да се зголеми стандардот на пензионерите и на тој начин да се намали степенот на сиромаштија“, нагласи Мицкоски и додаде:
„Замислете истовремено најверојатно следната одлука којашто ќе дојде од истиот суд е да ги одмрзнеме платите на судиите и обвинителите. Значи на пензионерите им се укинува правото, но затоа пак на овие обвинители и судии бидејќи се незадоволни со 2.500, 3000, 4.000 евра ќе треба да им се одмрзнат платите, а пензионерите со 10.000, 12.000 денари коишто треба да добијат 1000 денари зголемување сега овој месец, тие се побогати од овие малкумина судии и обвинители коишто ја контаминираат оваа професија“.
Според премиерот, ваквата одлука е неправда за пензионерите.
„Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите“, дециден е Мицкоски.

