Култура
Изложба на уметницата Весна Стефановска во Музејот на современа уметност
Од 4 до 23 септември во Музејот на современа уметност во Скопје ќе се одвива првиот мултимедијален настан „Во длабоко и танцувајте“ (In deep and dance), на уметницата Весна Стефановска.
Изложбата содржи десетина дела на авторката од 1998 година меѓу кои инсталации во простор, видеоинсталации, перформанс и „ready made“ содржини, групирани, артикулирани во циклусите „Отсуство“ (Absеnce), „Возови рефлексии“ (Train reflections), „Дојдете да видите како пoминува времето“, (Come and see the time go by), „Ничија“ (Nobody’s) и „Часовник“ (Timе piece). Како и премиерата на првата инсталација и перформанс од делото „В кревет“ (Bed time) истражување на нашиот однос кон подсвеста и интимноста, која секако треба да се открие.
Во сценографија конципирана од самата авторка, оваа изложба го прегрнува речеси целиот нејзин yметнички опус ставајќи го акцентот на делата реализирани од почетокот на 2000 години и група нови досега неприкажани дела.
Паралелно со поставката во Музејот на современа уметност, а во рамки на изложбата „Во длабоко и танцувајте“, уметницата нуди две инсталации во јавен простор под наслов „Возови рефлексии“ (Train Reflexions) во Старата железницка станица и „Oтсуство“ (Absence) на друга локација во градот, трансгресирајќи ги на тој начин границите помеѓу ентериер и екстериер, тука и таму, отворен и затворен, личен и јавен простор. Како дел од овој пристап кон просторот инсталацијата „Oтсуство“ ќе биде реализирана во повеќе збратимени градови на Скопје во странство и на пошироко интернационално ниво.
Изложбата е реализирана со поддршка и соработка со Музејот на современа уметност, Градот Скопје, Министерството за култура и Францускиот институт во Скопје.
Ова ќе биде нејзината втора самостојна изложба во земјава, по изложбата „Прозорец“ реализирана во 1997 година. Во меѓувреме го издвојуваме нејзиното учество на изложбата „Нарцисизми“ во 1999 година и перформансот „Ничија“ пред Универзалната сала во 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска-Головска и Ема Димовска во Скопје
Изложба на колажи и графики од Ивана Мојсовска Головска и Ема Димовска во Скопје организира Културно-информативниот центар – Скопје.
„Room 93“ — Ивана Мојсовска Головска
Во интимниот свет на серијата колажи на Ивана Мојсовска Головска, просторот станува и засолниште и замка – псохолошки простор во кој фигурата ја преиспитува сопствената присутност. Во овие надреални сцени, блискоста и изолацијата се две лица на истата желба за поврзување. Свет што се шири до бесконечност, но во себе носи клаустрофобија.
Ивана Мојсовска Головска (р. 1993) е визуелен уметник чиј експресивен и експериментален пристап го дефинира нејзиното творештво. Дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство, каде што и денес живее и работи како независен уметник.
Нејзината практика опфаќа различни медиуми — сликарство, колажи, фотографија, инсталациja и сценографиja — преку кои таа често ја прикажува човечката емоционална комплексност во современиот свет. За неа, уметноста е начин за соочување со суровите и длабоко лични вистини на постоењето; нејзините дела ги изразуваат овие емоции преку апстрактни и експресивни форми, интензивирајќи ги чувствата на изолација и одвоеност. Во последните неколку години, Мојсовска го насочува своето внимание кон колажот — медиум што го истражува како простор на интимност, фрагментација и современа осаменост.
До сега има реализирано пет самостојни изложби, и има учествувано на повеќе од дванаесет групни изложби.
Награди:
2017 – „Четирите Мајстори на Модернизмот“, Галерија ФЛУ, Скопје
2023 – „The New Balkan Artistic Generation“, Osten Art Festival
„Which Self Ate Which Self“ — Ема Димовска
Серијата графики на Ема Димовска претставува визуелен запис на внатрешен процес во кој мислата се дели, набљудува и распаѓа. Формата не опишува, туку го анализира мигот на сопственото губење. Линијата и зборот делуваат како две свести што се одвојуваат и повторно се проголтуваат една со друга, создавајќи простор на постојано преклопување.
Делата ја откриваат тензијата меѓу субјектот што создава и субјектот што е предмет на сопствено испитување. Таму, во меѓупросторот помеѓу волјата и распадот, уметноста се појавува како доказ дека секое „јас“ е процес, а не форма.
ЕМА ДИМОВСКА (1994, Охрид). Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2019), оддел графика. Ја добила наградата за најуспешно графичко дело на изложбата „Студентска графика – Драгутин Аврамовски-Гуте“ (2016). Учествувала на неколку групни изложби во земјава и странство.
Изложбата ќе биде отворена до 08.11.2025 година.
Култура
Промоција на „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски во Градската библиотека во Скопје
В среда (29 октомври) во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе биде промовирана збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување според Друштвото на писателите на Македонија во 2025 година. Модератор и промотор е Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
-Расказите на Жарко Кујунџиски се раскошно славење на приказната. Без разлика дали станува збор за приказни раскажани во прво лице или низ перспективата на сезнаечки наратор, овие текстови ги користат многубројните можности на расказот како форма, богато поигрувајќи си со неговите потенцијали – подвлекува Владимир Јанковски за збирката раскази „Приказничар“ која е во издание на Антолог.
Жарко Кујунџиски (1980) е писател и издавач. Дипломирал во 2003, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност во Скопје. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“. Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. Автор е на 13 книги. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „The Best European Fiction“ 2013. „Spectator“ е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е објавен на полски и на српски јазик. „Америка“ е објавен на италијански јазик. Романот „Сфинга на гневот“ бил македонски претставник за наградата „Балканика“ во 2021 година. Добитник е на неколку книжевни награди како и на една награда за глума. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.
Настанот е дел од традиционалните активности на Библиотеката за претставување и промоција на делата наградени од ДПМ.
Култура
Изведбата на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II ќе се одржи на 28 октомври на големата сцена на МОБ
По успешната премиера на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, која предизвика одличен прием кај публиката и бурни аплаузи, Националната опера и балет ја најавува следната изведба на ова ремек-дело, што ќе се одржи на 28 октомври 2025 година со почеток во 20.00 часот на големата сцена на МОБ.
Диригент е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Верица Ламбевска, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Дејан Стоев, Злата Тошевска Димовска, Ана Ројдева, Николина Јаневска, Кристијан Антовски, Невен Силјановски, Марјан Николовски, Јаворка Витанова и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.

