Македонија
Силвана Бонева обвинета дека со лажни сметки за патни трошoци зела над 100.000 евра
Скопското основното јавно обвинителство поднесе обвинение портив поранешна пратеничка во македонското Собрание која се товари за продолжено кривично дело измама.
Од обвинителството информираат дека станува збор за предметот во јавноста познат како „Друмарина“ за кој истражната постапка ја водеше СЈО.
Потсетуваме, овој предмет се однесува на поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, поради измами поврзани со користењето на патните трошоци.
Обвинетата во периодот од 01 јануари 2011 до 16 декември 2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, со намера за себе да прибави имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно повторување на исто кривично дело измама.
Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници, со што го довела во заблуда овластеното лице да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во вкупен износ од 6.458.551 денари (над 100.000 евра).
Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале од Струмица и обратно.
Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

