Македонија
Нова современа педијатриска болница на „Аџибадем Систина“
Хоспитален оддел, поликлинички педијатриски и неонатален оддел и 24/7 ургентен центар со три интензивни неги – неонатална, кардиохируршка детска и педијатриска се дел од новата Педијатриска болница, која се наоѓа во комплексот на Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Новата Педијатриска болница, која е единствена од ваков тип во регионот, е распространета на површина од 4.000 квадратни метри и содржи и педијатриски бургентен центар, педијатриска кардиохирургија со интензивна нега и интервентна педијатриска кардиологија, дневна болница, Центар за рано откривање и третман на деца со сите форми на развојно доцнење.
Во болницата се вклучени 210 врвни професионалци. Во целата Педијатриска болница се вметнати и едукативни и содржини од забавен карактер со што се овозможува едно дополнително искуство при посетата и престојот на децата.
„Денеска сме тука да го одбележиме проширувањето на Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ со отворање на новата Педијатриска болница. Болницата ги содржи сите педијатриски супспецијалности и е достапна за сите пациенти, како амбулантски така и хоспитални, а овозможува и изведување и на најкомплицираните педијатриски интервенции и кардиохируршки операции кај деца“, изјави Ѓун Ѓунсој, главен извршен директор на „Аџибадем Систина“
Поликлиничкиот дел располага со 14 педијатриски и 4 неонатални амбуланти со што на едно место овозможува комплетна грижа за детското здравје. За децата се грижат 36 врвни и искусни педијатри-супспецијалисти по детска кардиохирургија, детска кардиологија, детска ревматологија, детска пулмоалергологија, детска неврологија, детска нефрологија, детска хемато-онкологија.
Во рамки на болницата има и развојна педијатрија, ортопедија, стоматологија со анестезија, гастроентерохепатологија. Ќе функционира и специјална детска едукација, детска офталмологија, детска анестезиологија, детска дерматологија, детска радиологија, детска оториноларингологија, детска диетологија и нутриција.
Новата болница има капацитети за изведување на секаков вид хируршки зафати кај децата – детска кардиохирургија и детска хирургија. Поликлиниката располага и со 10 дијагностички амбуланти и тоа кабинет за ехосонографија, спирометрија, кабинет за пулмоалергологија, EMG-кабинет, EEG-кабинет.
Во склоп на Педијатриската болница, функцонира и педијатриски стационар со 16 болнички еднокреветни соби, од кои две ВИП-соби и една изолација со негативен притисок. Неонаталниот стационар, пак, располага со 27 неонатални кревети по принципот мајка-дете (rooming in).
Медицинскиот тим го сочинуваат и 80 медицински сестри, 36 болничари и друг вдополнителен помошен персонал. Педијатриската болница, велат од „Ацибадем Систина“, по бројот на персонал, услугите и третманот кои ги нуди за децата, заедно со врвниот кадар на реномирани доктори, како и најнапредната технологија и апаратура со која е опремена го добива приматот на единствена и најсовремена педијатриска болница од ваков тип во земјата и регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Власта со нов закон го силува правото и ја продолжува легализацијата на дивоградби“, велат од Левица
„Група пратеници од власта до Собранието доставија срамни предлог измени, на уште посрамен и исклучително погрешно замислен и применет закон, Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Уште кога беше донесен овој закон во 2011 година – со кој се легализира неправото – се воведе реална опасност за легализација на секаков тип на објекти, без разлика на нивната безбедност. Неспособноста на своите градоначалници за урбанистичко и просторно планирање ДПМНЕ повторно сака да ја продолжи за уште пет години!“, велат од Левица.
„Предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со кои се продолжува рокот за „легализација“ на дивоградбите, практично претставуваат уште еден обид за административно решавање на длабоко системски, урбанистички и безбедносен проблем, без суштинска анализа на последиците врз јавниот интерес. Клучниот проблем не е само во продолжувањето на рокот, туку во начинот на легализација кој државата упорно го практикува со години.
Дивоградбите, согласно постојната и предложената регулатива, се легализираат исклучиво со геодетски елаборат, без никаква обврска за документација за конструктивниот систем; проектна документација за изведена состојба; увид во начинот на изведба на носечките елементи, проверка на електро, водоводни и канализациски инсталации; мислење или верификација од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).
Со тоа, државата свесно создава правен статус за објекти за кои нема никаква трага за нивната безбедност. Во земја која се наоѓа во сеизмички активна зона, каде Скопје и други градови имаат историско искуство со катастрофални земјотреси, ваквиот пристап не е само технички пропуст, туку институционална неодговорност. Легализацијата во ваква форма не значи „уредување на состојбата“, туку премолчено прифаќање на потенцијално небезбедни конструкции, префрлање на ризикот врз идните корисници и општеството, создавање на градови со правно легални, но технички непознати објекти.
Дополнително, со секое ново продолжување на роковите, државата испраќа јасна порака дека бесправното градење се исплати, урбанистичките планови се препорака, не обврска и дека оние што граделе согласно закон се доведени во подредена позиција.
Левица потенцира дека ова не е прашање на „флексибилност“ кон граѓаните, туку прашање на јавна безбедност, урбанистичка правда и социјална одговорност. Треба ли да потсетиме повторно дека во Кочани трагедијата се случи токму во легализирана дивоградба?
Доколку навистина постои намера за решавање на проблемот со дивоградбите, тогаш секоја легализација мора да вклучи:
-задолжителна техничка документација (основен проект со сите фази) и конструктивна проценка;
-проверка на сеизмичката отпорност;
-минимални стандарди за безбедност и функционалност;
-мислење од сектор за урбанизам за усогласеноста на објектот со постоечките урбанистички планови.
Со ова би се добила вистинска институционална одговорност, а не само административна формалност. Во спротивно, продолжувањето на роковите е само одложување на ризикот, кој нема да исчезне, туку ќе се манифестира при првиот сериозен земјотрес, хаварија или инфраструктурен дефект.
Државата не смее да го стимулира бесправното градење и урбанистичкиот хаос, туку напротив, мора да биде гарант на безбедноста и квалитетот на живеењето“, се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 12 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Стопанска Комора на Р.С. Македонија на улицата „Димитрие Чуповски“ и улицата „Даме Груев“ и сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Адвокатите на Заев вршеле притисок, предметот „Пуч“ останал неотворен во СЈО
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наместо како независнa институција, функционирало како партиски штаб на СДСМ, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста, повикувајќи се на изјави од поранешната обвинителка Лејла Кадриу.
Според Кадриу, четворица адвокати на Зоран Заев во времето на СЈО вршеле притисок врз обвинители за предметот „Пуч“.
„Во СЈО дошле 4 адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот „Пуч“. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се наведува, предметот потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и фолија, и доделен на обвинителките Ленче Ристоска и Лиле Стефановска, но не бил процесуиран.
„Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, се уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан. Кадриу тврди дека предметот бил префрлан и чуван без суштинска постапка, што отвора сомнежи за неговото реално процесирање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Кадриу посочува и дека најмалку уште два предмети, меѓу кои случаите поврзани со Гордана Јанкуловска и Нешковски, биле политички мотивирани и користени за постигнување одредени политички цели, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство да ги истражи наводите темелно и непристрасно, со цел, како што наведуваат, да се утврди вистината и евентуалната одговорност.

