Македонија
(Видео) Костовски до СДСМ: Вие ја создадовте олигархијата во Македонија, го осиромашивте народот и ја клекнавте државата на колена
Дарко Костовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ денеска на вториот ден од собраниската седница за избор на нов владин кабинет, пратениците од СДСМ им порача дека секогаш кога тие биле на власт забрзано со деструктивни политики ја разнебитуваат Република Македонија како на национален така и на економски аспект.
„Пред нас е избор на влада која системски која како по книга ги урива темелите на Република Македонија, во последните три години со засилено темпо, но и многу порано т.е секогаш кога биле на власт во Македонија луѓето од СДСМ. По редоследот на нештата се плашам дека во период пред нас уште повеќе ќе забрзате со деструктивните системски политики за разнебитување на Македонија, како на национален така на економски правен одбранбен аспект“, вели Костовски.
Костовски истакна дека СДСМ ја создаде олигархијата во државата, создавајќи класно раслојување со крадење на сиромашниот народ, а богатење само на неколкумина.
„Од ДУИ не очекувам нешто посебно да се грижи за македонската држава. Во политиката сакам да сум реален и да се водам по природни принципи, но она што е многу пострашно е тоа што уште помалку е природно СДСМ да се грижи за Македонија“, рече тој.
„Вие ја создадовте олигархијата во Македонија. Вие успеавте да го создадете првото сериозно класно раслојување со крадење на така сиромашниот народ и трупање на богатство само кај неколкумина. Успеавте да ја спроведете најлошата транзиција во овој дел на Европа“, изјави Костовски.
Костовски порача дека елитата има свое име наречено СДСМ, како и дека во изминатите три години од главниот град направиле криминален град.
„Во Македонија елитата има свое име тоа е СДСМ“, рече Костовски и додаде:
„Луј Витон социјалдемократски бренд не оди левичар со овој светски бренд но едноставно во случајот ви прилега. Во изминатите три години Скопје го направивте како филм со Алфонсо Капоне, рекет, криминал, изнуди и еден куп нерешени улични филмски, меѓу автомобилски престрелки, кои не само пукачите туку во опасност ги доведуваат и случајните минувачи“.
Костовски нагласи дека во владата на СДСМ ќе има министри кои што сметаат дека македонскиот револуционер Гоце Делчев е Бугарин како и дека има министри кои што се поклонуваат пред обележја на УЧК, додавајќи дека ја клекнале Македонската држава на колена и го понижиле македонскиот народ.
„Во оваа влада ќе имаме министер за правда кој што смета дека Делчев е Бугарин. Но, вас тоа не ви смета, вие не познавате односно не почитувате никој што со жртва ја одбранил Македонија. Па имате изградено свој стил, истите да ги понижувате“, вели тој.
„Во оваа влада ќе имаме министер кој што системски ја уништува македонската гордост, најнепосредните бранители на македонскиот унитарен карактер, практично и на македонската држава, батаљонот за специјални намени Волци. Добро знае Шекеринска што зборува. Но, затоа одговорната за одбрана на државата се поклонува пред обележија пред УЧК, да бидам прецизен немам ништо против УЧК, јас сум воспитан борбата да ја сфаќам многу витешки , но имам против Македонците кои што се поклонуваат пред вакви обележја, само поради една причина заради македонските жртви“, додаде Костовски.
„Екипо Луј Витон го сменивте името на Македонија, ги пуштивте убијците на децата од Смилковско, пукачката екипа од Диво Насеље во затвор ја третирате како во хотел, убиецот на младиот Никола Христовски го осудивте на три срамни години затвор, ја клекнавте Македонија на колена, го пониживте македонскиот народ, но еден ден тој ќе ви пресмета“, вели Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.
Македонија
Детален список: каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон за заштита од пушење
Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше прикачен на ЕНЕР и има за цел системска заштита на јавното здравје и намалување на една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава – пушењето.
Целосна забрана за пушење во речиси сите јавни и работни простори
Со предлог-законот се воведува целосна забрана за пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во:
1. Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
2. Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
3. Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
4. Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
5. Во објекти и возила што претставуваат работни места;
6. Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
7. Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
8. На станици на градски и приградски јавен превоз;
9. Во приватно возило во присуство на дете;
10. Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
11. Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
12. Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
13. Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
14. Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
15. Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа
16. Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца).
„Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.
Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени, отворени од најмалку три страни и без стаклени, пластични или најлонски прегради.
Драстични ограничувања за рекламирање и промоција
Предлог-законот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на продажбата на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин.
Посебно внимание се посветува на медиумската и уметничката содржина. Прикажувањето на пушење во филмови, серии, телевизиски програми, видеоигри и интернет содржини ќе биде строго ограничено, а дозволено само во случаи кога е неопходен дел од уметничката концепција за возрасна публика, и тоа со задолжителна здравствена порака дека пушењето е штетно.
Забрана за ароми и вкусови – крај за ментол и овошни никотински производи
Една од најстрогите одредби се однесува на целосна забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Ова ги опфаќа и електронските цигари, течностите со и без никотин, загреаниот тутун и бездимните производи.
Според предлогот, ваквите вкусови директно ги таргетираат младите и ја зголемуваат веројатноста за рано создавање зависност од никотин.
Строги правила за продажба и изложување
Со новиот закон се забранува продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Тутун и никотин нема да смеат да се продаваат во угостителски објекти, на плажи, пазари, саеми и за време на јавни настани.
