Македонија
НВО Инфоцентар: Случајот „Мавровка“ e потврда дека е потребна итна реформа во инспекцискиот надзор
Случајот „Мавровка“ е уште една потврда дека се потребни итни, темелни и добро осмислени промени во функционирањето на општинските инспекциски служби за тие да бидат ефикасни, независни и во функција на граѓаните, а не на моќниците, велат од НВО Инфоцентарот.
Тие со поддршка на Амбасадата на САД пролетва ја истражија состојбата со општинските инспекциски служби и спроведоа истражување на јавното мислење.
Од истражувањето беше заклучено дека општините во државава немаат доволно капацитети (човечки, финансиски, техничко-технолошки) за да организираат ефикасна инспекциска служба на локално ниво.
„Речиси нема општина во која се пополнети сите предвидени инспекторски позиции, па оттаму, во некои општини постои практика еден инспектор да врши инспекциски надзор во повеќе области. Законската регулатива по која работат и постапуваат општинските инспектори е нехармонизирана, а неретко и противречна. Општинските инспектори се назначуваат од градоначалниците и ним директно им одговараат. Ова положба на инспекторите го прави нивниот интегритет ранлив на политички и бизнис-влијанија и го зголемува ризикот од корупција. Ризикот од корупција веќе е голем поради фактот што општините во исто време се и даватели на услуги и вршат инспекциски надзор над тие услуги. Затоа, инспекторите често се наоѓаат во маѓепсаниот круг на таквите политички и бизнис-влијанија, од една и законите, граѓаните и јавниот интерес, од друга страна“, се наведува во заклучокот од истражувањето.
Според НВО Инфоцентарот разбирливо е што според истражувањето на јавното мислење, над 40% од граѓаните сметаат дека инспекторите во својата работа зависат од градоначалниците.
Речиси исто толку граѓани сметаат дека општинските инспектори не се професионални и ефикасни, како и дека наместо да ги штитат граѓаните и јавниот интерес, ги штитат интересите на политичките и бизнис-моќници.
Жителите на Скопскиот Регион, луѓето со високо образование и оние на возраст од 35 до 44 години се најголеми застапници на тезата дека инспекторите се зависни од волјата на градоначалниците.
Имајќи ја предвид постојната ситуација и досегашните искуства, потребно е да се изгради нов модел за локалните инспекциски служби кој ќе им овозможи тие да бидат целосно независни, функционални и ефикасни во заштитата на интересите на граѓаните и на заедницата во целина.
Постојат размислувања локалниот инспекциски надзор да се спроведува преку независна инспекциска служба надвор до ингеренциите на локалната власт, која ќе функционира на ниво на една општина, регионално или, пак, национално. Исто така, има размислувања и за формирање независна национална агенција за инспекциски надзор во општините.
Клучниот фактор од кој зависи поттикувањето и спроведувањето реформи е политичката волја на извршната и законодавната власт да создаде инспекциски надзор на локално ниво кој ќе биде независен, ефикасен и отпорен на корупција.
Новата Влада во својата програма најавува дека ќе поддржи „модел за подобри и посилни инспекциски служби на единиците за локална самоуправа“, но сите предложени модели, како и други можни форми за самостојно и ефикасно функционирање на општинскиот инспекциски надзор и неговото законско регулирање мора да бидат предмет на продлабочена и компетентна анализа, како и на сериозна стручна и јавна дебата, која ќе ги поттикне реформите во оваа област, сметаат од НВО Инфоцентарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