Изложувањето на цигари и други производи на видливо место во продавниците ќе биде забрането. Тие ќе мора да се чуваат во затворени шкафови.
„Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени. Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се вели во предлог-законот.
Високи казни и затворање објекти
Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи и Управата за извршување на санкции, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во согласност со надлежностите утврдени со закон.
Предлог-законот предвидува високи парични казни – од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, до 2.000 евра за одговорни лица и до 300 евра за физички лица. Инспекторите ќе имаат овластување да изречат и привремена забрана за вршење дејност – до три месеци за правни лица кои не ја почитуваат забраната за пушење.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со криви направи пресек на состојбата по обилните врнежи до 18:30 часот.
Источен регион – Штип
Во моментов нема позначителни врнежи, а водостоите на реките се во опаѓање. Активностите за средување на коритото на Оризарска Река во Чешиново–Облешево ќе продолжат во понеделник. Поради претходните врнежи има зачестени одрони и свлечишта, особено на патниот правец Истибања – Делчево и кон граничниот премин. ЈП „Македонија Пат“ и СВР Штип ги одржуваат патиштата проодни.
Скопски регион
Нема нарушување на редовната состојба поврзано со обилните врнежи од дожд.
Југозападен регион – Охрид и Струга
Во Охрид, Кризниот штаб е на терен и ги контролира критичните точки. Регистрирано е излевање на реката Сушица кај ул. Прилеп, каде се интервенира со багери и се прават насипи. Во селата Орман и Дебелополе реката Далјан е со максимален водостој, но без излевање. Кај с. Вапила, надојдената вода го подјадува патот под мостот кон селото Ливоишта и ќе се интервенира со механизација. Поплавени се поголем број подрумски простории.
Во Струга се пријавени поплавени дворови во четврти реон на Мислешевски пат, како и повеќе куќи во с. Мислешево и дворови во с. Калишта. ТППЕ Струга интервенира со пумпи, а состојбата е пријавена до Општина Струга и ДЗС Струга.
Дебар
Реката Радика има зголемено, но стабилно ниво, без опасност од излевање. Сите патни правци се проодни. Забележани се помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат. Се спроведуваат повеќекратни теренски контроли во текот на денот.
Кичево
Водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но под нивото на излевање. Најкритично е кај ул. Прилепска, каде состојбата со 125 поплавени објекти е непроменета. Евакуирани се околу 150 лица и се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Екипи на ЈП „Комуналец“, ДЗС и приватни фирми работат на насипи, проширување и чистење на речното корито. За евакуираните лица е обезбедена храна, медицинска грижа, облека и основни услови за престој.
Битолско–Пелагониски регион
Во Битолско–Пелагонискиот регион се регистрирани повеќе последици од поројните врнежи, при што надлежните служби интервенираат на повеќе локации.
Поради оштетување на мост на Боишка Река, затворен е локалниот пат кон село Мренога. ЈП „Комуналец“ превентивно интервенира во населбата Мургашево со проширување на речното корито со цел заштита на околните куќи.
Поради поројните врнежи во изминатите денови дојде до поматување на водата за пиење, поради што се препорачува истата да се преврива најмалку 10 минути. Нивото на реката Црна кај с. Бучин беше покачено, но е стабилизирано и во моментов не постои опасност од излевање. За превенција, ЈП „Комуна“ ги зајакна и поткрена насипите на критичните точки.
Во општина Крушево е пријавено излевање на Крушевска Река кај мостот на патот Кривогаштани – Светомитрани. По координација со општина Кривогаштани договорена е интервенција според потребите на терен.
Во општина Долнени е пријавена штета кај жител на с. Лажани, каде се поплавени двор и приземни простории, со оштетувања и на земјоделски култури. Поплавувања се евидентирани и во селата Пешталево и Лажани поради неисчистени канали, при што интервенирано е со градежна механизација за расчистување.
Во повеќе села се регистрирани поплавени земјоделски површини:
с. Кравари – заезерени 10–20 хектари земјоделско земјиште (без опасност по објекти),
с. Жабени и с. Породин – во текот на денот беа поплавени околу 70–80 хектари, по што водата постепено се повлече.
Излевање е евидентирано и кај Елешка Река, каде беа поплавени околу 50 хектари земјоделски површини, но до попладневните часови водата се врати во коритото.
Поради оштетувања од водата, патот кон Буковски манастир беше разорно раскопан, но по интервенција на ЈП „Нискоградба“ патот е саниран и пуштен во употреба. Активни се и интервенции на свлечишта кај селата Буково, Горно Ореово и Бистрица, како и чистење на канали и речни корита на повеќе локации.
Како последица на врнежите, на повеќе места се поплавени земјоделски површини, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка. Во општина Ресен ангажирани се сите расположливи градежни машини и пумпи за црпење вода и прочистување на критичните точки.
Југоисточен регион – Струмица
Нема пријави за штети, излевање на реки или одрони. Врнежите се со послаб интензитет и состојбата е стабилна.
Североисточен регион – Куманово
Нема нарушување на редовната состојба. Реките се во коритата, а патиштата се проодни по влажни коловози. Во моментот има врнежи од дожд.
Полошки регион – Тетово
Нема пријави за материјални штети. Врнежите од снег се со слаб интензитет. Пријавени се локални проблеми со електрична енергија во делови од Гостивар, каде интервенираат екипи на ЕВН. Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Мавровска раскрсница – Маврово – Дебар.

